Втор состанок на Заедницата на пракса за советодавна (делиберативна) демократија во Југоисточна Европа

Претставничка од ЗЕЛС и од општините: Аеродром, Центар и Македонски Брод, кои минатата година се пријавија на повикот на Проектот „Промовирање на делиберативна демократија и иновативни пристапи за учество на граѓаните во Југоисточна Европа“ на 29 јануари, 2025 година,  учествуваа на вториот состанок на  Заедницата на пракса за делиберативна демократија, што се одржа преку онлајн платформа.  Првиот состанок беше одржан минатата година, во Тирана, кога беше основано ова тело, со цел споделување на најдобри практики од областа на граѓанското учество во локалната самоуправа и промовирањето на механизмите за учество на граѓаните во донесување на одлуки од локално значење, меѓу земјите од Југоисточна Европа. Заедницата е формирана како дел од Проектот, што е имплементиран од Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, во партнерство со НАЛАС со финансиска поддршка на Германија. Заедницата на единиците на локална самоуправа во РСМ -ЗЕЛС ја има  улогата на координатор на Проектот  за општините во нашата земја.

Во Заедницата учествуваат и претставници на општини и асоцијации на единици на локална самоуправа од : Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, односно вкупно 18 општини и шест асоцијации. Заедницата на пракса за делиберативна демократија треба да претставува платформа за размена на досегашни искуства и  да придонесе за јакнење на административните капацитети на локалната власт од земјите од Југоисточна Европа. Активностите на Заедницата ќе ги координира Мрежата на национални асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа (НАЛАС).

Презентирани добри практики од спроведувањето на советодавна (делиберативна) демократија 

Централна тема на вториот состанок беше функционирањето на таканаречените граѓански собранија што веќе се организирани во голем број европски градови и општини. За концептот на овие собранија, за нивната улога и за специфичните елементи (особено во почетната фаза), но и за разликите во однос на другите форми на делиберативна демократија, говореше професорот Дамир Капиџич. За искуствата на организирање на граѓанските собранија и за позитивните резултати од нивната примена, говореа градоначалникот на Ријека, Марко Филиповиќ и претставникот од градот Болоња. Посебно внимание беше посветено на спецификите на мобилизирање на граѓаните во собранијата, рамноправната застапеност по пол, возраст и  интереси,  се со цел  крајниот резултат  да обезбеди  доверба и кредибилитет на одлуките што ќе бидат донесени.  Беше посочено дека Собранието на граѓаните му доставило на градот Ријека  преку 90 предлози и препораки што треба да придонесат  за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, а веќе 48 од нив градот ги реализирал. Во  градот Болоња, собранието на граѓаните е формирано како резултат на протести од страна на граѓаните во однос на Декларацијата за итни климатски и еколошки интервенции.  И оттука дури и називот на собранието го добила името Климатско Граѓанско собрание со 100 членови. Основната цел е во период од осум месеци да се постигне : дефинирање на предлози и препораки до градот Болоња за да стане првиот соларен, обновлив и одржлив град; да се состават предлози за ублажување и прилагодување кон климатските промени и да се предвидат административни инструменти за реакција. Како резултат на работата на собранието усвоени се 6 препораки, 24 предлози и повеќе од 100 предлози за дејствија. 

Овие примери се вистински показател за промените што можат да ги иницираат  овие собранија и да бидат поттик за примен и во други  општини и градови од земјите од Југоисточна Европа. Во рамките на Здружението веќе се обучуваат лица кои ќе им бидат ставени на располагање на локалните самоуправи за поддршка во  преземањето на чекорите за воспоставување и работа на собранијата на граѓани. Исто така, за сите активности во рамките на шесте вклучени асоцијации на локални власти ќе се овозможи меѓусебна блиска соработка и комуникација при пренесувањето на процесот во сите заинтересирани општини . До крајот на проектот се предвидени  уште две средби, од кои следната ќе биде во Скопје.