ЗЕЛС започна со активности за подготовка на нов Стратегиски план за 2026 - 2030 година
ЗЕЛС започна со активности за изработка на нов Стратегиски план за периодот 2026 -2030 година. Актуелниот стратегиски план веќе истекува, односно е со важност до крајот на оваа година. Станува збор за еден од најзначајните документи, не само за ЗЕЛС, туку за сите единици на локална самоуправа во земјава. Во него се втемелуваат идните правци на дејствување на ЗЕЛС во насока на обезбедување на развој на децентрализацијата на власта; редефинирање и усовршување на локалната самоуправа и јакнењето на капацитетите на општинската администрација, како важен фактор за квалитетно спроведување на надлежностите. Новиот петгодишен Стратегиски план ќе се фокусира на поддршка на општините за реализирање на овие промени и обезбедување на нивна соодветна примена.
Во таа насока, Управниот одбор на ЗЕЛС формираше работна група во состав: Перо Костадинов, потпретседател на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Валандово; Висар Ганиу, потпретседател на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Чаир; Еркан Арифи, градоначалник на Општина Липково; Борче Јовчески, градоначалник на Општина Прилеп и Ацо Ристов, градоначалник на Општина Радовиш. На закажаната средба во просториите на ЗЕЛС се дискутираше за утврдување на основните контури на овој документ, односно беа изнесени повеќе приоритетни точки за идниот развој на локалната самоуправа. Беше посочено дека реализацијата на идните планови најповолно е да се спроведува преку активности утврдени како и досега, во три важни стратегиски цели и тоа: 1.застапување и лобирање пред централната власт за сите барања и потреби на ЕЛС; 2. развивање на нови услуги што општините ќе им ги даваат на граѓаните, преку децентрализирање на нови надлежности и последното е јакнење на капацитетите на општинската администрација. Беше посочено дека обезбедување на што поголема финансиска независност на ЕЛС е од приоритетно значење; потоа обезбедување на нови надлежности, особено во делот на социјалната заштита; размислување во насока на утврдување на задолжителни и факултативни надлежности за општините; обезбедување на стручни кадри во општинската администрација во делот на инспекциските служби, во урбанизмот, информатичката технологија и други; поголема самостојност во управувањето со блок дотациите што ги добиваат општините за реализирање на одредени надлежности и фаворизирање за обезбедувањето на што повеќе електронски системи за спроведување на услугите.
Беше договорено ЗЕЛС во следниот период да подготви Прашалник, што ќе го испрати до сите градоначалниците и до раководната структура од општинската администрација, со цел и тие да ги посочат приоритетите за идниот стратегиски развој на Заедницата. Потоа одговорите од општините во сублимирана форма ќе бидат разгледани на следниот состанок на работната група, што треба да се одржи следниот месец, со цел утврдување на Предлог -документ што ќе го разгледува Управниот одбор на ЗЕЛС.