Средба на претседателот на ЗЕЛС со раководството на ДИК

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ имаа средба со раководството на Државна изборна комисија. Средбата се одржа на 3 септември, 2025 година во просториите на ДИК,  на која се дискутираше за  реализирањето на законските обврски кои се однесуваат на обезбедување на простории на општинската изборна комисија  за навремено и непречено преземање на изборните дејствија,  обезбедувањето на потребната техничка опременост и други неопходни услови за работа, како и дополнителната просторија  во која ќе се прима и чува изборниот материјал. Беше договорено  ЗЕЛС да ги информира сите општини навремено да ги преземат сите потребни активности, меѓу кои и обезбедувањето на транспортот на изборните материјали до изборните места со цел граѓаните да можат непречено да го спроведат своето избирачко право.

Особена дискусија се разви околу иницијативата на Општина Центар, подржана од уште неколку општини, што ЗЕЛС ја достави до ДИК, а која се однесува токму на  надоместокот на трошоците за транспорт на изборниот материјал и на членовите на избирачките одбори од ОИК до избирачкото место  каде што се врши  гласањето, како и надоместокот на трошоците за транспорт на изборниот материјал по завршувањето на гласањето од ОИК до Државната изборна комисија. Во неа беше наведено дека општината во својот Буџет нема предвидено средства, ниту ставка за оваа намена во Годишниот план за јавни набавки за 2025 година, од причина што досегашна пракса и согласно законските надлежности  и обврски, овие трошоци паѓале на товар на ДИК. Беше договорено за надминување на овие предизвици ЗЕЛС навремено да ги информира општините да ги преземат сите потребни дејствија, а за општините кои имаат блокирани сметки потребните дејствија да ги преземе ДИК. Заедно со дописот што ќе го испрати ЗЕЛС до општините ќе биде доставен и одговорот од ДИК на иницијативата на Општина Центар, во кој е нагласено дека во согласност со Изборниот законик, е предвидено дека за спроведување на локалните избори средства се обезбедуваат од буџетот на општината и на Град Скопје и со нив располага општинската изборна комисија, а средствата за изборниот материјал се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија и со нив располага ДИК.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски нагласи дека ЗЕЛС и општините стојат на располагање на ДИК во насока на взаемно надминување на сите потенцијални предизвици, а се во насока на овозможување на непречено спроведување на фер и демократски локални избори.