Комитетот на советите при ЗЕЛС иницираше предлог -решенија за измени во Законот за локална самоуправа
Комитетот на советите при ЗЕЛС ја одржа четвртата седница на која се отвори дискусија за иницирање на предлози за измени во Законот за локална самоуправа во насока на надминување на одредени предизвици со кои се соочуваат поголем број на општински совети во своето работење. Присутните ги разгледаа и предлог-насоките за измени во Законот за локална самоуправа, што беа утврдени на последната седница на УО и доставени на дополнување до сите општини.
Членовите на Комитетот нагласија дека улогата на Советот на општината треба да се издигне на повисоко ниво од сегашното, особено во делот на обезбедување на непречена комуникација меѓу претседателот на советот и советниците со градоначалникот како и во делот на обезбедување на поголема одговорност во почитување на одлуките на Советот од страна на градоначалникот. Беше посочено дека во некои општини соработката меѓу советот и градоначалникот е непречена, независно од политичката структура на советниците или на градоначалникот, а некаде таа е на многу ниско ниво и е на штета на граѓаните.
Беа изнесени видувања изборот на градоначалник да се врши според моделот што се применува во други земји (САД, Србија Малта...), односно да оди во насока изборот да го врши Советот. Исто така, се говореше и за можностите за намалување на бројот на советници, како и за напуштање на досегашните советнички листи, односно изборот за советник да биде по поединечно физичко лице, како што е применето во некои земји. Со цел подобрување на улогата на Советот, беше изнесен и предлог, Советот да преставува посебно правно лице на општината, кое ќе има неколку административни службеници за спроведување на своите активности.
Членовите на Комитетот на советници при ЗЕЛС дискутираа и за изнаоѓање на решенија кога соработката на Советот и градоначалникот е на многу ниско ниво и градоначалникот влијае на општинската администрација за бојкотирање на работата на Советот. Во таа насока беше нагласена потребата за попрецизно законско дефинирање на обврската на градоначалникот за учество на седници на Советот, особено при донесување на Буџет на општината, како и во делот на поднесување на извештаи за работа на општината, пред Советот. Беше изнесено размислување и за професионализација на функцијата на претседател на Совет на општината, кој би имал мал стручен административен тим, кој директно ќе одговара за работата пред претседателот на Советот, а не пред градоначалникот. Причините за ваквиот предлог доаѓаат од констатацијата за многу примери кога градоначалник влијае на администрацијата да не се обезбедат потребни информации, па дури и да не се отчукаат донесените одлуки на Совет и истите да не се објават во Службениот гласник на општината. Исто така, беше предложено да се засили казнената политика за неизвршување на обврските кај градоначалник или претседател на совет, со подигнување на ингеренциите на инспекциските служби на централно ниво.
Претседателот на Комитетот на Совети при ЗЕЛС, Трајко Славески на крајот од седницата предложи да се побара мислење и од останатите членови кои не успеаја да присуствуваат, по што ќе се сублимираат ставовите и ќе се донесат соодветни препораки или предлог -решенија од Комитетот за измени во Законот за локална самоуправа, од страна.

