Потпишан договорот за примопредавање на 30 нови контејнери за селекција на стакло во Општина Штип

 Денес, потпишавме договор за примопредавање на дополнителни 30 контејнери за селекција на стаклена амбалажа. Со тоа општина Штип, како пилот- општини од нашата земја што учествува во Регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“ доби вкупно 60 специјализирани контејнери за оваа намена.

Ова ќе ни помогне да отидеме чекор напред во подготовките за селекција на тврдиот од мекиот отпад, што ќе треба да го депонираме по воспоставувањето на регионалната депонија. Очекувам сите граѓани во општината, во што поголем број навремено да ја стекнат навиката за селектирање на стаклената амбалажа, но и на останатите видови на цврст отпад, како хартијата, пластиката и слично. Тоа ќе доведе до намалување на предадениот отпад во депонијата и помали трошоци за општината и за граѓаните.

Со новите контејнери и оние што ги имавме претходно, сметам дека засега обезбедивме соодветна инфраструктура за собирање на стаклена амбалажа“. Ова го истакна градоначалникот на општина Штип, Сашко Николов, на свеченото потпишување на договорот за примопредавање на новите контејнери, што се реализираше на 11 февруари,2021 година во општинската зграда во Штип. Договорот го потпишаа Градоначалникот на Општина Штип, претставник од Германското друштво за интернационална соработка ( ГИЗ) и директорот на Јавното претпријатие ЈП „Исар“. Овој проект во Република Северна Македонија се реализира со поддршка на ЗЕЛС, Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) и ПАКОМАК.