Состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија во рамките на Комитетот на региони на ЕУ

 

Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК) по осумнаесетмесечна пауза, поради состојбите со пандемијата Ковид -19, денес (02 јуни, 2021) го одржа осумнаесеттиот работен состанок. Средбата беше организирана онлајн и на неа присуствуваа градоначалници и советници од нашата земја и од земјите членки на Европската Унија, делегати на ова тело. Во рамките на првата тема за пристапниот процес на нашата земја кон европското семејство, пред присутните, во името на сите локални власти од нашата земја, се обрати претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов. -„ Изминатите тринаесет години, од започнувањето на работата на ова тело, првата тема на сите состаноци е прогресот на пристапниот процес на нашата земја кон европското семејство. Усогласивме многу закони со европската регулатива, склучивме меѓудржавни договори со најблиските соседи, донесовме многу подзаконски акти според европските стандарди, но за жал, датум за започнување на преговорите за членство на нашата земја во Европската унија се уште немаме.“ Ова на состанокот го истакна претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, кој изрази надеж дека одржувањето на оваа средба може да биде позитивен сигнал и дека за неколку недели може да се случи и првата министерска конференција, кога и официјално ќе започнат преговорите за членство на РСМ во Унијата. Шилегов посочи дека засилените активности на Португалија, како земја актуелен претседавач со ЕУ, влева надеж дека токму овој месец јуни и дефинитивно ќе се откочат предизвиците и нашата земја конечно ќе отпочне преговори за влез во Унијата. -„ Она што можам да го кажам како претседател на ЗЕЛС, Заедница на сите единици на локална самоуправа во Република Северна Македонија е дека нашата соработка со општините во регионот, општините од земјите членки на ЕУ, но и со општините надвор од Европа е на високо ниво при што се склучени многу збратимувања и блиска соработка, од каде црпеме бројни добри пракси за успешно реализирање на добиените надлежности и обезбедување на квалитетни услуги за граѓаните. Имаме многу добри релации со општините од цел регион на Западен Балкан и многу често се посетуваме. Најголема реализација на проекти имаме со општините од Бугарија во сферата на преку- граничната соработка, користејќи ги пред пристапните европски фондови“ нагласи претседателот на ЗЕЛС. На крајот од своето обраќање тој уште еднаш ја нагласи потребата за интензивна поддршка од Комитетот на региони во заложбите на нашата земја, во овој месец, Република Северна Македонија дефинитивно да добие датум за отпочнување на преговори за членство со Унијата. И министерот за локална самоуправа на РСМ, Горан Милевски посочи дека ЗКК е значаен форум преку кој нашите општини се стекнуваат со знаење и искуство на патот на интегрирање во Унијата. – „Го преживеавме на нозе разочарувањето од одлагањето на преговорите и продолживме со несмален интензитет да работиме на реформите. Сметаме на вашата поддршка, затоа што вие знаете колку посветено работиме на градењето на европски вредности и стандарди и преку развивање на прекуграничната соработка во регионот, унапредување на политиката на регионален развој и на процесот на децентрализација на власта“, истакна министерот Милевски, кој ги посочи и најново донесените документи во областа на локалната самоуправа и регионален развој кои што целосно се усогласени со политиките на ЕУ: нова Стратегија за регионален развој 2021-2031 година, нов Закон за рамномерен регионален развој и нова Програма за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026. Милевски нагласи дека процесот на проширување на децентрализацијата се води во консултации со ЗЕЛС и со општините. –“Ќе го почитуваме ставот на локалните власти дека на општините пред се им е потребна финансиска консолидација, стабилни и предвидливи извори на финансирање и внимателно пренесување на нови надлежности со соодветни финансиски средства. -Европската комисија го препознава напредокот на Република Северна Македонија и затоа се надеваме дека меѓу-владината конференција што ќе се одржи наскоро ќе биде успешна. Вашата земја напорно работеше на реформите, но тие треба да продолжат во наведените сегменти. Во придвижувањето на реформите локалната власт има важна улога, покрај онаа на централната, а важна е и улогата на граѓанскиот сектор. Поддршка од Европската Унија имаше и во претходниот период, но и за време на КОВИД кризата. “. Ова го истакна Дејвид Кален, од Директоратот за соседска политика и проширување, од Европската Комисија Никола Доброславиќ, префект на округот Дубровник-Неретва и известител на Комитетот на региони на ЕУ, за Пакетот на проширување 2020, нагласи дека ставот на Комитетот на региони е сите земји од Западен Балкан да станат членки на ЕУ , но дека при тоа мора да ги исполнат сите утврдени критериуми за проширувањето. Тој нагласи –„ Изразивме целосна поддршка за Република