Седумнаесетта седница на Управниот одбор на ЗЕЛС

 

 

Управниот Одбор на ЗЕЛС преку електронска апликација на 27.05.2021 ја одржа својата 17-та седница. На седницата беа усвоени финансискиот извештај на ЗЕЛС за 2020 година, ревизорскиот извештај за финансиското работење на ЗЕЛС за 2020 година изготвен од независна ревизорска куќа како и беше усвоен ребаланс на буџетот на ЗЕЛС и измена на планот за јавни набавки на ЗЕЛС за 2021 година.

Управниот одбор донесе Одлука за свикување на осмата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, и тоа на 29.06.2021 со почеток во 11 часот, и заклучи и оваа седница поради епидемиолошката слика да ја одржи преку електронска апликација.

Согласно утврдените точки од дневниот ред, на седницата членовите дискутираа по дополнетиот Предлог закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. Меѓу отворените прашања останува рокот на затварање на старите предмети, се утврди потребата од одредување на рок за плаќање на надоместот и меѓу најгорливите прашање е доказната постапка. Членовите побараа да се прифатат снимките од Google во доказната постапка, бидејќи често на терен состојбите се различни од тоа што се содржи во изјавите на граѓаните чии имоти се предмет на легализација. Раководството на ЗЕЛС ќе оствари средба со Министерот за транспорт и врски за да ги претстави ставовите на ЗЕЛС во однос на овој дополнет текст на законот.

На седицата беа разгледани и неколку барања и иницијативи на општините и тоа во однос на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и општинска сопственост и Тарифникот за урбанистичко планирање, согласно кој голем број на општини нема да бидат во можност да изготвуваат урбанистички документи.

На седницата на Управниот одбор се дискутираше и за најновата измена на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, согласно кој општините имаат право заштедените средства од блок дотациите во образование да ги пренаменат на сметката за капитални инвестиции. Многу општини се судриле со проблем дека така изготвените предлози за измена и дополна на општинските буџети им биле вратени од Владата. Генерално е донесен заклучок сите општини да постапат согласно актуелниот Закон за измена и дополна на Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа.