Подготвен новиот број на Гласило на ЗЕЛС

ЗЕЛС го  подготви новиот број на Гласило на ЗЕЛС во кој се ставени информации поврзани со активностите на Заедницата реализирани во периодот јануари-февруари, 2025 година. Во овој период, Управниот одбор на ЗЕЛС одржа две седници. На седницата во јануари беше поканета министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, кога беа изнесени ставовите на ЗЕЛС за зголемување на средствата во блок и во наменските дотации: за образованието, за градинките и за противпожарната заштита. Втората средба на УО беше одржана на 13 февруари 2025 година, со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на која се дискутираше за изнаоѓање на најповолни решенија за општините, поврзани со високите сметки за електрична енергија што ги плаќаат училиштата, градинките и јавните комунални претпријатија, основани од општината или Градот Скопје. 

Во овој период, седница одржа и Комитетот на советите при ЗЕЛС на која се отвори дискусија за иницирање на предлози за измени во Законот за локална самоуправа во насока на надминување на одредени предизвици со кои се соочуваат поголем број на општински совети во своето работење. Седница одржа и Комисијата за социјална заштита и инклузија при ЗЕЛС, на која беа презентирани наодите и препораките од Анализата на децентрализацијата на социјалната заштита во РСМ, што се реализираше во рамките на проектот „Регионална соработка за подобри социјални услуги на локално ниво“, што во нашата земја го спроведува ЗЕЛС во соработка со НАЛАС, а со финансиска поддршка на ГИЗ. 

Во овој период експресно беше прифатено барањето на ЗЕЛС упатено до Владата на РСМ за формирање работна група која ќе утврди правно решение за поднесената иницијатива од Заедницата за воведување на општокорисна работа, како еден од механизмите за намалување на вандалското однесување на младите кон урбаната опрема, јавните површини и јавните добра. Во таа насока, членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС, на 19 февруари 2025 година, беа поканети во Владата на средба со претставници од соодветните министерства.

ЗЕЛС реализираше активности и во однос на обуките за општинската јавна администрација, па беше одржана работилница за општинските просветни инспектори, членови на Мрежата за образование при ЗЕЛС, кои дискутираа за спроведувањето на измените и дополнувањата на Законот за основно образование. Во овој период ЗЕЛС изработи и извештај „Проценка на потребите и можностите на општините во однос на вклучувањето на родовата перспектива во испораката на комуналните услуги“, за кој заедно со останатите активности ќе може да прочитате во овој број на Гласило на ЗЕЛС.

Гласило Јануари-Февруари 2025