Северна Македонија за почеток на преговори. Комитетот на региони е заинтересиран да се зајакне улогата на локалната и регионалната власт и таа да биде целосно вклучена низ целиот процес на реформи во земјата. Потребно е да се работи на подобрување на управувањето и изнаоѓање на децентрализирани модели за реформа во локалната администрација, обезбедување на директна поддршка на локалните власти со финансиски средства преку проекти, креирање на методи за збратимување со европските општини и друго. Пред присутните се обратија и амбасадорката, шеф на Постојаната мисија на нашата земја при Европска унија, Агнеза Руси-Поповска и претставник од Делегацијата на Европската унија во нашата земја, Карл Џијацинти. Со Заедничкиот консултативен комитет претседаваа градоначалниците: на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и на словенечката општина Трбовље, Јасна Габрич, која истакна дека проширувањето на Европската Унија е подеднакво важно и за Северна Македонија и за Европската Унија затоа што тоа ќе значи слободно движење и соработка на граѓаните и на институциите. Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски најпрво се заблагодари на своите колеги, делегати на ова тело од нашата земја за укажаната доверба да биде нов ко-претседавач на ова тело, а потоа даде свое видување за напредокот на нашата земја и за континуираниот развој на локалната власт. –„ Искуствата кои ги стекнавме низ предизвиците низ кои минува децентрализацијата на власта во нашата земја, не направија да имаме што попрецизни и појасни видување како да ја градиме и организираме иднината. Па пред две години ЗЕЛС храбро иницираше ставови за промени во системот на локалната власт. Започнавме преговори со централната власт во три насоки: обезбедување на фискална децентрализација ; проширување на надлежностите на ЕЛС и промени во организацијата на локалната власт. И навистина започнавме сериозен дијалог, чиј тек за жал беше ненадејно прекинат поради соочувањата и на централно и на локално ниво со предизвиците кои ни ги наметна пандемијата од КОВИД -19. Сепак во месец февруари , овој процес беше откочен, дијалогот интензивно продолжува и можно е по спроведувањето на локалните избори во втората половина на октомври оваа година, да има нов начин на организирање и на финансирање на локалната власт. Токму во делот на финансиските предизвици со кои се соочуваа локалните власти во изминатиот период, а особено во периодот на соочување со кризата со КОВИД -19, говореше претседателот на Комисијата за финансирање при ЗЕЛС, Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес. Всушност, тоа беше и дел од дијалогот што се разви на втора тематска дебата на состанокот со наслов - ,,Патеки за оддржливо локално закрепнување“ кога делегатите од двете страни изнесоа бројни искуства на позитивни примери на справување со кризата за натамошно закрепнување и развој на локалната економија. -„Последиците од пандемијата КОВИД -19 се огромни, за жал некои и непоправливи, особено со загубата на човечки животи и нарушувањето на здравјето. Во овој период се зголемија трансферите од централната власт, што не оди во прилог на децентрализација, туку предизвикува поголема финансиска зависност. Имаме општини со блокирани сметки, зголемени долгови на општините’. Ова во своето излагање го посочи Аце Коцевски, кој ги наведе речиси сите активности што ги преземаа локалните власти, од кои, поголемиот дел и не се во нивна надлежност. Тој посочи дека општините издвоија сериозни финансиски средства за поддршка на населението, особено за социјално загрозените семејства, за поддршка во реализирање на онлајн образовниот процес за купување на средства за реализација на онлајн наставата; во услови на намалени прилив од даноци во буџетот на општината ги субвенционираа комуналните претпријатија кои се соочија со неплаќање на сметките од страна на граѓаните; општините дадоа одредена поддршка и на локалната економија, а учествуваа и во мобилизација на населението за спроведување на вакцинацијата. Во таа насока Коцевски ги посочи заложбите а локалните власти за обезбедување на поголема финансиска стабилност; обезбедување на поголема флексибилност во пренамена на неискористените средствата од блок дотациите; за обезбедување на поповолни услови за задолжување на општините при големи капитални инвестиции; обезбедување на гаранции за финансиски послабите општини. На состанокот беа изнесени и бројни примери како нашите општини и општините од ЕУ се справуваат со КОВИД кризата, при што беше нагласена поддршката за социјално загрозените семејства, поддршка во образовниот процес, поддршка на локалната економија преку ослободување од одредени такси и други давачки и слично. Состанокот заврши со поддршка од делегатите од ЕУ за добивање на датум за преговори на нашата земја во овој месец, и интензивирање на натамошната соработка во рамките на ЗКК во согласност со Новата програма на работа на ЗКК што беше усвоена на овој состанок а, која се однесува за периодот 2021 -2025 година.