Предлози од општинските советници за предизвиците во областа на урбанистичкото планирање

На 29 јуни, 2021 година, во организација на ЗЕЛС и УНДП во х. Хилтон, Скопје се одржа работен состанок на Тематската работна група за урбанизам и просторно планирање, формирана во рамките на проектот “Зајакнување на општинските совети“, што го спроведува УНДП заедно со ЗЕЛС и Здружение на финансиски работници, а со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка-СДЦ. 

На состанокот на кој присуствуваа околу 20-тина претседатели/ки на совети и претседатели/ки на Комисиите за урбанизам и просторно планирање кои се членови на оваа тематска работна група за урбанизам и просторно планирање главен акцент беше ставен на следниве теми: презентација на концептот и важноста на јавниот простор и бесправните објекти и предизвици на локалната самоуправа и предлог законот за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти, кој го модерираше експертката од областа на урбанизмот, Даница Павловска. На работилницата беше потенцирана улогата на локалната самоуправа во исполнување на основните услови за концепти на јавниот простор, а повеќе дискусија кај учесниците предизвика втората точка која се однесува на статусот на бесправно изградените објекти на територија на општините. Најмногу забелешки и предизвици генерално кај општините е забележано во немањето детални урбанистички планови со кои би се уредувал статусот на бесправно изградените објекти, дефицитот на стручни лица(градежни инженери) во дел од општините, недоволниот и неефикасен инспекциски надзор во општините, неусогласеноста на законите и законските прописи и дилемата за отпочнатите постапки за легализација за кои не важи веќе стариот закон и други дилеми.

Во таа насока, по исцрпување на прашањата за дискусија беа донесени следниве препораки:

Во Комисијата за увид на бесправниот објект, предвиден со Законот за утврдување на статусот на бесправно изградените објекти, да има претставник од општината;

Новите законски прописи да се однесуваат само на одередена социјална категорија на сопственици на бесправни објекти;

Секој случај на бесправен објект поединечно да се третира за да се избегне секаква можна злоупотреба;

Да се зајакне механизмот на контроли и спречување на градење на бесправни објекти;

Да се стимулира воспоставување на комунални редари;

Информирање на јавноста и поинтензивни кампањи за подигнување на свеста кај граѓаните;

Поголеми надлежности на локалните самоуправи во подготвување на детални и генерални урбанистички планови (ДУП и ГУП);

Финансиска стимулација на стручните лица во општината од урбанистичката област;

Поголема поддршка на општините и лобирање од страна на ЗЕЛС при носење на важни одлуки од централната власт кои директно влијаат на работата на локалните самоуправи.

Тематската работна група за урбанизам и просторно планирање е дел од седумте тематски групи на општинските советници формирани во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“.