Средба на Управниот одбор на ЗЕЛС со министерката за финансии

-,, Благодарност до министерката за финансии, Гордана Димитриеска  Кочоска која ја прифати поканата од ЗЕЛС и дојде  на средба со членовите на Управниот одбор на Заедницата да поразговараме за значајни прашања од областа на финансирањето на локалната самоуправа, кои  создаваат бројни предизвици за општините. За жал таква можност во минатото речиси немавме и затоа дискусијата што ја отворивме денес ќе продолжи и во иднина, во насока на изнаоѓање на крајни решенија за подобрување на финансиската стабилност на единиците на локална самоуправа. Со потпишување на новиот Меморандумот за соработка меѓу ЗЕЛС и Владата,  во август минатата година, односно после 23 години, беа ревидирани начините на реализирање на взаемен дијалог каде  посебно внимание е посветено на  потребата од соодветно финансирање на општините и обезбедување на развој на фискалната децентрализација “.  Ова го изјави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, во изјава пред медиумите, по седницата што се одржа во административната зграда на Заедницата,  на 7 февруари, 2025 година.

И министерката за финансии, пред медиумите, нагласи дека само преку дијалог може да се постигнат поголеми резултати во насока на обезбедување на подобар живот и  подобри услуги за граѓаните и дека токму на оваа средба сигнализирала на потребата за поголема соработка во забрзувањето на процесите за  реализацијата на  проектите за енергетска ефикасност во општините, што се спроведуваат со средства од кредити земени од Светска банка во 2021 година. Таа посочи дека  еден од приоритетите на Владата и се општините и обезбедувањето на  финансиска поддршка за нивно   квалитетно функционирање во интерес на граѓаните. 

На средбата, членовите на Управниот одбор на министерката и ги посочија Систематизирани  ставови на ЗЕЛС во областа на финансии,  како и потребата од зголемување на средствата во блок и во наменските дотации што ги добиваат општините од централната власт за спроведување на префрлените  надлежности. Беше нагласено дека од особен предизвик се дотациите за: образованието,  градинките и за противпожарната заштита.  Заложбите на ЗЕЛС се во насока на почитување на заложбите  утврдени во Европската повелба на локалната самоуправа каде за секоја префрлена надлежност локалната власт треба да добие соодветни средства за нејзино спроведување. Она што со години го испорачува централната власт  до општините не е доволно, па тие  недостатоци ги обезбедуваат општините од сопствениот буџет. Во таа насока беа изнесени и направените анализи на ЗЕЛС во овие три области кои се евидентна потврда за недоволните средства . Во областа на противпожарната заштита, од вкупно потрошените средства за оваа намена во државата, општините учествувале со речиси 50%.  Слични состојби покажува и анализата во областа на образованието и во градинките каде предизвиците се јавуваат и во делот на добивање на согласности за вработување на кадри, што ги  одобрува министерството за финансии.  Се говореше и за генерираните долгови во дел од јавните претпријатија, каде меѓу бројните предизвици беа посочени и оние со електрична енергија, но и оние предизвикани не по нивна вина , туку поради  одредени законски препреки.  Во согласност со  Систематизираните ставови на ЗЕЛС  беше предочено барањето на ЗЕЛС за зголемување на процентот од  распределбата на средствата од ДДВ во полза на општините, односно од сегашните 6% тој да изнесува најмалку 10%,  а во однос на зафаќањето од приходите од персоналниот данок, од сегашните 6% да се покачи на најмалку 30% или 50% во полза на општините. Впрочем, скоро секаде во Европа, општините добиваат 100% од персоналниот данок, а во државите во непосредното опкружување, тој процент се движи од 50% до 80%, додека кај нас е многу низок. На средбата беше посочено дека општините исто така треба да се подготвуваат за вториот јавен повик за аплицирање за средства за реализација на инфраструктурни проекти. Станува збор за средствата  во висина од  250 милиони евра од Унгарскиот кредит на државата,  чија реализација се очекува да биде ефикасна за што  општините  може да си помагаат меѓусебно со размена или консултации околу реализацијата на проекти, но исто така да побараат подршка и од централната власт.   

Членовите на Управниот одбор дискутираа и околу покренатата иницијатива за измени  и дополнувања на Законот за локална самоуправа. Беше нагласено дека  ЗЕЛС и во изминатиот период постојано укажуваше на потребата за реформи во локалната самоуправа. Беше заклучено да се консултираат сите општини, кои преку своите административни служби до крајот на следната недела ќе достават соодветни предлози  и иницијативи за законски измени. Истите ќе бидат разгледани  на следната седница на Управниот одбор кога ќе бидат  донесени и сублимирани ставови што ЗЕЛС ќе  ги достави до  централната власт.  

Дискусија за отвори и за други актуелни прашања од локалната власт. Така, на доставената иницијатива од Општина Центар за покренување на меѓу институционална соработка за изнаоѓање на соодветни решенија поврзани со зачестените појави на вандалско однесување и уништување на урбаната опрема, јавните добра и други предмети на јавни површини во повеќе општини, од страна на малолетни лица, Управниот одбор донесе заклучок да се иницира до Владата да  формира Работно тело со претставници од соодветни институции кои ќе дејствуваат на донесување на иницијативи за потребни законски измени за превенција од малолетнички појави. Особено беше посочена потребата од промени во Законот за малолетничка правда и Законот за прекршоци. Беше дискутирана потребата за воведување на општокорисна работа, како механизам за намалување на ваквите појави, на начин кој е прилагоден исклучиво за малолетници, но и соодветни механизми за  одговорност на родителите. 

Членовите на Управниот одбор го разгледаа достигнатото барање до ЗЕЛС од страна на Извршниот комитет на економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE) за номинирање на тројца градоначалници кои присуствуваат на Првиот форум на градоначалници, што ќе се одржи во Женева во периодот од 6 и 7 октомври, 2025 година. Беше заклучено да се информира Комитетот дека во тој период во нашата земја ќе се спроведуваат активности за редовни локални избори и да се праша дали учество  може да се обезбеди и преку членови на општински совет или од општинската администрација 

На дневен ред на седницата беше ставен и изборот  за членови во Комисија  за стратешко планирање на ЗЕЛС,  кои ќе го подготвуваат Предлог -стратегискиот план на ЗЕЛС за 2026-2030 година .Беа изгласани  градоначалник на Општина Радовиш, Ацо Ристов, градоначалникот на Општина Прилеп- Борче, Јовчески ; Висар Ганиу градоначалник на општина Чаир, Перо Костадинов- градоначалник на Општина Валандово  и градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи.