ЗЕЛС организираше работилница за поддршка на општините во идентификување на можностите за поттикнување на женското претприемништво

Креирање на локални програми за поддршка на жените претприемачи; подобрување на пристапот до финансии; обезбедување на образовни и менторски програми и  намалување на родовите стереотипи во економијата, се генералните препораки за подобрување на условите за економско јакнење на жените на локално ниво,  утврдени  во анализата на податоците од истражувањето што го спроведе Канцеларијата на UN Women во Скопје, во општините:  Битола, Демир Хисар Кисела Вида,  Кочани,  Охрид и  Штип.  Анализата беше презентирана на работилница што на 27 февруари, 2025 година ја организираше ЗЕЛС, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот. Оваа работилница е дел активностите од  „Менторската програма за интегрирање на родовата еднаквост во локалните програми“ што ја спроведува ЗЕЛС со поддршка на Канцеларијата на UN Women во Скопје, во рамките на проектот „Промовирање на родово одговорни политики и буџети: Кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“ (фаза 2) и програмата „Промовирање на родово одговорно управување во Република Северна Македонија“. Целта на оваа работилница  беше да се идентификуваат можностите на локалната самоуправа во поттикнувањето и градењето на соодветна околина за развој на локални бизниси и поттикнување на женското претприемништво. На работилницата учествуваа претставници на општинската администрација, координатор/ки за еднакви можности и членови на интер- секторската работна група за родово одговорно буџетирање од овие пет општини, членови на Локален Совет за женско претприемништво.

Презентирани податоци и препораки од истражувањето за потребите од економско јакнење на жените на локално ниво

На работилницата беа презентирани податоците и препораките од  ,,Анализата на  податоците од истражувањето за потребите од економско јакнење на жените на локално ниво“. Од анализираните одговори на прашалникот што го пополниле 247 жени и 5 мажи на возраст од 30-45 години и 46-64 години утврдено е дека  29%  од испитаниците се изјасниле дека имаат интерес да започнат бизнис, а 54% се изјасниле дека би започнале бизнис доколку добијат соодветна поддршка. Најчести одговори на прашањето каква поддршка им е потребна за да се охрабрат да отворат сопствен бизнис биле: полесен пристап до фондови и субвенции; обуки и консултации и менторска поддршка и поддршка од справување со нелојална конкуренција. Како пречки со кои сметаат дека би се соочиле за да ги направат  првите чекори ги навеле: недостаток на почетен капитал, недоволна институционална поддршка; бирoкратија и административни пречки. Додека на прашањето за наведување на причини за невработеност посочиле: недостаток на соодветни работни места; неможност за работа со скратено време; недостаток на детска грижа и здравствени проблеми.  Дадените препораки за општините од анализата се во насока на утврдување на предизвиците и насочување на конкретните општини во преземање на активности за  подобрување на условите за економско јакнење на жените  и  креирање на мерки за поттикнување на женско претприемништво. 

Стереотипите за улогата на жената во семејството -дел од причините за недоволното присуство на жената на пазарот на трудот

Во дискусијата што ја развија присутните на работилницата беше посочено дека  недоволното присуство на жената на пазарот на трудот во значителна мера е и  резултат  на се уште присутните стереотипи за улогата на жената во семејството и во домот, каде таа извршува бројни обврски како: грижа за хигиената,  негата на децата и постарите лица во семејството,  земјоделски активности и слично, а сето тоа се води како неплатена работа.  Потврда  дека жените во нашата земја се значително помалку активни на пазарот на трудот од мажите говорат и статистичките податоци, како и податоците од анализите направени во повеќе истражувања, врз чија основа се  изработени програми и  политики за  подобрување на овие состојби. Посочено беше дека во ,,Дијагностика на општинските пазари на труд во Северна Македонија“, од  Finance Think од 2024 нагласена е потребата за ,,отклучување“ на женскиот економски потенцијал, над родовите граници. Дадени се препораки да се идентификуваат двигателите на ниското учество на жените на пазарот на трудот и женската продуктивност и да се нагласи важноста на работните места, стимулативната средина, работните услови и системската поддршка како двигатели на продуктивноста и женскиот потенцијал. И во Националната развојна стратегија  2024-2044 посочено е дека родовата нееднаквост е типична карактеристика на пазарот на труд во нашата земја и таа доаѓа до израз и во доменот на претприемачката активност. Имено, од вкупниот број работодавачи во државата во 2021 година, само 19 % се жени. Слична родова статистика има и меѓу оние што работат за сопствена сметка, од нив 78% се мажи, додека остатокот од 22% се жени. Според официјалната статистика, жени управуваат со само 2,6% од постојните претпријатија. Во таа насока беше посочено дека државата е се поактивна во преземање на  мерки на ова поле , при што беше посочена ,,Програмата за поддршка на претприемништво, конкурентноста и иновативноста на малите и средни претпријатија во 2025 година“ на Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија. Таму се  предвидени и конкретни средства за поддршка за женско претприемништво за организирање на обуки за претприемачи чија цел е обезбедување на широка информираност на жените претприемачи за инструментите за финансиска поддршка на женско претприемништво.

Присутните нагласија дека општините имаат големи можности за идентификување на конкретните специфики  на своето подрачје  на пазарот на трудот , каде можат да ги утврдат и конкретни предизвици со кои се соочуваат жените за нивна поголемо  вклучување и да креираат соодветни образовни, социјални и други политики, како и  мерки  и активности.  Собирањето на родово базираните податоци  може да  ја отслика  фактичка основа  за потребата од преземање на соодветни промени, а пред се да дадат правец  на општината каде да ги насочи своите капацитети за дејствување. Тука беше посочено дека  статистичка основа може да  се добие и од  базата на податоци  -МАКСТАТ, на Државниот завод за статистика. Обезбедувањето и споделувањето на соодветни информации до соодветни засегнати страни, исто така може да е дел од активности на општината во оваа област, а особено примената на мерки што би придонеле кон надминување на постојните родови стереотипи за улогата на жената и мажот во семејството и на работните позиции.