Конференција за „Подобрен капацитет за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво“

 “Подобрен капацитет за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво“ беше насловот на конференцијата што се одржа на 25 март, 2021 година во хотелот „Хилтон“ во Скопје, што беше организирана во рамките на Проектот „Подобрен капацитет за управување со кризи на општините во Северна Македонија“ што го спроведува Институтот за демократија со поддршка од Обединетото Кралство, преку Британската амбасада во Скопје.

На конференцијата се дискутираше за системот за управување со кризи и можностите за соработка и меѓусебна поддршка на органите на национално и локално ниво во овој домен, а беа претставени и седумте пилот- општини: Велес, Гостивар, Кавадарци, Карбинци, Кичево, Конче, Маврово и Ростуше и градот Скопје кои се опфатени во првата фаза од спроведувањето на Проектот „Отпорни општини во време на криза“ во кои ќе се развиваат стратегиски планови за превенција на несреќи и управување со кризи на локално ниво. Нашата земја, како потписник на Сендаи рамка за намалување на ризиците од катастрофи презема обврска за зголемување на улогата на општините во управувањето со ризици од несреќи и катастрофи. Ваквата заложба вклучува обврски во насока на зголемување на свеста и улогата на општините во правец на планирање, подготовка и имплементација за заштита од природни и други катастрофи.

На конференција се обрати претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, амбасадорката на Обединетото Кралство во нашата земја, Рејчел Галовеј, националниот координатор за имплементација на националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и директорот на Центарот за управување со кризи. Пред присутните говореа и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски и директорката на ЗЕЛС , Душица Перишиќ.

-„Улогата на единиците на локалната самоуправа во делот на управувањето со кризи е помалку или повеќе дефинирана со Законот за локална самоуправа, Законот за управување со кризи, Законот за заштита и спасување и други правни акти кои понекогаш претставуваат и ограничувачки фактори што неповолно влијаат врз брзината и ефикасноста на справувањето со кризите. Оттука потребата за подлабока и посеопфатна анализа на правната и институционалната поставеност на системот за управување со кризи. Тоа во голема мера ќе ни помогне, како институции да ги идентификуваме системските празнини и предизвици кои пандемијата на Ковид-19 ги изнесе на површината“ истакна на конференцијата, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов. Тој потенцираше дека овој проект ќе им помогне на пилот- општините да го зајакнат стратешкото управување со кризи и информираноста на граѓаните за надлежностите на општините во системот за управување со кризите и можните за нивно вклучување. Шилегов на крајот од своето обраќање посочи дека менаџирањето со кризите мора да биде предмет на стратешко делување за да се обезбеди минимизирање на штетните последици и обезбедувањето на подобра заштита на граѓаните.