Подготвен новиот број на Гласило на ЗЕЛС

Во овој број на ,,Гласило на ЗЕЛС“  ќе можете да се запознаете со активностите на ЗЕЛС реализирани во период мај-јуни, 2025 година. Во овој период, ЗЕЛС беше посветенa на преземање активности за лобирање за децентрализирање на надлежностите во однос на социјалната заштита. Ова беше и една од темите на Генералното собрание на ЗЕЛС, што се одржа на 5 јуни 2025 година, кога беа презентирани два предлог-модела за децентрализација на центрите за социјална работа. На истата тема, претходно отворија расправа и членовите на Комисијата за социјална заштита и инклузија при ЗЕЛС. Делегатите на Генералното собрание усвоија и значајни документи од финансиското работење на ЗЕЛС за претходната година и започнаа одредени иницијативи. Надзорниот одбор на ЗЕЛС, на својата седница, и Генералното собрание укажаа на потребата од поголема посветеност на општините во плаќањето на обврските кон ЗЕЛС.

Претставниците од ЗЕЛС, градоначалниците на општините: Битола, Македонски Брод, Ново Село и Ресен, делегати на Заедничкиот консултативен комитет меѓу РСМ и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК), учествуваа на 24. работен состанок на ова тело, што се одржа во рамките на „Денот на проширување“ (Enlargement Day), во Брисел. Во овој период, мај-јуни 2025 година, седница одржа и Управниот одбор на ЕЛС, на која, освен дискусиите за разрешување на одредени актуелни предизвици на локалната власт беше дадена поддршка и на потпишувањето на четири меморандуми за соработка со одредени институции. Еден од нив е Меморандумот за соработка меѓу ЗЕЛС и и НДИ за реализација на активности во рамките на проектот „Заедници водени од интегритет“. ЗЕЛС беше домаќин на вториот координативен состанок за реализација на проекти за поддршка на противпожарните служби во нашата земја. Станува збор за иницијатива што ја отпочна австрискиот амбасадор Мартин Памер, во која се вклучија претставници од другите амбасади во нашата земја, од Европската делегација, како и експерти од меѓународни и домашни организации.

И во овој период, ЗЕЛС организираше работилници и обуки за општинската администрација во однос на: планирање и мониторинг на мерки за енергетска ефикасност и климатска акција; поттикнување на соодветни социјални услуги; ја промовираше Методологијата за интегрирање на родовата перспектива во испораката на комунални услуги, а во рамките на регионалниот проект „Промовирање на советодавна (делиберативна) демократија и иновативно учество на граѓаните во Југоисточна Европа“, даде поддршка во организирањето на информативните сесии на трите пилот општини за запознавање со новата алатка за граѓанско учество ‒  граѓански собранија. ЗЕЛС даде поддршка и во спроведувањето на еколошката акција „Генералка викенд“, во која учествуваа 78 општини и беа собрани 645 770 килограми отпад и реализира низа други настани од локално значење.