ЗЕЛС ја промовираше методологијата за интегрирање на родовата перспектива во испораката на комунални услуги
Во рамките на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, на 3 и 4 јуни 2025 година, во Охрид, ЗЕЛС организираше дводневна обука „Воспоставување на концепт на родово одговорни општински услуги во управувањето со отпад“. На обуката беше промовирана методологијата за интегрирање на родовата перспектива во комуналните услуги за управување со отпад на локално ниво, што ја изработи ЗЕЛС, во соработка со САЛАР Интернационал. Методологијата вклучува практични алатки за вградувањето на родовата димензија во локалните политики и буџет за комуналните услуги за управување со отпад. Собирањето на родово раздвоени податоци е клучно за подготовка на општинските програми и спроведување на родово правични комунални услуги, со посебен акцент на областа на управувањето со отпад. Овој сегмент од јавните услуги има значително влијание врз секојдневниот живот на жените и мажите на локално ниво. Изработката на методологијата е дел од активностите предвидени во една од специфичните цели на проектот: да се поддржат избраните општини од Југозападниот и Пелагонискиот Регион во интегрирањето на родовата перспектива, преку развој на методологии и алатки за собирање и користење на родово разделени податоци во процесите на планирање на управувањето со отпад и испораката на услуги, односно во сите фази на креирањето политики и буџет поврзани со управувањето со отпад. На обуката беа поканети координаторите за еднакви можности на жените и мажите од општините од двата региона, како и одговорните лица од јавните комунални претпријатија кои работат на подготовка на програмите за работа на претпријатието и собирање на податоците. Целта е тие да се стекнат со знаења и добри искуства за тоа како може локалната самоуправа и ЈКП да испорачуваат услуги со вклучена родова димензија.

Методологијата како патоказ за општините во вградувањето на родовата димензија во локалните политики и буџет за комуналните услуги за управување со отпад
Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во комуналните услуги за управување со отпад на локално ниво, претставува патоказ со конкретни чекори и алатки за општината, бидејќи клучно за родовата еднаквост е идентификување, препознавање и адресирање на родовите нееднаквости со соодветни мерки: родово сензитивни активности и афирмативни акции во корист на страната што е во понеповолна положба. Оваа методологија, исто така, е поврзана и со постојната методологија на ЗЕЛС за интегрирање на родова перспектива во локалните политики и буџет. Методологијата за интегрирање на родова перспектива е надградена и со искуствата добиени од претходно спроведена сеопфатна проценка на општинските капацитети за родова интеграција во испораката на услуги, во управувањето со отпад, како и со анализите од резултатите добиени од одговорите од прашалникот што ЗЕЛС го достави до општините од Пелагонискиот и Југоисточниот Регион и од анализите од спроведените разговори во фокус-групите, реализирани во четири општини од овие два плански региона. Целта е да се создаде соодветна и практична алатка која ќе помогне во надминување на идентификуваните предизвици и недостатоци на општините и комуналните претпријатија во еднакво опслужување на жените и мажите на локално ниво. Во таа насока, методологијата е поделена на 3 дела. Првиот дел содржи општ преглед на значењето на интегрирањето на родовата перспектива во комуналните услуги за управување со отпад на локално ниво, обезбедувајќи општи насоки и дефиниции на термини. Вториот дел содржи детална методологија за интегрирање на родовата перспектива во управувањето со отпад, додека пак третиот дел се состои од збир на алатки кои општинскиот персонал и ЈКП можат да ги користат за адресирање на родовите потреби при испораката на локалните услуги. Сето тоа беше претставено и дискутирано на дводневната обука, кога учесниците имаа можност да разменат добри искуства од веќе воспоставените успешни примери за родова интеграција од нашата земја, но и успешни примери што се спроведуваат во општините во Шведска, кои треба да бидат добра инспирација и поттик за унапредување на родовата еднаквост во услугите на локално ниво.
Управувањето со отпад, во согласност со Законот за управување со отпад, ги вклучува сите активности од создавањето до подигнување, складирање и депонирање на отпадот или збир на активности, мерки и одлуки наменети за избегнување и намалување на количеството создаден отпад и неговото негативно влијание врз животната средина, животот и здравјето на луѓето, вклучувајќи го и постапувањето со отпадот. Затоа главната цел на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е да се подобрат услугите за негово управување во нашата земја преку целосно усогласување со стандардите на ЕУ, со што ќе се подобри одржливоста на животната средина и квалитетот на живот за сите жители. Проектот е имплементиран од Шведската асоцијација на локални власти – САЛАР, поконкретно од САЛАР Интернaционал, во партнерство со ЗЕЛС, Министерството за животна средина и Министерството за локална самоуправа, а е финансиран од Шведска.



