Финансиските извештаи од работењето на ЗЕЛС едногласно усвоени од Генералното собрание на ЗЕЛС

 

 

Генералното Собрание на ЗЕЛС на 29 јуни, 2021 година, преку електронската платформата за комуникации -ЗООМ ја одржа осмата седница што е во согласност со членот 16, став 7 од Статутот на ЗЕЛС. На оваа седница беа усвоени завршните документи од финансиското работење на ЗЕЛС за 2020 година, Извештајот на независна ревизорска куќа за финансиското работење на ЗЕЛС за 2020 и ребалансот на Буџетот за 2021 година. Пред делегатите беше презентиран и наративен извештај за работењето на ЗЕЛС за минатата година, а претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов  ги потенцираше најзначајните резултати на Заедницата, за 2020 година. Поради организирањето на претстојните локални избори и завршувањето на четиригодишниот мандат на делегатите на ова највисоко тело на ЗЕЛС, Шилегов накратко ги сублимираше и преземени иницијативи и постигнати успеси на овој состав на Генерално Собрание на ЗЕЛС.

-„ Имавме навистина успешна соработка во изминатите четири години и задоволен сум од она што го постигнавме во овој период и како градоначалници во своите единици на локална самоуправа и заедно обединети преку ЗЕЛС. Многу сили и време ни одзема справувањето со пандемијата со Ковид -19,  што никој не ја очекуваше, но и таа даде некои позитивни резултати за нас. На површина  ги изнесе предизвиците на локалната власт, за чие разрешување во континуитет се залагаше ЗЕЛС. Се сеќавате дека пред две години, речиси во истиов период, во Струга, на средбата на Управниот одбор на ЗЕЛС со Премиерот на Владата на РСМ,  започнавме преговори со централната власт за реализирање на драстични реформи во процесот на децентрализацијата на власт, почнувајќи од најчувствителниот дел- обезбедувањето на финансиска стабилност на ЕЛС, потоа, пренесувањето на нови надлежности и промени во организациона поставеност на општините. Тргнавме храбро и креиравме една одлична основа за унапредување на целокупниот систем на локалната власт во земјава, што за жал, поради пандемијата со Ковид -19, не успеавме успешно да ја реализираме.  Јас  сепак сум оптимиста, и мислам дека она што го започнавме ќе биде реализирано во следниот период.  Всушност, во месец февруари и формално беше утврдено работното тело, што продолжи да работи на дефинирањето на промените. Наидовме на одредени ,,колебања“, од одредени министерства, во однос на префрлањето на нови надлежности, но процесот ќе продолжи“.

Ова беше дел од обраќањето пред делегатите на Генералното собрание на ЗЕЛС на претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, кој истовремено изрази благодарност за континуираната поддршка што му ја дадоа потпретседателите на ЗЕЛС: Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и Митко Јанчев, градоначалникот на општина Кавадарци; членовите на Управниот одбор и на Комитетот на советите при ЗЕЛС, и сите делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС како и  на  стручната служба од извршната канцеларијата на Заедницата .   

Шилегов посочи дека и во услови на пандемија со Ковид -19 ЗЕЛС, што опфати период од околу 16 месеци и кога освен здравствени, беа создадени и низа економски и социјални предизвици што се рефлектираа и во работењето на единиците на локалната самоуправа и на ЗЕЛС, сепак Заедницата се прилагоди и најде начини на реализирање на поголем дел од планираните активности. Тој го истакна новиот Стратегиски план на ЗЕЛС за 2021-2025 година, што содржи три клучни стратегиски цели: 1. Застапување и лобирање; 2. Услуги и 3. Градење и јакнење на капацитетите на ЕЛС. Лобирањето претставува најважната активност на ЗЕЛС за унапредување на развојот на локалната власт, преземање на нови надлежности, како и обезбедување на поголема финансиска стабилност на ЕЛС.

Шилегов посочи дека пандемијата ја потенцираше потребата од обезбедување на поголема финансиска независност на локалната од централната власт, како и  потребата за адекватно дефинирање на сите дополнителни  активности што ги извршуваат општините, кои не се законски дефинирани и за кои не се обезбедени соодветни финансиски средства. Тука ги нагласи капиталните инвестиции во образованието, издвојуваните средства за дезинфекција на јавни површини; поддршката на локалното население за справување со кризата, особено на социјалните случаи; вложуваа во опрема и обезбедување на соодветни услуги за непречено одвивање на онлајн наставата. Шилегов нагласи дека и покрај овие дополнителни финансиски трошоци, општините не добија поддршка во речиси ниту еден од четирите сета мерки за справување со кризата, но сепак со заложби на ЗЕЛС беше утврдена промена на пресметката на основата за финансирање на единиците на локалната самоуправа,. Односно при издвојување на средства за општините, наместо само за претходната година, се зема пресметката на просечна наплата на ДДВ за претходните три години. Исто така, Владата го прифати и барањето на ЗЕЛС, актуелниот лимит за планирање на општинскиот буџет од 30% од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција, да се зголеми на 50% .

