Онлајн средба на градоначалниците со министерката за образование и наука околу подготовките за имплементација на новите наставни програми во основно образование

 

Градоначалниците и министерката за образование и наука, Мила Царовска, на 22 април, 2021 година, во организација на ЗЕЛС, одржаа онлајн состанок околу подготовките за имплементација на новите наставни програми во основно образование и организацијата на обуки за наставниот кадар, што ќе се случуваат во следните неколку месеци.

Министерката Царовска побара поддршка од  општините за спроведување на дводневни обуки за наставниците од прво и од четврто одделение. Првиот модел на обуки ќе започне да се реализираат од 4 мај, па до крајот на месецот. Потоа ќе следи вториот циклус дводневни обуки, што ќе се однесува на имплементација на новите наставни програми, кога ќе бидат поделени наставниците од прво и од четврто одделение, а последната обука ќе биде дигитална и ќе трае од 15 август до 30 август , кога ќе бидат дадени  и последните инструкции за почетокот на новата школска година, од 1 септември. Беше побарано општините да номинираат едно контакт лице за логистичка поддршка при реализацијата на обуките и истото да биде запишано на вибер групата што ја имаат министерска  со градоначалниците.  Тоа контакт -лице ќе има и обврска да обезбеди  пет понуди за  набавка на храна и освежителни пијалоци, а изборот на понудите ќе ги направи УНИЦЕФ.

Исто така беше побарано општините да обезбедат едена или повеќе простории (по можност во училиштата)  во кои ќе може да се одржуваат интерактивните обуки за групи од 15до 20 наставници, во согласност со протоколите за растојание за заштита од Ковид -19 и во кои ќе има можност за електричен приклучок и за интернет. Исто така, од градоначалниците беше побарано да го забрзаат процесот на обезбедување на податоци од МВР за потребите за упис на првачињата. Беше најавено дека од 23 април, 2021 ќе започнат обуките во училиштата за употребата на онлајн апликацијата за упис во прво одделение, што ќе може да ја користат родителите.  Освен преку електронска апликација,  родителите ќе може да ги запишат децата и со физичко присуство.  

Општините беа информирани дека со законски измени е овозможено да се ослободат средствата што не се искористени од блок дотациите, а во таа насока, министерката ја изнесе препораката од МОН и од МФ овие средства општините во најголем дел да ги вложат за потребите на реформите во образованието. Училиштата веќе добиле инструкции за набавка на материјали и дидактичка опрема за спроведување на настава за прво одделение, што треба да се реализира до 15 јуни, оваа година. Беше посочено дека  МОН  наскоро ќе испрати до училиштата и инструкции за набавкана материја и за наставните потреби за наставата за четврто одделение. Министерката посочи дека општините треба дополнително да вложуваат и за обезбедување на дигитални библиотеки, а средства треба да се вложуваат и во дигитална опрема што ќе биде неопходна за понатамошното функционирање на образовниот процес, независно од сегашната ковид  состојба. Новата концепција, подразбира нови методи на учење и пристап до дигитални алатки и истражувања, за што се потребни вакви ресурси, посочи Царовска.

Присутните беа информирани дека МОН работи на нова формула на методологијата за распределба на блок дотациите за образование за општините. Таа се подготвува врз основа на претходно направена анализа за состојбите со објектите, бројот на ученици и на наставен кадар, како и на расположливи ресурси што ги имаат општините. Се верува дека општините според неа ќе добиваат разумна сума за трошоци за спроведување на оваа надлежност, а во неа се вклучени и реални трошоци за превоз на учениците, како и реални трошоци за учебници. Присутните беа информирани дека според новите законски промени училиштата самостојно ќе ги набавуваат учебниците, по одлука на наставниот кадар. Во формулата ќе се утврди и нов стандард по ученик и дополнителна сума што ќе биде ставена на тој стандард по ученик. Доколку училиштата и општината управуваат добро со средствата од блок дотациите, споредено со претходната година, се предвидува и награда од 1% на целокупната сумата. Беше посочено дека оваа формула, пред да биде презентирана пред Владата на РСМ, ќе биде ставена на дискусија со градоначалниците.

Присутните градоначалници генерално изнесоа позитивни оценки за образовните реформи и активностите што ги презема Министерството за образование и наука во тој дел, како и за напорите за адаптирањето на формулата за методологијата за распределба на средствата од блок дотациите за образование за општините. Сепак, беше укажано и дека дел од наставните кадри имаат одредени несогласувања со „форсирањето“ на дигитализацијата на речиси целокупниот процес на образованието, особено ако се има во предвид дека се уште голем број на општини, но и  семејства не можат да обезбедат електронски уреди за следење на онлајн наставата или квалитетен  интернет. Во таа насока беше и забелешката на информацијата дека учениците нема да добиваат  печатени учебници и дека тоа се остава на интерно договарање на наставниците.

До министерката беше упатено и прашање околу плановите на МОН за искористување на средствата од задолжувањето на државата од Светска банка, за реформите во основното образование и за енергетска ефикасност. Министерката посочи дека половина од средствата за образование ќе бидат наменети за изградба  на нови училишта, онаму каде анализите покажале дека е тоа неопходно, а онаму каде има услови ќе се изврши  преадаптација на постојни објекти во училишта. А другиот дел ќе се  користи за кабинетско опремување и дигитализација на наставата како и за обуки на наставниот кадар. Беше посочено дека со проекти за енергетска ефикасност ќе се интервенира во сите објекти на постојните ученички и студентски домови.