Вкупно 78 општини учествуваа во годинашната акцијата за расчистување на отпад – ,,Генералка викенд “ во која беа собрани 645.770 килограми отпад
По повод јубилејот на најголема еколошка акција во земјава, ,,Генералка викенд “ од 17 јуни, 2025 година започна патувачка изложба -,,5 години Генералка викенд“ која ќе биде поставена во сите ЕУ Хаус центри во земјава. Патувачката изложба ќе започне во Тетово, потоа во Струга, Битола, Струмица, Велес, Крива Паланка и ќе заврши во ноември во Скопје.
И оваа година ЗЕЛС ја поддржа оваа акција во која учество земаа и 78 општини и беа собрани 645.770 килограми отпад. ЗЕЛС дава силна поддршка на активностите за заштита на животната средина и ,,нулта отпад“, и со организаторот и основач на ,,Генералка Викенд“ - ,,Мен енд Маунтен“ има склучено Меморандум за взаемна соработка. Поддржувачи се и Црвен крст на РСМ и МЖСПП, а во тридневните активности учество земаа околу 55.627 волонтери кои го чистеа отпадот на повеќе од 500 локации во сите општини низ земјава, вклучувајќи ги и национални паркови. Во акцијата беа вклучени над 600 владини и невладини организации и голем број компании. Од започнувањето на оваа еколошка акција за собирање на отпад, поточно во изминатите четири години, собрани се еден милион килограми отпад и биле исчистени повеќе од 1000 локации, со учество на над 44.000 волонтери.
Во ноември, во акцијата за пошумување- ,,Сончева гора“ државата ќе обезбеди засадување на по едно дрво, на секои 10 килограми собран отпад
По завршувањето на еко- акцијата ,,Генералка викенд“ и утврдувањето на вкупната количина собран отпад, во месец ноември се организира втор дел од волонтерската акција, наречен- ,,Сончева Гора“, што подразбира пошумување на државно земјиште врз основа на воспоставен десетгодишен меморандум за соработка меѓу ,,Мен енд Маунтен“ и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми. На секои 10 килограми собран отпад, државата посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во изминативе години беа засадени над 125.000 садници на различни голи локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане
Локалната власт секогаш ќе поддржуваа активности кои придонесуваат за промена на свеста на граѓаните кон почиста животна средина
На започнувањето на годинешната акција, на 9 мај, 2025 година на Скопскиот аквадукт, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, рече дека чистата животна средина не е само слика – таа е предуслов за здравје, достоинствен живот и одговорно општество. –„Ако сакаме почисти улици, поубави паркови, поздрава иднина – мораме сите да бидеме дел од решението. Ваквите настани се важни, но уште поважно е оваа енергија да се пренесе во секојдневната работа на институциите и во навиките на сите граѓани.“ порача Ѓорѓиевски. Потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу, кој е градоначалник на Општина Чаир, на чија територија се наоѓа археолошкиот локалитет, посочи дека општините се соочуваат со сериозни предизвици околу управувањето со отпадот, па вакви акции кои придонесуваат и за менување на свеста кај граѓаните, во насока на заштита на сопствената животна средина, секогаш ќе бидат поддржани од локалната власт.
Во новата едукативна иницијатива -,,Генералка викенд- ЕКО ЧАС“ се вклучија повеќе од 36.000 ученици
За прв пат оваа година, во партнерство со Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, беше реализирана и едукативната иницијатива - ,,Генералка викенд- ЕКО ЧАС“, во која беа вклучени повеќе од 36.000 ученици и 1.900 наставници кои низ разни активности во своето опкружување придонесоа за почиста животна средина. Тие ги документираа своите активности преку фотографии, а резултатите беа презентирани во училиштата.
Брошура