Шилегов говореше и за заложбите на ЗЕЛС, во делот на легализацијата на бесправно изградените објекти, кои беа делумно инкорпорирани во новиот Предлог- закон за постапување со бесправно изградени објекти. Прифатена беше иницијативата на ЗЕЛС, висината на надоместокот за легализација да се утврдува според висината на надоместокот за уредување на градежното земјиште за соодветната зона, зголемен за 50%. Бидејќи Законот беше вратен во повторна собраниска постапка, Управниот одбор на ЗЕЛС  на својата последна седница дискутираше за неопходноста на измени во доказната постапка, потребата да се води сметка за легализација на инфраструктурата, да се утврди рок на важење на претходниот Закон, да се утврди рок за плаќање на надоместокот, да се води сметка за социјалниот момент и да не се дозволи општа легализација на сите објекти.  

Шилегов говореше и за нивото на реализација на активностите за јакнењето на капацитети на општинската администрација преку ЗЕЛС тренинг центарот, каде преку онлајн обуки или во согласност со  протоколите за заштита од пандемија, беа реализирани поголем број работилници, обуки и конференции. Поддршката на општините во користењето на сите информациски системи продолжува и преку користењето на системите ;www.gradezna-dozvola.mk; информацискиот систем www.e-stvari.mk и системот градежно земјиште www.gradezno-zemjiste.mk . ЗЕЛС продолжи со реализација на голем број активности врзани со домашни и странски партнери во низа проекти, како што се: зјакнување на општинските совети, активности посветени на креирањето и примената на родовите политики; регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“  и други.

На крајот од своето обраќање Шилегов им посака успех на делегатите кои ќе се кандидираат на претстојните локални избори и кои доколку добијат поддршка од граѓаните,  со своето искуство би дале голем придонес во работењето на новиот состав на Генералното собрание на ЗЕЛС што се планира да биде формирано во декември оваа година.

Пред делегатите се обрати и извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која ги образложи финансиските извештаи на ЗЕЛС, Таа посочи на причините за предложениот ребаланс на Буџетот на ЗЕЛС за 2021 година, каде со зголемувањето на средствата ќе  се организира конференција во рамките на проектните активности; ќе се организираат  обуки за градежно земјиште,  на барање на поголем број општини: ќе се реализира студиска посета во рамките на проектот за родова еднаквост како и друг активности што не можеа да бидат реализирани во услови на активни мерки за заштита од  корона вирусот . Претседателот на Надзорниот одбор на ЗЕЛС, Илија Јованоски, градоначалник на општина Прилеп, посочи дека Надзорниот одбор  на седница ги разгледал сите финансиски документ и му предложи на Генералното собрание истите да ги усвои. Тој исто така, изнесе пофални зборови за финансиското работење на ЗЕЛС , што всушност беше утврдено и со Извештајот на независна ревизорска куќа за финансиското работење на ЗЕЛС за 2020, каде е посочено дека финансиските извештаи во сите материјално значајни аспекти, ја презентираат реално финансиската состојба на Заедницата, како и нејзината финансиска успешност во согласност со Законот за непрофитни организации. Директорката на ЗЕЛС го презентираше и наративниот дел на извештајот за реализирани активности  во 2020 година, како што е реализацијата на две седници на Генерално собрание на ЗЕЛС, четири седници на Управниот одбор,  активностите во лобирањето, но посочи и на работењето на комисиите и на мрежите при ЗЛЕС, соработката со меѓународни организации присутни во земјава и надвор од неа. При тоа таа истакна дека на транспарентен начин Финансискиот и наративен извештај на ЗЕЛС за 2020 година веќе е поставен на веб страната на ЗЕЛС во посебна подготвена публикација. Делегатите на Генералното собрание на ЗЕЛС едногласно ги усвои овие значајни документи од работењето на ЗЕЛС и донесоа одлуки за нивно прифаќање.

Под точката разно беше овозможено на претседателката на Здружението за борба против рак ,,Борка“, Биба Додева да се обрати пред делегатите и да ја образложи потребата за што поскоро формирање на Комисија за унапредување на правата на пациентите, од страна на сите единици на локалната самоуправа, што претставува обврска утврдена во Законот за заштита на правата на пациентите .Таа посочи дека во текот на пандемијата со Ковид-19 било увидена потребата за зголемена заштита на правата на пациентите, особено на хроничните болни, што покажала и  спроведената анкета во која 75% од испитаниците посочиле дека постоењето на  ваквите комисии на локално ниво, многу би им помогнале  за  заштитата на правата при остварување на здравствените потреби во медицинските и други установи. Беше посочено дека веќе активно работат вакви комисии кои како пилот проекти се формирани во општините Струмица и Велес, во кои пациентите ги истакнуваат добрите страни на поддршката што индиректно им ја дава општината преку  обезбедувањето на услови за нивна работа.