Презентирани завршните резултати на Проектот „Зајакнување на општинските совети“

-„Улогата на Комитетот на советите при ЗЕЛС е многу значајна за сите општински советници, но и за самите единици на локалната самоуправа. На седниците на ова тело дискутираме за предизвиците со кои се соочуваат советите и  предлагаме начини за нивно надминување и подобрување. Тука разменуваме добри практики што се во насока на  постигнување на општ успех  и подигнувањето на нивото на работењето на советите. Преку Комитетот на советите при ЗЕЛС се овозможува да се канализираат заедничките предлози кои потоа се доставуваат на разгледување до другите тела во ЗЕЛС и во вид на конкретни барања се адресираат до централната власт. Верувам дека со ажурноста и активноста на ова тело, а секако и со поддршката од проекти, како што е и „Зајакнување на општински совети“ ќе придонесеме заеднички да ја зацврстиме улогата на општинските совети и на советниците како вистински претставници на граѓаните и  “чувари“ на општинскиот буџет и ќе бидеме гаранти дека секој денар од општинската каса ќе биде потрошен за подобрување на квалитетот на услугите што ги дава општината.“

Ова го истакна Трајко Славески, претседател на комитетот на советите при ЗЕЛС и претседател на Советот на Град Скопје, на завршната конференција на која беа презентирани резултатите од проектот “Зајакнување на општински совети“. Конференцијата се одржа на 24 март, 2022 година во хотелот ,,Double tree by Hilton“ во Скопје. Проектот  е финансиран од  Швајцарската агенција за соработка и развој, а имплементиран е од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), каде партнери се ЗЕЛС, Министерството за локалната самоуправа, Министерство за финансии, Здружението на финансиски работници и UN Women. 

За позитивните влијание од активностите реализирани во Проектот говореа и:  градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиеска и Митко Влахов, проект- координатор од Општина Богданци.

На конференцијата се обрати амбасадорката на Швајцарија во нашата земја,  Вероник Улман која посочи  на  подобрувањето на транспарентноста на општините вклучени во проектот, на обезбедувањето на дигитализација на одредени  услуги и на активното вклучување на граѓаните во дефинирањето на приоритети и проектите на општините, преку користење на алатката -“Форуми во заедницата“. Пред присутните се обрати и Сања Бојанич, заменик на постојаниот претставник на УНДП која нагласи дека со проектот се реализирани планираните цели а потврда за тоа се постигнатите резултати во  24-те општини учеснички во проектот. 

Обучени советници, изработени  прирачници и анализи, обезбедена е-платформа за учење, дигитално вмрежување... дел од активностите во Проектот  

Конкретните резултати постигнати со Проектот „Зајакнување на општинските совети“, што се реализираше во период март, 2016 -2022 година, со вкупен буџет од  3.500.000 швајцарски франци, ги презентираше Илмиасан Даути, програмски аналитичар од УНДП. Тој посочи дека за овој период се обучени 421 советник заедно со претставници на општинската администрација од 24 партнерски општини, од кои 36% се жени. Изработени се околу 30 прирачници, анализи и истражувања,а креирана е и Платформа за е-учење и дигитално вмрежување што е достапна за сите 1347 општински советници в земјава. Беше посочено дека преку електронска алатка се објавени над 700 финансиски извештаи од 40 општини и од градот Скопје; дизајнирани се и ставени се во функција дигитални технологии за емитување во живо на седниците на 18 општински совети, обезбедени се „е-киосци“ во 2 општини и во една општина е обезбедена веб апликација за граѓанска партиципација во процесот на буџетирање. Исто така, обезбедено е учество на повеќе од 8.500 граѓани  кои учествувале на 24-те „Форуми во заедницата“ при што се спроведени  вкупно 126 сесии. Набавени се четири возила за противпожарна заштита и обезбедена е заштитна опрема за 80 пожарникари од 16 противпожарни единици во земјава. Соработката меѓу советниците е подигнато на повисоко ниво, а подигнато е и нивото на учество на советниците во креирањето на локални политики од областа на родовата еднаквост.