Локализација на Националниот акционен план (НАП) за имплементација на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност

 

 

„Локализација на Националниот акционен план (НАП) за имплементација на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност“ беше темата на обуката што на 7 и на 8 јуни, 2021 година, ја организираше ЗЕЛС за претставниците од општините. Беа поканети: координаторот или координаторката за родова еднаквост; лице одговорно за управување со кризи, како и лице одговорно за социјални заштита/соработка со невладини организации од општината. Обуката беше реализирана во рамките на проектот “Кон родово одговорни општини: зајакнување на општинските капацитети за политики за родова еднаквост и родово одговорно буџетирање“(2019-2021), што ЗЕЛС го спроведува со поддршка на UN Women, а се одвиваше во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот, каде беа обезбедени сите протоколарни мерки поврзани со превенција од корона вирусот.

Нашата земја, минатата година донесе втор Национален акционен план за имплементирање на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност (2020 -2025) стратегиска рамка. Дел од имплементацијата на овој план подразбира и спроведување на активности на локално ниво. Во таа насока присутните на обуката првенствено се запознаа со содржината на оваа Резолуција и на деветте последователно донесени резолуции од оваа област; се запознаа со суштината на нејзините главни столбови; со процесот на донесување на вториот Национален акционен план за имплементација на Резолуцијата на Совет на безбедност на ОН 1325: Жени, мир и безбедност. Од особена важност за присутните беше делот посветен на утврдувањето на карактеристичните предизвици на секоја локална власт во насока на натамошно креирање на локални политики и документи за имплементирање на активностите од НАП за ефективна имплементација на Резолуцијата 1325„Жените, мирот и безбедноста.

Резолуција 1325 „Жените, мирот и безбедноста“

Резолуција 1325 „Жените, мирот и безбедноста“ е усвоена од Советот за безбедност на ОН на 31.10.2000 год. Со неа се истакнува важноста на рамноправното учество на жените во спречувањето на конфликтите,  решавањето на конфликтите и во градењето одржлив мир ( ttps://www.usip.org/gender_peacebuilding/about_UNSCR_1325). Резолуцијата 1325 адресира две суштински прашања: несоодветното влијание на вооружените конфликти и војните врз жените и девојчињата, како и улогата што треба да ја имаат жените во спречувањето на конфликтите и градењето на мирот.

Резолуцијата се темели на четири главни столба. Со првиот столб се повикуваат државите да го зголемат учество на жените на сите нивоа на донесување одлуки,во самите институции: при  спречување, управување и решавање на конфликти ;во мировни преговори, во мировни операции, како војници, полицајци и цивили. Во вториот столб заложбата е да се обезбеди заштита на жените и девојките од сексуално и родово базирано насилство, вклучително и во итни и хуманитарни ситуации, како што се бегалски кампови. Во третиот столб Резолуцијата повикува да се подобрат стратегиите за интервенција во спречувањето на насилството врз жените, вклучително и со гонење на одговорните за кршење на меѓународното право; зајакнување на правата на жените според националното законодавство; и поддршка на локалните мировни иницијативи на жените и процесите на решавање на конфликти. А, со  последниот столб се повикува на унапредување на мерките за олеснување и закрепнување за решавање на меѓународните кризи преку вклучување на родовата перспектива, вклучително и со почитување на цивилната и хуманитарната природа на бегалските кампови и разгледување на потребите на жените и девојките во дизајнирањето на бегалските кампови и населби.  Дел од клучните заложби се и интеграција на родовите перспективи во сите мисии преземени од страна на Советот за безбедност и обезбедување на родова перспектива и обука во операциите за поддршка на мирот на ООН.

Како ефективно да се имплементира Резолуција 1325 на локално ниво

На обуката особено внимание беше посветено на поддршката на претставниците од локалната власт при фокусирањето на предизвици од оваа област во насока на натамошно креирање на локални политики и документи за имплементирање на активностите од НАП за ефективна имплементација на Резолуцијата 1325„Жените, мирот и безбедноста“. Беше посочено на потребата од развивање на политики  и преземање на конкретни активности за обезбедување на поголемо вклучување на жените во процесите на донесување одлуки на сите нивоа за прашања поврзани со безбедноста на локално ниво (локални совети за превенција, кризни штабови);  истакнување на потребата за спроведување на родово – сензитивни обуки за претставници на локалната самоуправа, но и за претставниците на воспоставените локални механизми; идентификување на безбедносни ризици на локално ниво, анализа на нивното влијание врз жените, како и улогата на жените во насока на спречување на истите (етнички конфликти; присуство на нелегално оружје;насилен екстремизам и тероризам). Исто така, беше нагласена и потребата за прецизно идентификување на проблемите (доколку се утврди дека постојат) поврзани со безбедноста на жените на локално ниво (насилство врз жени и семејно насилство; насилство врз жени и девојки во јавниот простор;- трговија со луѓе). Потоа, идентификување на ризици од природни непогоди, пандемија од Ковид – 19 итн.; предвидување на мерки на локално ниво со цел примена на Резолуцијата 1325 и обезбедување на буџетски средства; воспоставување на јасни цели, индикатори и временска рамка; развој и имплементација на локални акциски планови и друго.

На обуката беше поканета и претставничка од Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, член на Работната група за изработка на НАП која, меѓу другото изнесе и конкретни примери на заложби што ова министерство ги реализира во насока на ефективно имплементирање на оваа резолуција на ОН и обезбедувањето на поголема вклученост на жените во редовите на ова министерство.

Од дискусијата произлегоа и одредени препораки во насока на ефикасно спроведување на Резолуцијата 1325. Беше посочена потребата за спроведување на широка национална кампања за промоција на Националниот акционен план ( НАП ) и можност за учество во креирање на локалните планови за спроведување на Резолуцијата. Подобрување на механизмите за мониторинг и евалвација на нејзиното спроведување; преглед на акционите планови преку годишни состаноци; обезбедување на механизам за координација и комуникација во рамките на Меѓуминистерската  работна група за имплементација. Исто така беше посочено и на потребата од дополнително унапредување и промовирање на жените во рамките на институциите; спроведување на родова анализа и собирање на податоци расчленети по пол од страна на државни и локални институции ; зголемување на пристапот на податоци и анализи, подобрување на прашања поврзани со мирот и безбедноста и друго.