Теренски услуги и мобилни тимови за ранливи групи граѓани“-тема на регионален вебинар за претставници од општините

 „Теренски услуги и мобилни тимови за ранливите групи граѓани“ беше темата на онлајн обуката (вебинар) што беше организирана на 04 март, 2021 година за претставници од општинската администрација од областа на социјалната заштита. Обуката ја проследија околу седумдесетина учесници од нашата земја а, учествуваа и претставници од општините од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово. Вебинарот се одвиваше на англиски јазик, со симултан превод на македонски, албански и српски јазик.

 

Во нашата држава, како и во регионот, мобилните и теренските услуги не се доволно препознаени како различни видови услуги за ранливите групи граѓани. Мобилните тимови обезбедуваат специјализирани интервенции во домовите на овие лица и вклучуваат: едукации, психо–социјална терапија и советување за децата и членовите на семејството, обезбедување на медицински пакети, олеснување на пристапот до образовни институции, обезбедување на социјална помош и поддршка на обесправените групи при остварување на загарантираните социјални права.

 

Теренските услуги се услуги базирани во заедницата кои имаат цел да ги поддржат лицата кои се изоставени од заедницата, да ги препознаат и да ги уживаат социјалните и човековите права. Теренските услуги имаат цел рано да ги спречат социјалните проблеми кои се појавуваат кај ранливите групи, да обезбедат пристап до социјалните, здравствените и образовни услуги и да поттикнат иницијативи за унапредување на условите за живеење на ранливите групи.

 

Заедничко за мобилните и теренските услуги е тоа што тие се бесплатни и се испорачуваат во домот или пак во нивното непосредното опкружување. Тие можат да бидат превентивни, но и терапевтски. Овие услуги се разновидни, па во испораката се вклучуваат: невладини организации, локалната самоуправа, државни институции, бизнис сектор и други. Со нив се премостува јазот на потребни услуги што државата не успеала да ги обезбеди како резултат на ограничени законски, финансиски и кадровски ресурси.

 

За да се обезбедат мобилни и теренски услуги општината треба да направи проценка и да се изработи социјален план со цел да се идентификуваат ранливите групи на граѓани и нивните потреби, а наодите од социјалното мапирање да се интегрираат во локалните програми за социјална заштита. За оддржливост на овие услуги потребни се финансиски средства што општината треба да ги предвиди во својот буџет врз основа на претходно подготвена програма, а во воспоставувањето и спроведувањето на услугите од големо значење е обезбедувањето на партнерство меѓу сите релевантни страни на локално ниво. Улогата на локалната самоуправа треба да биде доминантна и во делот на редовното следење и евалвација на испорачаните услуги.

 

Главните придобивки од овие сервиси најчесто се видливи на индивидуално ниво, бидејќи тие придонесуваат кон подобрување на здравствената состојба, образовните достигнувања, подобрување на вештините за вработување и ја подобруваат самодовербата на оваа категорија на граѓани. Пред се ваквите услуги придонесуваат кон инклузивни заедници и имплементирање на Агенда 2030 на локално ниво, особено на Целите за одржлив развој: 1,2,3,4,5,10,11 и 17.

 

Презентирани добри практики од нашата земја и од Босна и Херцеговина

 

Невладината организација „Дневен центар за деца на улица“ со седиште во Општина Шуто Оризари, ги презентираше своите искуства за теренски услуги што ги обезбедува на ромската популација во услови на Ковид-19. Станува збор за организација која обезбедува дневен престој, исхрана и едукативни активности за децата Роми, како и едукации за родителите за позитивно родителство. Во услови на пандемија оваа НВО обезбедува информативни материјали за заштита од вирусот, хигиенски пакети, психо – социјална поддршка, поврзување со институции, како и поддршка за задоволување на образовните потреби на децата Роми за учење од далечина. Овие услуги се обезбедуваат на терен во средините каде живее ромското население, а се финансирани од меѓународни донации.

Граѓанското здружение за унапредување на образованието кај Ромите „Отахарин“ од општина Бјелина (БиХ) исто така, фокусот на теренските услуги го става на ранливите групи од ромската популација. Мобилни тимови составени од претставници на здружението, Центарот за социјална работа, претставник на општината и образовните институции редовно обезбедуваат: неформално образование, како и поддршка за формалното образование за децата кои припаѓаат на социјално загрозени семејства, психо - социјална поддршка, поврзување со институци за членовите на семејствата. Целта е да се обезбеди нивна социјална инклузија, да се намали стапката на деца Роми кои го напуштаат училиштето и подобрување на социо – економскиот статус на Ромите. Услугите што ги обезбедува здружението главно се финансирани од меѓународни донатори, но обезбедена е поддршка и од општината.

 

Вебинарот претставува дел од активностите на проектот „Зајакнување на локалните капацитети за спроведување на Агенда 2030 и принципот „Никој да не биде изоставен“, имплементиран од НАЛАС во соработка со ЗЕЛС и здруженијата на локалните власти од Западен Балкан, а со поддршка на регионалниот проект „Социјални права за ранливи групи“. Регионалниот проект го спроведува Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) во име на Федералното Министерство за економска соработка и развој (BMZ).

Слика (флаер)