Работна средба Ѓорѓиевски- Салиу, за поголема поддршка на локалните власти за интеграција на ромската популација

 

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски имаше работна средба со  министерот без ресор во Владата на РСМ, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030,  Шабан Салиу. На средбата што се одржа на 10 март, 2025 година во просториите на Владата на РСМ тие говореа за досегашната имплементација на мерките и проектите, поврзани со спроведувањето на Стратегијата. При тоа стана збор и за идните заложби  на локалните власти во насока на  унапредување на  интегрирањето на ромската популација, каде посебно беа разгледувани можностите  за  искористување на финансиски   средства за реализација на капитални  и инфраструктурни зафати, на подрачја  населени претежно со ромско население .

Беше нагласено дека одредени општини имаат подготвено и локални стратегии за инклузија на Ромите, со посебен акцент на поголема вклученост на децата во  образованието, како во претшколска возраст и потоа. Децата од семејствата со социјален ризик  не плаќаат партиципација  во градинките ,а во средно образование се повеќе ја користат мерката за нивно стипендирање. Тоа дава резултати со зголемен упис во градинките и во натамошниот образовен процес, но исто така е забележано  предвремено напуштање за 4% во основното и за 5% во средното образование. Во таа насока треба да се  утврдат и дополнителни стимулативни или поддржувачки мерки за сузбивање на ваквите појави. Предизвици има и во делот на легализирање на бесправно изградени објекти, а со тоа и обезбедувањето на соодветна  инфраструктурна мрежа, каде особен предизвик е канализационата инфраструктура. Во насока на унапредување на положбата на ромската заедница се дејствува и во други области: обезбедување на полесен пристап на здравствени услуги; вработување и социјална заштита: домување и култура .Инвестирањето во развојот на ромската заедница има долгорочни придобивки, во поглед на подобрувањето на социјалната кохезија и економскиот статус за Ромите на долгорочен план. Дополнително, инклузијата на Ромите во општеството ќе се одрази позитивно и на постигнувањето на одржливите развојни цели на ООН, како и позитивни оценки во делот на поглавјето 23 кое се однесува на унапредување на полето правосудство и човекови права на нашата земја.