Потребни се законски и системски промени за обезбедување квалитетни услуги за вода и одведување на отпадни води

 Членовите на Комисијата за животна средина и комунални дејности при  ЗЕЛС, на  30 септември, 2025 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот ја одржаа третата седница на која присуствуваа и претставници од општински  комунални претпријатија  и од АДКОМ, како и експерти кои ја поддржуваат работата на ова тело. Присутните дискутираа по анализите и предлог -иницијативите за измени и дополнувања на Законот за води;  Закон за води за консумирање од страна на човекот и одведување на отпадни води и Закон за комунални дејности. На седницата беа презентирани главните  систематизирани заклучоци кои произлегоа од добиените одговори од општините и од нивните комунални претпријатија во кои се содржани ставовите за неопходните измени и дополнувања на овие законски решенија и за нивните подзаконските акти . Тие беа преточени до документ, наречен Матрицата, што во претходниот период ја изработија членовите на Мрежата -Работната група во ЗЕЛС, која работи во секторот води. Целта е да се обезбеди ефикасно извршување на надлежностите од страна на општините и на нивните јавни  комунални претпријатија преку  прецизно утврдени и јасни законски и подзаконски решенија.

Присутните се сложија дека законската регулатива е прилично застарена и дека не се изработени доволно подзаконски акти за нејзина имплементација; дека не постои институционална координација во оваа област ниту на локално ниво (општина-комунално претпријатие), нити, пак, меѓу локалната власт со соодветните министерства и институции од централно ниво. Беа нагласени и инфраструктурните слабости, односно застарена водоводна мрежа и недоволно инвестиции во водоводни и одводните системи; голем број водоснабдителни системи и бунари функционираат без дозволи; недоволната наплата на сметките и немање на механизми за заштита од истото; продуцирање на постојани загуби на вода, што во одредени региони достигнува и до 73%; користење на ,,питка“ вода, а не на технолошка вода   за полевање на двори и раноградинарски култури; сложени и долги процедури; недоволно обучена администрација за тековните промени; како и низа други финансиски и управувачки недостатоци во системот.

На седницата беше нагласено дека сериозен проблем е и што години наназад од централните надлежни институции не се пополнува планската документација за хидро- геолошката покриеност на терен, односно не се врши тековно ажурирање на промените во  хидро-геолошките карти. Тоа, меѓу другото, доведува до неиздавање на одредени  потребни елаборати, но пред се претставува многу сериозен предизвик во грижата на заштитните зони, каде се случува да се издадат дозволи за различна намена на тој терен, а што може да е сериозна закана  по исправноста на водата за пиење. Беа посочени примери, каде во прогласени заштитени зони, бидејќи не е обезбедена соодветна канализациона инфраструктура, населението што живее таму е принудено да постави септичка јама, чиј број воопшто не е за занемарување и исто така поставени се и бројни диви депонии.

Претставникот од АДКОМ ја изнесе и предложената иницијатива од Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на РСМ, во однос на утврдувањето на цената за наплата на вода од граѓаните, а во насока на унапредување на водоводните системи и подобрување на наплатата  Се предлага конечната цена да ја утврдува Регулаторна комисија, а не како што е сега, Советот на општината да одлучува врз дадените тарифи, бидејќи секогаш се усвојува најниската тарифа за наплата. Претставниците од локалната власт имаа низа забелешки, особено што  на овој начин се навлегува во процес на одземање на надлежности на локалната власт, односно наместо јакнење на децентрализација, се прават чекори кон централизирање на надлежности. Сепак беше посочено дека иницијативата ќе биде дискутирани од сите релевантни фактор и од локалната власт, по што би се изградило најдобро решение во интерес на сите граѓани.

Беа изнесени и предизвиците околу ниската наплата на сметките за вода од граѓаните, каде  посебно беше нагласено дека е потребно да  се обезбеди посебен фонд за  вода  од каде би  можело да се надоместуваат средствата што сега не ги плаќаат социјално загрозените категории на граѓаните. Исто така беше предложено да се иницира обезбедување на софтвер од страна на ЗЕЛС, што ќе биде наменет за сите комунални претпријатија и каде наплатата би одела автоматски од сметката на корисникот преку банките.  Беше посочено и иницирањето на  утврдување на регионални претпријатија за вода, што би довело до одвојување на оваа област од сегашните комунални претпријатија на општините, каде во најголем број од нив, се сместени сите комунални услуги за граѓаните, што се покажува како недоволно развојна категорија за квалитетно  управување со овие услуги .

Сите  посочија дека  се потребни сериозни законски и системски промени за обезбедување квалитетни услуги за вода и одведување на отпадни води  и дека сите досега реализирани активности од Комисијата за животна средина и комунални дејности при  ЗЕЛС и од  членовите на Мрежата -Работната група во ЗЕЛС, која работи во секторот води е огромен придонес за активностите и лобирањето во следниот период , по спроведувањето на локалните избори во земјава.