Унапредување на соработката и формулирање на заеднички предлози за подобрување на локалната демократија, централна тема на средбата за вмрежување на Цивика мобилитас
Во Гевгелија, од 25 до 27 јуни 2025 година, со присуство на околу 80 претставници од граѓански организации од целата земја се одржа средба за вмрежување на Цивика мобилитас. Средбата беше посветена на унапредување на соработката и формулирање на заеднички предлози за подобрување на локалната демократија, особено во пресрет на претстојните локални избори.
На средбата во рамки на посебен панел наменет на соработката на локалната самоуправа со граѓанското општество зборуваа Министерот за локална самоуправа Златко Перински, Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман и заменик директорката на ЗЕЛС, Ардита Дема Мехмети. Министерот се осврна на планираните измени на Законот за локална самоуправа, дигитализацијата, воведувањето на унифицирани веб-платформи за општините и креирањето општинскиот развоен индекс. Тој ја истакна вклученоста на ГО преку поднесување на иницијативи во рамки на советите на општините. „Заради високиот праг од 10%, многу ретко се разгледуваат предлози и иницијативи од граѓани. Затоа решивме тој праг да го намалиме 5%“, рече Перински и додаде дека предлогот работата на советот задолжително да биде јавна е одговор на иницијатива на граѓанскиот сектор. Амбасадорката Улман осврнувајќи се на примерот на Швајцарија рече дека децентрализацијата носи демократија и дека верува дека соработката на ГО и локалните власти е потребна. „Мислиме дека е подобро да се организирате заедно за да влијаете и да најдете решение за проблемите. Овој дијалог е од клучна важност, демократијата не функционира без дијалог. Демократијата бара поврзување“, рече таа. „Слабата фискална децентрализација е нашиот најголем предизвик, со ограничени финансиски ресурси, можностите за инвестирање, финансиска поддршка на граѓанскиот сектор и испорака на сите надлежности со потребен квалитет е невозможна мисија на локалните власти”, рече Дема-Мехмети, зборувајќи за предизвиците на општините. „И покрај ограничени финансиски можности општините сепак одделуваат скромни средства за поддршка на граѓанскиот сектор и младите". Таа истакна дека радува фактот дека форумите во заедницата се препознаени и ќе бидат дел од новиот Закон за локална самоуправа. ЗЕЛС работеше на институционализација на оваа алатка и веќе во повеќе од две третини од општините форумите во зедницата се дел од општинските статути и благодарни сме на Швајцарската амбасада што ни даде таква алатка. Се надевам дека во иднина ќе можеме заеднички да помогнеме во спроведувањето на овие форуми, ЗЕЛС отиде и чекор понатаму со сертифицирање на форумски модератори кои им се ставени на располагање на општините “. Покрај ова таа информираше дека ЗЕЛС во последнава година пред општините го претставува и концептот на т.н. граѓански собранија како нова алатка за вклучување на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво. Учесниците кои се вклучија во дискусијата ја потенцираа нерамномерната распределба на буџетски средства меѓу спортските клубови и граѓанските организации и потребата од поголеми вложувања во регионалниот развој и подобри услови за живот во руралните средини, на што од панелистите се изрази подготвеност за заедничка работа за утврдување на унифицирани критериумите за финансирање на ГО на локално ниво.
На средбата за вмрежување беше отворена дискусија за можностите за создавање на платформа на граѓанските организации, истакнувајќи ја нејзината улога во координација, застапување и зголемување на капацитетите на граѓанските организации. На средбата беа презентирани и проектот за зајакнување на општински совети, спроведена од УНДП каде и ЗЕЛС покрива неколку компоненти како и беше презентиран и проектот „Заедници водени од интегритет“ спроведен од НДИ за кој неодамна беше потпишан меморандум за соработка и со ЗЕЛС за поддршка на општините и зајакнување на отпорноста на општините кон корупција. Учесниците потенцираа дека институционализацијата на дијалогот, транспарентното финансирање и вклученоста на граѓаните се основа за ефикасна локална власт. Средбата заврши со порака дека само преку соработка, отворен дијалог и координирани активности може да се постигнат трајни промени и да се изгради поинклузивна и одговорна локална демократија.

