Градоначалникот Борјанчо Мицевски е новиот ко –претседавач на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија

 Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски е избран за нов ко- претседавач на македонската делегација на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Република Северна Македонија и Комитетот на региони на Европската Унија (ЗКК). Тој е назначен на местото на Благој Бочварски, кој до именувањето на министер за транспорт и врски во Владата на РСМ беше ко-претседавач на ова тело. Изборот беше направен на онлајн состанокот што делегатите на ова тело од РСМ го одржаа на 12, февруари, 2021 година. Градоначалникот Мицевски доби едногласна поддршка во изборот при што присутните му посакаа успех во натамошното предводење на македонската делегација на средбите што ЗКК најчесто ги одржува два пати во годината, во Брисел и во нашата земја.

Станува збор за тело претставувано преку европскиот Комитет на региони, каде ЗЕЛС е активна членка. Заедничкиот консултативен комитет помеѓу Република Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК) го сочинуваат вкупно 22 делегати, односно по 11 делегати од двете страни, при што се избираат и нивни заменици, сите од редовите на градоначалници и советници. Со ова тело заседаваат двајца ко-претседавачи. Од Комитетот на регионите, актуелен ко- претседавач е Јасна Габриќ, градоначалник на општина Трбовље (Словенија).
На состанокот присутните накратко беа запознаени со содржината на материјалите што ЗЕЛС им ги достави на делегатите, меѓу кои и Информација за активности од последниот 17-ти состанок на ЗКК, одржан на 11 декември, 2019 година и Писмото до еврокомесарот за проширување на Унијата, Оливер Вархеји испратено од актуелната ко-претседавачка на ЗКК, Јасна Габриќ. Директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, посочи дека Габриќ во писмото и дава поддршка на нашата земја за добивање на датум за започнување на преговорите за членство во Европската Унија. Нагласено е дека Република Северна Македонија со своите досегашни постапки докажала дека заслужува да ги отпочне преговорите и дека секое вакво игнорирање на резултатите што ги постигнува нашата земја придонесува за ширење на евроскептицизмот во регионот.
На состанокот беше предложено да бидат доставени неколку иницијативи пред Управниот одбор на ЗЕЛС. Присутните предложија македонската делегација на ЗКК, да испрати слично писмо до еврокомесарот Вархеји и до некои европски институции. Произлегоа и одредени предлози за зголемување на соработката на македонските и бугарските општини, како соодветен придонес на локалната власт во надминувањето на билатералниот спор на двете држави. Беше посочено дека реактивирањето на започнатите реформи во процесот на децентрализацијата во нашата земјата, исто така, ќе претставува одличен придонес на патот за членство во Унијата. Во таа насока нагласена беше потребата за обновување на започнатите преговори со централната власт за обезбедување на поголема финансиска стабилност на општините, префрлањето на нови надлежности на локално ниво и промени во системот на организацијата на општината. Беше посочена и потребата да се поканат одредени министри и директори на институции на седница на Управниот одбор, за да се добијат релевантни информации за реализацијата на одредени процеси, од важност за единиците на локалната самоуправа, меѓу кои и реализацијата на регионалните депонии, процесот на гасификација и други.