Втора седница на Комисијата за социјална заштита и инклузија при ЗЕЛС

Комисијата за социјална заштита и инклузија при ЗЕЛС, на 20 февруари, 2025 година во просториите на Заедницата го одржа вториот состанок. Пред присутните беа  презентирани наодите  и препораките од Анализата на децентрализација на социјална заштита во РСМ, што се реализираше во рамките на проектот ,, Регионална соработка за подобри социјални услуги на локално ниво “, што во нашата земја го спроведува ЗЕЛС во соработка со НАЛАС, а со финансиска поддршка на ГИЗ.  Претседателот на комисијата, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, посочи дека веќе подолг период заложбите на ЗЕЛС се за продлабочување на децентрализацијата на власта и во областа на социјалната заштита, од причини што општините имаат најнепосреден контакт со граѓаните од оваа категорија.  Во таа насока ЗЕЛС  започна со активности  што ќе дадат поддршка во лобирањето пред централната власт. Целта е да се изнајде најефикасниот начин на префрлање на бројни услуги од централно на локално ниво од оваа мошне сензитивна област, при што во целост треба да биде  почитувана Европската повелба за локална самоуправа, во делот на обезбедување на адекватно финансирање на префрлените надлежности со цел нивно квалитетно спроведување.

Констатиран недостаток на стручен кадар и непостојани финансиски извори за спроведување на социјалните услуги во општините  

Анализата што беше изработена од експертот, Душан Томшиќ беше презентирана пред  присутните. Тој потсети дека досега општините преземале надлежности од оваа област само во делот на  детските градинки и делумно управуваат со неколку установи за социјална заштита.  Извесен напредок во развојот на социјалните услуги е забележан преку Проектот за подобрување на социјалните услуги (ССИП), финансиран од Светска банка, каде 41 општина започнале со развој на локални услуги во заедницата, како што се помош и нега во домот, лична асистенција и дневни центри, но услугите сè уште не се системски и рамномерно распределени на цела територија. Утврдено е и дека повеќето од општините не ги исполните законските обврски и не изработиле  локални стратегии за социјална заштита и акциски планови за развој на социјални услуги, што доведува до отежнато долгорочното планирање и обезбедувањето на континуирани услуги на локално ниво. Утврдена е и неусогласеност на институционалната поставеност на социјалната заштита од трите нивоа: 1. Централно ниво (Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Центрите за социјална работа (ЦСР)) 2. Локално ниво ( општините кои имаат ограничена улога во планирање и испорака на услуги) и  3. Даватели на услуги: Јавни установи, приватни компании и  граѓански организации. Беше нагласено дека социјалната  заштита главно се финансира од централниот буџет, но забележано е и незначително учество на општините. Немањето на стабилни извори на финансирање за локалните услуги, доведува до нивно краткотрајно постоење и зависност од проекти.  Предизвик е и недостигот на стручен кадар во општините, односно мал број општини имаат социјални работници, правници или лица со искуство во планирање и управување со социјални услуги, па во таа насока мал е и број општини  со одделенија за социјална заштита. 

Препорака за етапен процес на децентрализирање на социјалната заштита, но и  заложби за  целосно префрлање на оваа надлежност на општините 

Во Анализата утврдени се и препораки за текот на процесот на децентрализација на социјалната заштита, каде се посочува на негово етапно спроведување, во неколку фази. Први би започнале општините што досега покажале капацитет во оваа област. Паралелно би течело јакнење на капацитетите во сите општини и формирање на совети за социјална заштита кои активно би придонесувале во планирањето и развојот на општината во оваа  област. Во среднорочни мерки наведено е пренесување на  предложени надлежностите на дневните центри за лицата со попреченост (33), кои се управувани од ЦСР, на општините, вклучително и обезбедување на финансиските средства за работа, од државниот буџет. Во оваа фаза би се утврдила и префрлила  сопственоста на објектите каде се спроведува услугата, како и вработените во дневните центри. Беше наведена и можноста за примена на законското решение општините да основаат Центри за услуги (во домот и во заедницата), а средствата да се  исплаќаат по корисник согласно утврдената цена за давање на услугата. Би се подготвиле сите законски основи за префрлање на надлежностите, услугите, финансирањето и поддршка за јакнење на капацитетите на регионалните совети за социјална заштита и би се стимулирала  меѓу- општинската соработка при планирање и развој на услугите. И во третата фаза се предлага да се доврши процесот на деинституционализација, преку целосна трансформација на установите за социјална заштита – да се трансформираат во сервиси за поддршка во локална заедница и да се зголеми фискалната автономија на општините преку унапредување на механизмите за генерирање сопствени приходи (локални даноци, такси, комунални придонеси).

По презентирањето на Анализата, присутните изнесоа различни мислења за  процесот  на децентрализација на социјалните услуги,  каде дел  сметаа дека овој процес треба да оди постепено, но беше застапено и мислењето дека децентрализацијата треба да се спроведе веднаш, како што тоа беше сторено за многуте надлежности   од 2005 година  започнаа да ги имплементираат општините. Присутните се запознаа и со  актуелните модели на спроведување на надлежностите од социјална заштита во земјите од регионот. Потоа беше договорено Анализата да им бидат доставени на сите општини, да се изјаснат со свои предлози и видувања во следните две недели, а  потоа Комисијата да отвори дебата за систематизирање на ставовите со кои ќе се излезе  на средба со Министерството за социјална политика, демографија и млади.