Излезе од печат Гласилото на ЗЕЛС за месец Jули

 


Во Гласилото на ЗЕЛС  за месец јули ќе може да прочитате за низа активности што Заедницата ги реализираше во овој период, од кои дел се однесуваа на  прашања поврзани за начините на финансирање на локалната власт и можностите за нивно подобрување. Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините, каде ЗЕЛС има мнозински број на членови во ова тело, аргументирано застанаа на ставот дека е потребна функционална а, не институционална распределба на средствата од блок дотациите. Тие освен што ги разгледуваа методологиите: за распределба на приходите од ДДВ и на блок дотациите, имаа можност да се запознаат и со анализите од Ревизијата на успешност – Ефективност на мерките и активностите во функција на реализација на пренесените надлежности кои се финансираат со средства од блок дотации.

Генералното собрание на ЗЕЛС, на 29 јуни 2021 година,преку електронската платформата за комуникации Зум ја одржа осмата седница, што е во согласност со членот 16,став 7 од Статутот на ЗЕЛС.На оваа седница беа усвоени завршните документи од финансиското работење на ЗЕЛС за 2020 година

Во месец јули, Управниот одбор на ЗЕЛС ја одржа осумнаесеттата седница, на која  го разгледа предлогот на Министерството за финансии за унапредување на процесот на фискалната децентрализација и зголемување на финансиската автономија на општините, а беа изнесени и заложбите за потребата од јасно утврдени критериуми за децентрализација на културните институции. На сеницата беа донесени заклучоци кои кореспондираат со досегашните систематизирани ставови на ЗЕЛС во делот на финансирањето на локалната власт. Беше изнесено дека предлогот од МФ не соодветствува на потребите и дека воопшто не треба да се намали сумата што некои од општините би ја добиле со промена на процентот, односно дека основната формула би требала да предвиди поделбата на ДДВ да не биде помала од сегашната вредност, односно 4.5%, а остатокот од зголемувањето може да се користи за двата предложени фонда.

Во текот на месец јули, ЗЕЛС ја организираше конференцијата со која се одбележа двегодишниот период на активностите од проектот „Кон родово одговорни општини: зајакнување на општинските капацитети за родови политики и родово одговорен буџет“, што го спроведува со поддршка на UN Women, Скопје. Во рамките на овој Проект беше реализирани и посета на Општина Бар, Црна Гора, каде темата на размена на искуства гласеше - „Поддршка на женско претприемништво“.

Во овој период, пред Работната група на Проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“ беа презентирани досега постигнатите резултати, утврдените предизвици како и предлог Методологијата за следење на процесот на собирање на стакло од амбалажа. Не изостана реализација и на активностите од Проектот  „Зајакнување на локалните капацитети за спроведување на Агенда 2030 и принципот Никој да не биде изоставен“, каде досега 24 претставници од општините се стекнаа со сертификати за примена на пристапи за испорака на социјални услуги.