Усогласена координација на општините за сите активности при спроведувањето на вонредни инспекциски контроли во објектите од јавен карактер, заклучок на Управниот одбор на ЗЕЛС
Управниот одбор на ЗЕЛС во проширен состав со градоначалници од неколку градови во земјава, на 24 март, 2025 година ја одржа дваесет и шестата седница. Главна тема на седницата беше координирањето на активностите што единиците на локална самоуправа ги преземаат во врска со вонредните инспекциски контроли во објектите од јавен карактер, во нивна надлежност (училишта градинки, спортски сали, културни институции) за утврдување на сигурноста и заштитата на граѓаните. На сеницата беше заклучено секоја општина која располага со одредени инспекциски капацитети да ги стави на располагање на другите општини, по пат на меѓу-општинска соработка, таму каде има потреба за да може секоја општина темелно да ги провери сите објекти на својата територија. Беше нагласено дека и во изминатиот период, општините вршеле вакви контроли како редовен надзор спроведуван од службите, но дека вонредноста во сегашното постапување произлегува како реакција на неодамнешната трагедија во Кочани, кога од пожарот во кабаре, животот го загубија 59 претежно млади лица, а приближно 200 лица се повредени. Членовите на Управниот одбор на почетокот на седницата изразија сочувство за загинатите, а на повредните им посакаа што поскоро закрепнување.

Беше нагласено дека од досега спроведените вонредни контроли утврдено е дека во повеќе од 90 % нема отстапувања, а најголем предизвик е утврден во делот на урбаната опрема на угостителските објекти. Во таа насока беше донесен заклучок за формирање на тим од инспектори и претставници од општинска администрација од областа на урбанизмот, кој треба да утврди соодветни решенија за надминување на предизвикот. Беа изнесени предлози да се утврди унифицирана Програма за поставување урбана опрема, што би се применувала во сите општини или пак, да се иницира донесување на законски одредби онаму каде се утврдени состојби за кои нема законски подлога, а чија примена произлегла како позитивна пракса. Во таа насока беше договорено да се овозможи на правните субјекти да им се остави едномесечен период за отклонување на утврдените недостатоци, по што општините би започнале со преземање на конкретни активности. Беше договорено ЗЕЛС да ја преземе координацијата со ова тело кое треба да се состане што поскоро, а донесените предлози потоа да бидат разгледани на следната седница на Управен одбор на ЗЕЛС, која беше најавена за следната недела.
Управниот одбор на ЗЕЛС донесе заклучок да се препорача откажување на сите прослави и јавни настани што се планирани од институциите во надлежност на општините, односно тие да се пренасочат во акции на засадување на дрвца, во чест на трагично загинатите во пожарот.
Во делот на досегашните инспекции во училиштата и градинките што впрочем се и главната надлежност на општините, утврден е многу висок процент на почитување на безбедносните протоколи и акти, со што се апелираше родителите да бидат спокојни во однос на безбедноста на нивните деца во овие установи.
Во делот на состојбите со безбедноста во колективни – станбени објекти, беше посочено инспекторите за домување да одржат состаноци со управителите на овие објекти, како и со регистрирани заедници на сопственици, во врска со почитување на пропишаните норми и стандарди за домување, особено во делот на заштита и спасување (хидранти, ПП апарати, помошни скали, лифт, фасада итн) утврдени во Закон за домување и Правилникот за норми и стандарди за домување во станбени згради, како и останатите законски и подзаконска регулатива. При тоа беше посочено дека треба да се отстапи место и на Регулаторна комисија за домување за спроведување на сите потребни активности, како и на Дирекција за заштита и спасување, но и да се обезбеди заедничко дејствување, се во насока на постигнување на поголема безбедност за граѓаните.
Членовите на Управниот одбор ги отворија и прашањата дека во голем дел од овие активности, општината нема примарна надлежност и дека голем дел од спроведениот надзор се врши во координација и како поддршка на надлежните централни органи, а се во насока на утврдување на темелен основ за континуирана превенција и стабилизирање на состојбите околу заштитата на граѓаните. Беше нагласено и прашањето за недостатокот на кадри во инспекциските служби и потребата од нивно зајакнување или евентуално во блиска иднина да се пристапи кон одредени реформи и во овој дел од ингеренциите на локалната власт.



