ЗЕЛС го издаде новото, петто издание на „Прирачникот, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членовите на советите на општините“ наменето за новоизбраните градоначалници и општински советници

 


Стручната служба на ЗЕЛС, го подготви петтото, ревидирано издание на „Прирачникот, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членовите на советите на општините“. Публикувањето на Прирачникот беше обезбедено со техничка поддршка на „Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во рамките на проектот „Зајакнување на општински совети“. Секој градоначалник и секој член на општинските совети ќе добие по еден бесплатен примерок од Прирачникот што треба да им послужи како квалитетно и корисно четиво што ќе им биде секогаш при рака и од кое ќе може да ги црпат потребните информации  при донесувањето на важните одлуки од локално значење.   Од особена полза Прирачникот ќе им биде на локалните функционери кои за прв пат се соочуваат со  извршувањето на локалните надлежности.

Преку Прирачникот, новоизбраните општински советници и градоначалници ќе се запознаат со целокупниот процес на децентрализација во земјата, со структурата на општината, со префрлените надлежности, како и со законите и со законските одредби за нивно спроведување. Финансирањето на општината, донесувањето на буџетот, развојот на локалната економија, просторното и урбанистичкото планирање, комуналните услуги, руралниот развој, образованието и заштитата на животната средина се, исто така, важни надлежности на локалната власт и се детално разработени. Од не помало значење за општините, се и активностите во градењето на е-општина, воспоставувањето на европски стандарди на услугите кон граѓаните, развивањето на транспарентното работење и информирање на јавноста, градењето на добрите релации со граѓанските организации и создавањето на општина по европски модел, па поради тоа и за овие теми е одвоено соодветно место во ова издание.

Сметаме дека Прирачникот претставува и основа за натамошно унапредување на заедничките напори во развивањето на локалната самоуправа во нашата земја и дека ќе придонесе во напорите за обезбедување на модерни европски општини, во кои граѓаните ќе добиваат квалитетни услуги и ќе имаат подобри услови за живот.

ЛИНК за ПДФ  од  „Прирачникот, водич низ надлежностите за новоизбраните градоначалници и членовите на советите на општините“.