„Проценка на потребите и можностите на општините во однос на вклучувањето на родовата перспектива во испораката на комуналните услуги“ – најнов извештај изработен од ЗЕЛС

„Потребно е јакнење на административните капацитети на општините преку организирање на основни обуки за родова еднаквост, особено за раководните лица од секторите за финансии и комунални работи, но и од другите сектори, како и обуки за раководните лица во ЈКП. Потребно е да се назначи одговорно лице за родова еднаквост во ЈКП. Да се формира Интер-секторска работна група за родова еднаквост во општините за поддршка на процесите во оваа област. Да се воспостават протоколи за соработка на секторот за животна средина/комунални дејности од општината со ЈКП, во однос на развивање и испорака на комунални услуги, протокол за информирање, протокол за вклучување на граѓаните и на други засегнати страни. Потребно е да се обезбедат родово-разделени податоци во креирањето на општинските програми и политики и во известувањата до Советот на општината и до  други институции. Редовно да се вклучуваат граѓаните во донесување на одлуки поврзани со родовиот аспект за подобрување на комуналните услуги, но и при дискусии за развивање на нови, платени комунални услуги, преку организирање на форуми во заедницата. Да се организираат кампањи за јакнење на свеста за родовиот аспект кај населението и  преку анкети да се утврди задоволството на граѓаните од квалитетот на испорачаните комунални услуги. Од особено значење би било и  општините да се потписнички на  Европската повелба за родова еднаквост.“

Ова се главните препораки што произлегоа од  анализата на пристигнатите  одговори од прашалникот што ЗЕЛС го достави до општините од Пелагонискиот и Југоисточниот плански регион, како и од спроведените средби со фокус групи реализирани во четири општини од овие два  плански региона.  Во таа насока, Ирена Николов  и  Ивана Серафимовска, координаторки во Проектот од ЗЕЛС, изработија извештај ,,Проценка на потребите и можностите на општините во однос на вклучувањето на родовата перспектива во испораката на комуналните услуги“ каде подетално е даден преглед на законска имплементација на овие мерки, актуелната административна поставеност во општините и во комуналните претпријатија, нивната меѓусебна соработка и соработката со граѓаните во делот посветен на планирањето и на спроведувањето на родовата еднаквост во комуналните услуги, со фокус на управувањето со отпад. Овие активности ЗЕЛС ги реализираше во рамките на проектот “Одржливо управување со отпад на локално ниво“, што го спроведува во партнерство со САЛАР Интернешнал, финансиран од ГИЗ.

Одговор на доставен прашалник дале 13 општини, а во четири општини се реализирани разговори во фокус групи  

Комуналните услуги ги засегаат сите категории на граѓани кои учествуваат во процесите на собирање, одлагање и депонирањето на отпадот, оттука и потребата за овозможување на еднаков пристап при креирањето и користењето на овие услуги,  со цел превенција од дискриминација. Тоа ја поттикна иницијативата на ЗЕЛС и Салар Интернешнал за спроведување на овие активности. Онлајн истражувањето ЗЕЛС го спроведе со доставување на прашалник до сите општини од овие два плански региона и ЈКП. На прашалникот одговорија 13 општини: Битола, Новаци, Могила, Демир Хисар, Пласница, Охрид, Кичево, Кривогаштани, Дебрца, Ресен, Прилеп, Долнени, Вевчани. Потоа во општините : Охрид и Кичево на 21 јануари, 2025 година и во општините: Новаци и Битола на 23 јануари, 2025 година, беа реализирани разговори за идентификување на предизвиците при интегрирање на родовата перспектива во управувањето со отпадот. Разговорите ги водеа претставници од ЗЕЛС и од САЛАР, според претходно утврден прашалник и план. Разговорите се водени во фокус групи во кои учествуваа и жени и мажи од општините и од нивните јавни комунални претпријатија (ЈКП), од раководни и не раководни структури и од различни профили( координатор на проектот, претставник од одделение или сектор за комунални дејности/животна средина, координатор за еднакви можности на жените и мажите во општините, претставник/чка од ЈКП, Претседател/ка на КЕМ во општината.

Според одговорите на доставениот прашалник беше утврден релативно висок степен на имплементирање на законските одредби во утврдување на структура за родова еднаквост во овие општини, меѓу кои :  донесена е програма за еднакви можности на жените и мажите со утврдени финансиски средства за активности; формирана е Комисија за еднакви можности помеѓу жените и мажите, (но во поголемиот број од општините не е активна); назначен е  координатор/ка за еднакви можности помеѓу жените и мажите и речиси половина од нив посетувале обука за родова еднаквост во испораката на услуги.  Во однос на поседување на родово разделени податоци и нивна активна примена утврдено е дека  состојбите не се на задоволително ниво од причина што за нивно активно користење, како алатка за планирање, следење, евалуација и развој, треба да постои систем за собирање и обработка на овие податоци. 

Од разговорите во фокус групите произлезе дека процесот на дизајнирање на програмите за работа на ЈКП не е ориентиран кон граѓаните. Не се спроведуваат консултативни  активности за идентификување на потребите кај граѓаните и воедно не се спроведува никаква форма за утврдување на нивото на задоволство на граѓаните од испораката на комунални услуги. Најчесто постои објавен телефонски број за контакт на граѓаните, но изнесените забелешки не се регистрираат на систематски начин за да може да се искористат за подобрување при идното планирање. Кај испитаниците преовладуваше и ставот дека управувањето со отпадот не е поврзана со родовата димензија. Посочено беше и дека селектирањето на отпадот во домаќинствата не е на задоволително ниво, односно граѓаните често неправилно ги користат поставените канти за селектирање. Сепак беше нагласено дека жените се повеќе заинтересирани да усвојуваат нови практики во однос на управувањето со отпадот во домаќинствата, во однос на мажите.

Дадени  се и дополнителни иницијативи  

Во изработениот извештај „Проценка на потребите и можностите на општините во однос на вклучувањето на родовата перспектива во испораката на комуналните услуги“, освен препораките дадени се иницијативи за преземање и на дополнителни мерки во насока на подобрување на  третирањето на родовиот аспект во програмите и активностите на општините. Посочени се можности за преземање на активности за поголема поддршка на зелени бизниси со интегрирана родова димензија, особено за иновативни идеи од млади во креирање на зелени бизниси. Потоа организирање на континуирано обуки за зелени бизниси и женско претприемништво, креирање на документ за известување по програми со родово-разделени податоци и друго.