Надзорниот одбор на ЗЕЛС усвои значајни документи за работењето на Заедницата

Надзорен одбор на ЗЕЛС, на 23 јуни, 2021 година, преку апликацијата ЗООМ ја одржа шестата седница на која ги разгледа и ги усвои сите значајни документи од финансиското работење на Заедницата за минатата, 2020 година; потоа  Извештајот на реализираните активностите за истата година, како и ребалансот на Буџетот на ЗЕЛС за 2021 година.

 

 Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ  ја образложи Завршната сметка на ЗЕЛС за 2020 година со попрецизно прикажување на приходите и реализацијата на расходите. Беше укажано дека се бележи добра наплата на членарината од општините, што претставува индикатор за зголемување на самоодржливоста на организацијата. Расходниот дел се состои од трошоци за реализација на активности поврзани со спроведување на услуги за: лобирање, за одржување на електронските системи, за реализација на обуки за општинската администрација и за други настани и обврски. Присутните изразија задоволство од прикажаните резултати, особено од  позитивното мислење што го даде независната ревизорска куќа за финансиското работење на ЗЕЛС.  Надзорниот одбор позитивно се изјасни и за реализираните активности во минатата година, која во целиот свет, па и кај нас беше обележана со состојба на пандемија од Ковид-19. Но, и во вакви услови ЗЕЛС, се прилагоди и преку електронските платформи за комуникација обезбеди реализирање на седници на Генералното Собрание, на Управниот одбор на ЗЕЛС и на другите тела на Заедницата ,како и спроведување на обуки и заеднички проекти во полза на општините. Надзорниот одбор по усвојувањето на овие документи, даде мислење до Генералното собрание истите да ги усвои на првата наредна седница.

Извршниот директор на ЗЕЛС го образложи и предлогот за усвојување на ребаланс на буџетот на ЗЕЛС за 2021. Со оглед на условите на пандемијата, претходниот буџет беше проектиран со акцент на заштеда на расходите и минимизирање на трошоците. На овој начин не се предвидени средства за реализирање на проекти за кои се сметаше дека во времето на планирање на буџетот нема да има технички можности да нивна реализација. Станува збор активности што треба да се реализираат со  други организации,  па  иако износот е многу мал, сепак е потребно да се изврши соодветна интервенција во буџетот на ЗЕЛС. Надзорниот одбор го усвои и овој предлог и тоа му го препорача и на Генералното Собрание на ЗЕЛС.