Општините подготвени да дадат максимален придонес за обезбедување на демографска отпорност, изјави претседателот на ЗЕЛС на дебатата „Демографски предизвици и можни решенија“
„Како претставници на локалната самоуправа сме непосредни сведоци на демографските случувања во земјава. Во училиштата во континуитет се соочуваме со намален број на деца, а бројот на запишани првачиња секоја година е се помал, како резултат на намалениот наталитет и иселувањето на цели семејства надвор од земјата. Затоа, навистина е важно што е препознаена улогата на локалната самоуправа и сме поканети да дадеме придонес во самиот процес на креирање на политиките, а не само во нивното спроведување. Улогата на локалната самоуправа е во идентификувањето на објективните состојби и посочувањето на реалните можности за нивно реално надминување. Јас лично и сите општини преку ЗЕЛС сме на располагање да дадеме максимален можен придонес за да креираме мерки што ќе дадат успешни, па би рекол и колку е можно побрзи резултати. Процесот нема да биде лесен, но токму затоа сме тука ,да работиме активно, посветено и одговорно за создавање на реални услови за напредок“.
Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на координативната дебата „Демографски предизвици и можни решенија“ што беше организирана во свечената сала на Владата на РСМ на 4 јули, 2025 година, а со која се означи започнатиот процес на развој на стратегиски национални документи за демографска отпорност, во согласност со стратегиските цели на Националната развојна стратегија 2024 -2044 година, што е водечки документ. Настанот беше организиран во насока на обезбедување на институционална координираност, соработка и размена на идеи со креаторите на политиките, членовите на меѓуресорската работна група од сите надлежни институции, академската јавност, локалната самоуправа, стопанските комори, граѓанскиот сектор и домашни и странски експерти за дефинирање на приоритетите на демографската отпорност и предизвиците на демографската депопулација и иселувањата, особено кај младите, со кои се соочува нашето општество.
Претседателот на ЗЕЛС посочи дека како едни од позначајни мерки во справувањето со овој предизвик е и обезбедувањето на забрзан економски развој и подобрување на инфраструктурата во земјата, што се впрочем и главни приоритети на Владата на РСМ. На настанот учествуваше и Премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси Владимир Ѓорчев.

