Се очекува брзо решавање на иницијативата на ЗЕЛС за воведување на општо корисна работа при вандалско однесување кај младите
Барањето на ЗЕЛС упатено до Владата на РСМ за формирање работна група која ќе утврди правно решение за поднесената иницијатива од Заедницата за воведување на општо корисна работа, како еден од механизмите за намалување на вандалското однесување на младите кон урбаната опрема, јавните површини и јавните добра беше експресно прифатено. Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС, на 19 февруари, 2025 година беа повикани во просториите на Владата на прва работна средба, заедно со претставници од министерствата: за транспорт; за правда; за социјална политика; демографија и млади; за внатрешни работи и за образование и наука. На средбата беа разгледани сите аспекти за потребни законски измени, што ќе ги опфатат: Законот за прекршочна постапка, Законот за пробација и Законот за правда за децата, со цел општо корисна работа да стане ефективна мерка за превенција и ресоцијализација на младите. Дополнително, беа дискутирани и можни измени во Законот за семејство и Законот за извршување на санкции. Беше посочено дека одговорноста кај малолетните деца на возраст од 14 до 16 години е опфатена и прекршочно и кривично, но под 14 годишна возраст, за дете кое сторило прекршок против јавни добра одговорен е родителот. Во таа насока се дискутираше за можностите за усогласување на законите и изнаоѓање на брзи и ефективни решенија во согласност со возраста на сторителите, односно со почитување на одредени конвенции за заштита на правата на децата.

-„Исклучително ја ценам брзината со која реагираше Владата на барањето на ЗЕЛС, кое впрочем го иницираше Општина Центар, која во изминатиот период многу често се соочуваше со вандалско однесување на малолетници. Констатиравме дека со вакви предизвици се соочуваат и многу други општини. Граѓаните од нас бараат брзи реакции не само во делот на санирање на сторената штета и реконструкција на уништените јавни добра, туку и на утврдување на одговорност од сторителите. Но нашата цел не е строго да санкционираме, особено што станува збор за малолетна популација, напротив сакаме тие да го преиспитаат своето однесување и во иднина да не го повторуваат делото, но и да превенираме за вакви идни појави и кај другата популација, не само кај малолетниците. Во таа насока сметаме дека најдобро е кога малолетното лице заедно со својот родител ќе ја извршува општо корисната работа во својата општина, односно општината каде го сторило делото. Верувам дека во најкраток можен рок ќе ги финализираме законските измени и ќе создадеме правна рамка што ќе овозможи нивна брза и ефикасна имплементација во сите општини“. Ова го истакна претседателот на ЗРЛС, Орце Ѓорѓиевски на работната средба.
На средбата присуствуваа и министерот за локална самоуправа, Златко Перински и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски. Министерот за локална самоуправа, посочи дека потребата од зајакнување на механизмот на комунален надзор била истакнувана од учесниците на досега спроведените дебата, поврзани со измените на Законот за локална самоуправа, па во таа насока се планира на оваа област да и биде посветено посебно внимание во законските измени, преку создавање на законски основ за креирање долгорочни, инклузивни и одржливи решенија. На крајот од средбата беше договорено, да се прецизираат лицата кои ќе учествуваат во стручната дискусија за усогласување и донесување на соодветно решение кое ќе обезбеди брза и ефикасна примена и сузбивање на ваквите појави во иднина.



