Одржливо урбано планирање,неопходна алатка за иден урбан развој на општините

,,ЗЕЛС го препозна моделот  на одржливо урбано планирање како неопходна алатка  за иден урбан развој на општините и во таа насока дава силна поддршка во реализација на активностите кои придонесуваат за јакнење на капацитетите на општинската администрација за имплементирање на проекти што ќе се темелат на квалитетен, економичен, сигурен транспорт кој воедно обезбедува намалување на загадувањето и придонесува за здрава животна средина за  сите граѓани подеднакво“. Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на конференцијата што се одржа на 18 септември, 2025 година, во Скопје, организирана од Министерството за транспорт, во рамките на спроведувањето на ,,Проектот  за поврзување на локални патишта “  што со заем од Светска банка се имплементира во  пет општини од нашата земја. Министерот за транспорт, Александар Николоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, како и претставниците од Светска Банка, од Канцеларијата на ГИЗ во нашата земја и од Транспортната заедница ги поздравија присутните градоначалници, домашни и странски експерти, претставници од невладиниот сектор и од општинската администрација.

-,,Ваквите настани се вистинска можност  да се разменат искуства и да се слушнат добри практики од европски градови и општини во регионот. Се надевам дека во иднина, ова ќе прерасне во наша традиција, кога токму во рамките на оваа ,,Европска недела на мобилност“ општините ќе се натпреваруваат во презентирање на реализирани проекти во кои, во значителен обем биле инкорпорирани  придобивките од мобилното урбано планирање. Со тоа би придонеле за достапен, сигурен, брз и економичен транспорт;  за поголемо користење на велосипедите, тротинетите и електричните возила; би обезбедиле поголеми пешачки зони во централните градски јадра; повеќе зелена површина и паркови...односно планови во кои  фокусот е ставен на потребите и придобивките на човекот, а не како досега, кога во планирањето приоритет добиваа возилата.“

Ѓорѓиевски нагласи дека и во следниот период ЗЕЛС  ќе поддржува вакви и слични проекти и во соработка со централната власт и со меѓународните организации  ќе продолжи да ги насочува општините кон одржлива урбана мобилност што би придонело за  соодветен транспорт што ќе обезбеди намалување на загадувањето и здрава животна средина за секој.

Министерот за транспорт, Александар Николоски ја нагласи посветеноста, преку обезбедување на законска основа за поддршка на урбаната мобилност, посочувајќи ги преземените активности во рамките на Законот за јавни патишта каде е предвидена основа за донесување на правилник  за проектирање  и изградба на  велосипедски сообраќај, за што веќе, заедно со граѓанскиот сектор е изработен и предлог правилник. Тој нагласи дека со тоа министерството испраќа порака дека велосипедот, како симбол на урбаната мобилност е станува рамноправно превозно средство, а не  само средство за рекреација. И министерот за локална самоуправа, Златко Перински нагласи дека ова министерството, исто така, дава силна поддршка во напорите за подобрување  и унапредување на урбаниот и меѓу-општинскиот транспорт, особено преку преземените  активности за обезбедување на рамномерен регионален развој.  Беше нагласено дека 60% од населението во нашата земја живее во урбана средина и дека е од големо значење  да се придонесе за намалување на урбаните сообраќајни метежи, а со тоа и на загадувањето. Исто така, беше нагласено дека нашата земја како претендент за член во европското семејство интензивно ги имплементира европските закони и бројните декларации, иницијативи и зелени агенди, каде акцентот е ставен на поголема примена на  урбаното мобилно планирање .