ЗЕЛС и Бирото за јавни набавки организираа онлајн обука за општинската администрација за имплементирање на законските измени во оваа област

Бирото за јавни набавки, на барање и во соработка со ЗЕЛС, на 21 март, 2025 година спроведе онлајн обука за претставниците од општинската администрација од одделенијата за јавни набавки, со цел да се добијат насоки за примена на новите измени и дополнувања на Законот за јавните набавки, усвоени од Собранието на РСМ на 16 јануари, 2025 година и објавен, како важечки прописи, во ,,Службен весник на РСМ “ Бр.14/2025.  Измените и дополнувањата на Законот за јавни набавки се однесуваат на подобрување на законските одредби и нивно усогласување со утврдените недостатоци при неговото спроведување во изминатите шест години.   Беше посочено дека дел од измените се направени во согласност со постигнувањето на реформските цели, што произлегуваат од Планот за раст на земјите од Западен Балкан, утврден од Европската Унија. Овие реформски цели во делот на јавни набавки ќе се спроведуваат етапно, во следните три години. Најпрво треба да се намали процентот на користењето на електронските аукции до најмногу 40% од вкупните јавни набавки, потоа, да се поттикне користење на електронски пазар за набавка од мала вредност и најсложените  реформи се планираат за последната година, кога треба да се зголеми процентот на постапки каде  критериумот за избор на најповолна понуда ќе се утврдува како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот..

Во фокус на оваа обука беа темите кои се однесуваа на измените поврзани со  одредени нови надлежности на Бирото за јавни набавки; новите основи за поништување на постапката; новините во правната заштита и  значењето на новата административна проверка која се воведува како замена на досегашната управна контрола на постапките за јавни набавки. Од особена важност за  присутните беше и презентирањето на новите функционалности на електронскиот систем на јавни набавки (ЕСЈН), чија примена ќе започне од 1 април, 2025 година. Од овој датум ќе се применува и административната проверка (АП) на постапките за јавни набавки. Предмет на административна проверка задолжително ќе бидат јавните набавки чија проценета вредност е над 500.000 евра во  денарска противвредност, кај набавките на стоки и услуги и над 2.000.000 евра во денарска противвредност кај набавките на работи. Бирото за јавни набвки може да врши  административна проверка и на било која јавна набавка врз основа на следење на воспоставените индикатори на ризици во јавните набавки и по случаен избор. При извршена административна проверка, БЈН дава препораки кои ќе бидат советодавни, односно на договорниот орган останува да одлучи дали истите ќе ги прифати или не. Предмет на административна постапка ќе биде огласот за јавна набавка и тендерската документациј и нивната проверка ќе се спроведува пред тие да бидат објавени. Беше посочено дека во согласност со законските измени, во тек е и спроведувањето на промените во составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Таа се проширува со два члена и станува седумчлена комисија, а проширени се и основите за разрешување на членовите од страна на Собранието на РСМ.

На обуката се говореше како треба да се постапува во поедноставената отворена постапка, кога понудата на економскиот оператор е оценета за најповолна, а не биле  доставени документите за утврдување на способност во определениот рок од страна на комисијата за јавни набавки. Се говореше и за проверка на документацијата и при евалуација на понудите, односно што и како треба да направи комисијата; кои се новите основи за поништување  на постапка и кои се новините во правната заштита . 

Презентирана надградена верзија на ЕСЈН со нови функционалности и напредни алатки.

Од 1 април 2025 година ќе се имплементира надградената верзија  на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) со цел олеснување на работењето како за договорните органи, така и за економските оператори.  Претставниците од Бирото за јавно набавки на обуката ги изнесоа клучните надградби на системот: автоматска тендерска документација и образец на финансиска понуда во апликацијата . Според претставниците од Бирото за јавни набавки ќе се подобри  прегледноста при измената на огласот и тендерската документација, а ќе има можност и за зачувување на темплејт, користење на пре-дефиниран темплејти и нивно автоматско вчитување. Цените за сите ставки од финансиската понуда ќе се внесуваат директно во модулот „поднеси понуда“ , односно нема да се прикачуваат документи за финансиска понуда, а станатите документи ќе се прикачуваат исклучиво во .pdf формат. Нема да има потреба документите да се потпишуваат пред прикачување, бидејќи системот автоматски ќе аплицира дигитален потпис на ниво на апликација. Надградбата на системот  треба да обезбеди  да  се намалат грешките и отфрлањето на неуредни понуди; да се обезбеди подобра споредливост на просечните цени и анализа на пазарот; да се намалат можностите за манипулации преку автоматизација и централизирана размена на податоци и треба значително да се подобри  транспарентноста на финансиските понуди; да се намали или целосно да се исклучи можноста за аритметичка грешка и да се  зголеми можност за мониторинг и анализа на податоците од страна на БЈН.

Претставниците од општинската администрација поставија бројни прашања што се очекува да им бидат одговорени на следната обука, што ќе биде организирана од ЗЕЛС и од Бирото за јавни набавки на почетокот на следниот месец.