Јакнење на општинските капацитети за интегрирање на Целите за одржлив развој и принципот „Никој да не биде изоставен“

  „Локализирање на Целите за одржлив развој“ беше темата на четирите еднодневни работилници што во периодот од 15 јуни до 24 јуни, 2021 година ги организираше ЗЕЛС во општините: Струмица, Шуто Оризари, Битола и Кочани. На работилниците учествуваа претставници од  општинската администрација и од општинските совети како и претставници од граѓанските организации од овие единици на локална самоуправа.

Целта на работилниците беше да се зајакнат општинските капацитети во насока на  интегрирање на Целите за одржлив развој и принципот „Никој да не биде изоставен“ во процесите на креирање на локалните политики. Преку примена на интерактивни методи на учење и експертска поддршка, претставниците од локалната власт во  соработка со граѓанските организации, имаа можност да ги идентификуваат приоритетни цели и подцели кои се значајни за креирање на поквалитетен живот на граѓаните во секоја од овие четири општини. Присутните ги идентификуваа начините како долгорочно да се делува во насока на постигнување на  идентификуваните цели. Се водеа плодни дискусии, преку кои присутните подетално  ја разбраа суштината на  Агенда 2030 и на Целите за одржлив развој,  како развојна рамка која делува во синергија.

Општина Струмица ( 15 јуни, 2021 година)

Претставниците на Општина Струмица избраа две приоритетни цели. Првата е Цел 10: „Намалување на нееднаквоста во земјите и меѓу нив“ со  Подцел 10.2 -До 2030 година, јакнење и промовирање на социјалната, економска и политичка вклученост на сите, без оглед на возраста, полот, хендикепот, расата, етничката припадност, потеклото, религијата, економскиот или друг статус . Втората приоритетна цел е Цел 11: “Градови и населби што се инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи“ со Подцел 11.6- До 2030 година, да се намали негативното влијание врз животната средина и градовите, по глава на жител, со посебно внимание врз квалитетот на воздухот и управувањето со комуналниот и другите видови отпад.

Општина Шуто Оризари (16 јуни, 2021 година)

Учесниците од Општина Шуто Оризари исто така избраа две цели, од кои првата е Цел 1: „Искоренување на сиромаштијата насекаде во сите нејзини форми“ цо Подцел 1.4 -До 2030 година, да се осигура дека сите мажи и жени, особено сиромашните и ранливите, имаат еднакви права на економски ресурси, како и пристап до основните услуги, управување со земјиштето и други форми на сопственост, наследство, природни ресурси, соодветна нова технологија и финансиски услуги, како микрофинансирање. Втората цел е Цел 8: „Промовирање инклузивен и одржлив економски раст, целосно и продуктивно вработување и пристојна работа за сите“ со Подцел 8.5 -До 2030 година, да се постигне целосно и интензивно вработување и пристојна работа за сите жени и мажи, вклучително и за младите и лицата со посебни потреби, како и еднаква плата за работа од ист обем.

Општина Битола  (22 јуни, 2021 година)

За претставниците на Општина Битола  приоритет беа  Цел 9 и Цел 11. Цел 9 се однесува на : „Изградба на приспособлива инфраструктура, промовирање инклузивна и одржлива индустријализација и поттикнување иновации“ со Подецл 9.1 Развој на квалитетна, сигурна, одржлива и прилагодлива инфраструктура, вклучително и регионална и прекугранична инфраструктура, за поддршка на економскиот развој и човечката благосостојба, со фокус на применлива и инфраструктура со еднаков пристап за сите. Цел  11 се однесува на: „Остварување инклузивни, безбедни, приспособливи и одржливи градови и населби се приоритет за општината со Подцел 11.6 -До 2030 година, да се намали негативното влијание врз животната средина и градовите, по глава на жител, со посебно внимание врз квалитетот на воздухот и управувањето со комуналниот и другите видови отпад.

Општина Кочани (24 јуни, 2021 година)

Претставниците на Општина Кочани ги избраа Цел 3 и Цел 11..  „Обезбедување здрав живот и унапредување на благосостојбата на сите луѓе на секоја возраст“ е Цел3 со  Подецел 3.5- Зајакнување на превенцијата и третман на злоупотребата на супстанции, вклучително злоупотребата на наркотична дрога и штетното користење на алкохол.  Цел 11: “Градови и населби што се инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи“ со  Подцел 11.6 -До 2030 година, да се намали негативното влијание врз животната средина и градовите, по глава на жител, со посебно внимание врз квалитетот на воздухот и управувањето со комуналниот и другите видови отпад.

 Општините ги идентификуваа предизвиците и дискутираа за локалните решенија

Здрава животна средина, чист воздух, управување со отпадот, обезбедување на  еднакви можности, недискриминација, соодветна инфраструктура, здравствена заштита, достоинствена работа и благосостојбата на граѓаните се прашањата кои се од приоритетно значење за заедниците во целост. Општините ги идентификуваа предизвиците и дискутираа за локалните решенија. Во сите општини беше посочено дека преку градењето консензус,  не со политичка поделеност може да се дојде до успешна реализација на издвоените приоритети во насока на интегрирање на Целите за одржлив развој и принципот „Никој да не биде изоставен“. Единиците на локалната самоуправа, непрофитните организации, медиумите, академската заедница и сите граѓани  имаат своја улога и на свој начин можат да придонесат за трансформација на заедниците кон одржливост. Преку добрите практики од партнерите од Конет,  учесниците на работилниците  се запознаа како со добра меѓусебна координација на сите наведени фактори во заедницата и со заедничка посветеност може да се постигнат поквалитетни резултати во остварувањето на зацртаните цели. Присутните изразија задоволство од она што беше презентирано на работилниците и истакнаа дека применетите методи на учење им овозможиле да ги поврзат Целите за одржлив развој со стратешките планови на општината.

Активностите се дел од проектот „Регионално учење за имплементација на Агенда 2030 во Југоисточна Европа“ кој Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија - ЗЕЛС го имплемнтира во соработка со општините и НВО Конект и во партнерство со  NALAS, Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа, а поддржан од GIZ, Германското друштво за меѓународна соработка.

 Агендата 2030 содржи 17 глобални Цели за одржлив развој, во три области

Агендата 2030 е усвоена од Обединетите Нации во 2015 година и таа содржи 17 глобални Цели за одржлив развој кои се базираат на три области на одржливиот развој: економски развој, социјален развој и развој на животната средина. Целите за одржлив развој не се апстрактни цели, туку тие се поврзани со основните потреби на луѓето за пристап до образование, пристојна работа, здравствена заштита, соодветно домување, инфраструктура, здрава животна средина итн.

Бидејќи сите Цели за одржлив развој се поврзани со надлежностите на локалната самоуправa, локалните власти како и сите локални чинители можат да дадат голем придонес кон достигнување на истите, преку креирање на локални политики во кои ќе бидат интегрирани Целите за одржлив развој.