„Говорот на омраза во предизборниот период низ призма на родовата еднаквост и меѓуетничките односи“

Имајќи го во предвид одржувањето на претстојните локални избори, некаде во втората половина на месец октомври, оваа година, УНДП и ЗЕЛС иницираа организирање на работилница на тема „Говорот на омраза во предизборниот период низ призма на родовата еднаквост и меѓуетничките односи“.  Работилницата  се одржа на 17 јуни, 2021 година, во Скопје, во присуство на претседателите и претседателките на општинските совети и на комисиите за еднакви можности од 12 единици на локална самоуправа, како и на членовите на тематските групи на општински советници и претставници на партнерски општини вклучени во проектот „Зајакнување на општинските совети“. Овој проект го спроведува УНДП, со поддршка на ЗЕЛС, на Министерство за локална самоуправа (МЛС) и на Здружението на финансиски работници (ЗФР), а е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) .

На работилницата беше истакната клучната улога на локалната самоуправа во креирањето услови за слободна дебата и размена на мислења помеѓу сите чинители кои ќе бидат вклучени во претстојниот предизборен процес. Присутните посочија дека родово-базараниот говор на омраза е една од главните причини што ги обесхрабрува жените политички да се активираат и да бидат кандидатки за јавни функции. Досегашните искуства покажуваат дека жените политичарки многу почесто се цел на говор на омраза што се изнесува и на традиционалните и на социјалните медиуми како и на јавни настапи на политички ривали и при водење на политички кампањи. Освен родово-базараниот говор на омраза, беше нагласен и  говорот на омраза на етничка основа. Експертите и присутните споделија одредени искуства и начини преку кои општинските совети и локалните институции можат да ги намалат овие два вида на говор на омраза.

Во фокусот беше ставен говорот на омраза на социјалните медиуми, како најзастапена форма, особено во предизборниот период. Започнува со стереотипни коментари и етикетирања, а многу често завршува со вербални, па дури и со физички закани и демнења. Беа изнесени одредени идеи и предлози за спречување или справување со случаите на говор на омраза. Како можност беше посочено дека тонот на толеранција треба да произлегува од Советот на општината или од комисиите за родова еднаквост во насока на создавање поволна средина за успешно одвивање на локалните избори. Исто така, беше потенцирано дека секој говор на омраза изнесен во медиумите, неопходно е да биде  пријавуван во Советот на етика во медиумите и во Советот на честа на ЗНМ, а заканите за насилство задолжително да се пријавуваат во Министерството за внатрешни работи.