СИНЕРГИЈА меѓу локалните самоуправи за регионална соработка и интеграција во ЕУ

Реформа на локалната самоуправа во процесот на интеграција во Европската Унија, регионална соработка и одржлив локален развој, локално управување и економски развој, поттикнување на регионалната соработка и доброто владеење преку граѓанско учество, и иновативни стратегии за финансирање на одржлив раст во градовите од Западен Балкан беа темите за дискусија на градоначалници, претставници на граѓански сектор, министри, регионални и меѓународни организации и фондови на Конференцијата „Синергија меѓу локалните самоуправи за регионална соработка и интеграција во ЕУ“, што се одржа од 5 до 7 март, 2025 во Тирана, Албанија. 

Градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, и градоначалникот на општина  Прилеп, Борче Јовчески, беа македонските претставници на Конференцијата, а кои говореа за поттикнување на регионалната соработка и справување со урбаните предизвици кон одржлив развој, и за важноста од соработката меѓу локалните власти и граѓанските организации како модел на ефективно добро владеење на локално ниво.

Два универзитета, индустриски зони, Шар Планина , сончев рид, туризам, многу културни знаменитости се потенцијалите со кои располага општина Тетово, а кои овозможуваат развој на културен, планински и агро-туризам. Ова дополнето со соработката со двата универзитета кои придонесуваат во локалната заедница преку различни иницијативи и развиени вештини. “Тетово е втор град по Скопје, според динамика на активностите. Сите потенцијали што ги имаме да ги искористиме, а патната инфраструктура е битна за регионалната блискост. Со меѓународни фондови да ги развиеме овие капацитети, во интерес на граѓаните“, заклучи Касами во своето излагање.

Еден од најголемите предизвици е како да се мотивираат граѓаните и невладините организации да бидат проактивни во процесот на носење одлуки во заедницата. Решението е во отворена комуникација, формирање дигитални платформи за партиципативно буџетирање и редовни консултации при изготвување на стратегиски документи. Секоја локална самоуправа на свој начин да креира механизми за активна вклученост на граѓаните во процесите на одлучување, е ставот на градоначалникот Јовчески. Тој истакна дека регионалната соработка е важен дел од процесот на евроинтеграција. „Општините треба да работат на заеднички прекугранични проекти, размена на добри практики и креирање на заеднички политики. Тоа ќе овозможи подобра усогласеност со ЕУ стандардите и ќе ги подготви локалните заедници за идните предизвици, за што тим од општина Прилеп учествува и работи на проекти за прекугранична соработка“, истакна градоначалникот на општина Прилеп.

Практични чекори за посилни партнерства со граѓанските организации, според градоначалникот Јовчески, вклучуваат формирање на заеднички координативни тела со граѓанските организации, спроведување на обуки, градење на административни капацитети и создавање на фондови за поддршка на проекти кои ги адресираат локалните предизвици. Воспоставување на стабилни и долгорочни партнерства води кон поефикасно управување и подобар квалитет на услуги за граѓаните.  Општина Прилеп има одлична соработка со граѓанскиот сектор, а во насока на подобрување на условите за живот на граѓаните, што води и кон поголема транспарентност и отчетност на општината.  Градоначалникот Јовчески истакна дека општина Прилеп како членка на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на повисоко ниво ги адресира политики што локалните власти треба да ги спроведуваат, и каде заедно со сите градоначалници работат на изнаоѓање решенија за локалните предизвици.

Јовчевски предложи создавање на платформа за редовна комуникација помеѓу локалната самоуправа, граѓанските организации и стопанството. „Само преку континуиран дијалог и заеднички активности можеме да изградиме поинклузивни локални заедници. Бидете отворени за дијалог, слушајте ги потребите на граѓаните и граѓанските организации, и обезбедете транспарентни процеси на одлучување. Само преку градење меѓусебна доверба, можеме да создадеме силни и одржливи партнерства, и да креираме здрави и успешни заедници во кои граѓаните ќе се чувствуваат среќно и задоволно“, е пораката на градоначалникот на општина Прилеп до учесниците на Конференцијата.

Регионалната соработка е потреба, а не опција, е главниот заклучок од Конференцијата. Локалните самоуправи играат клучна улога во усогласувањето на реформите со стандардите на ЕУ преку засилена децентрализација и иновативно управување. Мора да се искористат сите ресурси што се на располагање, особено да се вложува во човечките капацитети и истите да се употребат. „Не треба да измислуваме, туку треба да градиме синергија од тоа што ни е на располагање за да го направиме најдоброто. Европската Унија има многу инструменти на располагање што имаат регионална димензија: ИПА прекугранична соработка, Паметни градови, ИНТЕРЕГ, итн., преку кои се прави поврзувања во регионот“, рече Хуберт Пер, шеф за соработка на ЕУ Делегација во Тирана.

Повеќе-степеното владеење е решение за локалните предизвици. Треба заедно да седнат централната и локална власт, и да се решаваат предизвиците. Транзицијата меѓу стратегија и акција треба да се практикува. Очекувањата на граѓаните се зголемуваат, и ако нема реализација тие се таложат и го зголемуваат притисокот врз локалните власти. Фискалната кондиција е многу ограничена, што може да се реши само со повеќе-степеното владеење, оцени Келменд Зајази, извршен директор на НАЛАС. 

Општините се клучни за поттикнување на регионалната соработка и справување со урбаните предизвици, придонесувајќи за одржливиот развој и целите за интеграција во ЕУ. Врската помеѓу локалното управување и економскиот раст покажува како локалните ентитети можат да ги подобрат јавните услуги и да создадат можности за бизнисите и за граѓаните.

Конференцијата „СИНЕРГИЈА меѓу локалните самоуправи за регионална соработка и интеграција во ЕУ“, е дел од повеќегодишните серија тематски настани на Фондот за Западен Балкан (WBF). Фондот за Западен Балкан е меѓународна организација формирана од владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Мисијата е да ја поттикне регионалната соработка и интеграцијата во ЕУ преку ангажирање на локални лидери кои се справуваат со предизвиците како што се демографските промени и општествената кохезија.

Конференцијата СИНЕРГИЈА 2025 е организирана од WBF во партнерство со Министерството за надворешни работи на Јапонија, Меѓународниот Вишеградски фонд, НАЛАС и РеСПА. Оваа иницијатива е дел од Иницијативата Јапонија-Западен Балкан, покрената од починатиот премиер Шинзо Абе во 2018 година и се надоврзува на претходните активности фокусирани на толеранција, женско лидерство и дезинформации.