Членови на Управниот одбор на ЗЕЛС имаа средба со министерската за енергетика, рударство и минерални суровини

 

Управниот одбор на ЗЕЛС, на 13 февруари, 2025 година, имаше средба со министерската за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска на која се дискутираше за изнаоѓање на најповолни решенија за општините, поврзани со високите сметки на електрична енергија  што ги плаќаат училиштата, градинките и јавните комунални претпријатија, основани од општината или градот Скопје. Средбата се одржа во просториите на Министерството за енергетика , рударство и минерални суровини .

Според постојната законска регулатива,  комуналните претпријатија кои имаат над 50 вработени и над два милиони евра годишни приходи, се обврзани набавувањето на електричната енергија да го спроведуваат на слободен пазар. Тоа доведе голем дел од овие претпријатијата да создаваат долгови што води кон оневозможување на нивното натамошно соодветно функционирање. Во таа насока ЗЕЛС и во периодот на енергетска криза, пред две години, посочуваше дека овие претпријатија се  непрофитни установи чии активности се од јавно добро и дека за истите треба да се обезбеди набавувањето на електрична струја да е на регулираниот пазар, односно  да плаќаат стриуја како за домаќинства. Управниот одбор дури понуди предлог општините да ја купуваат електричната енергија од ЕСМ, па и по нејзината  производствена цена, само да се запре или забави трендот на таложење на долговите поради високите сметки за електрична енергија.

Министерката Божиновска ги информираше присутните членови на УО дека со воведувањето на Македонската енергетска берза (МЕМО ) ќе се обезбеди соодветно  намалување на  крајната цена на струјата, по распишана тендерска постапка, бидејќи нема да имаа одредени давачки кои досега се пресметувале во формирањето на  крајната цена, кога снабдувањето со електрична енергија одело преку други берзи, односно преку Унгарската берза за струја. Исто така, во насока на дополнителна заштеда на средства при набавка на електрична енергија, министерката посочи  дека е договорено со Бирото за јавни набавки да обезбеди унифициран урнек на технички спецификации што ќе им биде достапна на сите и која треба да помогне на  општините и јавните претпријатија, при  набавка на овој енергенс на слободниот пазар. Министерката нагласи дека од Министерството ќе бидат назначени лица за  контакт кои ќе делуваат како советодавно тело за институциите при набавка на електрична енергија.

Министерката Божиновска ги охрабри општините што поинтензивно да ги користат можностите за обезбедување на електрична енергија од обновливи извори. Беше посочено дека на располагање се неискористени средства од Светска банка што се наменети за енергетска ефикасност , каде општините може да  аплицираат со проекти од овој вид. Беше најавено дека наскоро ќе биде објавен и јавен повик. Општините побараа проектите за енергетска ефикасност да се спроведуваат преку Министерството за енергетика, наместо преку повеќе различни институции, со цел поголема ефикасност и побрза реализација.

Во однос на изнесените предизвици со кои се соочуваат општините што веќе започнале процес на формирање на јавни претпријатија за енергетска ефикасност ( Општина Радовиш и Општина Центар), особено во делот на исполнување на барањата за добивање на лиценца од страна на Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад,  беше изнесено ветување од страна на министерката Божиновска дека сериозно ќе ги разгледа истите  и ќе разговара со ова тело во насока на изнаоѓање на соодветни решенија. 

Отворено беше и прашањето за кривична одговорност во случаи на несоодветно управување со јавните набавки за електрична енергија, доцнење во процесот или ненавремено планирање, што доведува до финансиски загуби и долгови.

Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски искрено се заблагодари на министерката Божиновска за подадената рака, низ дијалог со општините да се решат бројни предизвици од оваа област кои пред се се во интерес на сите граѓани. Нагласи дека и во минатото општините се соочуваа со слични предизвици, но немало разбирање од  тогашната власт  за дијалог. Тој кажа дека  во иднина  мораме да се заложиме сите да се обезбедат поповолни услови за набавка на електрична енергија, бидејќи станува збор за непрофитни организации  чии услуги се од интерес на сите граѓани.