ЗЕЛС организираше информативна сесија за општините -„Како до меѓународен BFC SEE сертификат“
„Како до меѓународен BFC SEE сертификат“ беше насловот на информативната сесија што ја организираше ЗЕЛС на 19 април, 2023 година, во административните простории, на која беа поканети секретарите на општините и претставници од одделенијата за локален економски развој. Присутните беа запознаени дека сите заинтересирани општини имаат можност да се вклучат во меѓународната BFC SEE- програма за сертификација на градови и општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (Business Friendly Certification South East Europe - BFC SEE), каде ЗЕЛС ја има улогата на акредитиран технички секретаријат за нејзино спроведување во нашата земја.
Беше посочено дека на веб страната на ЗЕЛС (https://zels.org.mk/newsd/5150) е поставен јавен повик, кој е ексклузивно отворен за 50 градови и општини од Југоисточна Европа кои досега не учествувале во програмата на BFC SEE, а општините може да се пријавуваат сè до исполнувањето на оваа бројка. Оваа Програма за општините обезбедува јасни насоки за унапредување на своите административни перформанси, го зголемува нивото на квалитет и ефикасност на услугите наменети за приватниот сектор, а локалното стопанство го рангира по конкурентност на регионално и меѓународно ниво. Програмата е наменета за општини кои сакаат да ја унапредат својата административна подготвеност за обезбедување и спроведување на квалитетни услуги и услови за развивање на постојниот стопански потенцијал во општината и привлекување на нови домашни и странски инвестирања, а со тоа да му обезбедат на населението можности за вработување. Почетен чекор во овој процес е локалната самоуправа да ги препознае сопствените автентични потенцијали за економски развој и потребите на деловната заедница во насока на заедничко креирање оддржлива стратегија на локален економски развој . Во таа насока, на оваа сесија присутните беа информирани за предностите и бенефитите што ги обезбедува овој сертификат ; за процесот што треба да го спроведе општинската администрација; за критериумите што треба да бидат исполнети, но и за видот на поддршката што ја обезбедува ЗЕЛС во текот на целиот процес на сертифицирање на општините.
Над 90% од БФЦ СЕЕ стандардизираните општини се изјасниле дека имаат висока полезност од овој меѓународен сертификат
Според направено истражување и анализа од страна на БФЦ Програмата, на прашањето поставено на општините од регионот кои веќе се стекнале со БФЦ СЕЕ сертификат, дали сметаат дека имаат полза од БФЦ СЕЕ печатот за стандард, 90% од нив одговориле со висока и највисока оценка. Во рамките на ова истражување употребена е и алатката на истражување од независен, таен купувач/инвеститор, преку која се потврдило дека во општините кои се стекнале со BFC ЈИЕ сертификат условите за водење бизнис се за 76% подобри, во однос на оние кои немаат ваков печат на стандард. Исто така, утврдено е дека сертифицираните општини, во просек имаат три пати повеќе инвестиции од оние кои не се БФЦ сертифицирани. Понатаму, од сите општини од регионот (12) кои се наведени на листата на Financial Times на топ дестинации за инвестирање во Европа (FDI Cities of the Future) 80% се токму оние што имаат БФЦ СЕЕ сертификат, меѓу кои се и единици на локална самоуправа од нашата земја. Преку Мрежата BFC SEE беа поттикнати нови регионални иницијативи (Е-дозвола за градба....) и беа спроведени проекти со поддршка на големи меѓународни институции како што се GIZ, SDC, USAID, SIDA и Светска банка. Оваа Програма, исто така, поттикна 20 институции и организации од седумте земји (Албанија; Босна и Херцеговина, Р.С. Македонија, Косово, Србија, Хрватска и Црна Гора) да ја зајакнат регионална соработка и да обезбедат размена на знаења меѓу ресорните министерства, стопанските комори, здруженијата на општини, развојните агенции, граѓанските организации и универзитетите, општините и градовите, во рамките на платформата „Партнерство за конкурентен регион“ (CORE)
Сето ова, како што беше изнесено на сесијата, претставува значаен показател зошто една општина, која високо на листа на своите стратегиски приоритети го има ставено развојот на локалната економија, би се пријавила на отворениот повик и би се вклучила во едногодишниот процес на исполнување на критериуми за стекнување на овој меѓународен БФЦ СЕЕ сертификат .
Утврдени се задолжителни критериуми за стекнување со БФЦ СЕЕ сертификатот
Претставниците од општината беа запознаени и со 10-те критериуми што треба да ги исполни општината и 63 -те подкритериуми, што треба да ги исполнат на патот на сертификацијата. Беше посочено дека дел од критериумите се задолжителни, како што е стратегија за локален економски развој на општината, воспоставен Локален економски совет, административно одделение за локален економски развој и други. Општината треба задолжително да го преиспита својот потенцијал за исполнетост на овие критериуми. Во таа насока беше посочено дека секоја општина има можност, пред да се пријави, да изврши соодветна претходна проверка за сопствените стартни позиции или, пак на тој начин да види што во меѓувреме би требало да воспостави, за да се пријави на некој следен јавен повик за сертифицирање. Беше нагласено дека од вкупно 100 бода, 75% се добиваат за показатели за воспоставени капацитети и процеси. Новина претставуваат 15 % од бодовите кои се добиваат за нумерички показатели за ефектите каде се мери способност на ЕЛС да се бави со мерење на својот учинок, а не со конкретни вредности, па со текот на времето собраните податоци ќе овозможат аналитика и воспоставување референтни вредности. Остатокот од 10% од бодовите се однесуваат за иновации и добри пракси, кои се вметнати низ шест од 10 критериуми, а најизразено е во десеттиот критериум, кој се однесува на ,, Примена и ефекти од механизмот „паметен град (smart city) во ЕЛС“.
Процесот на сертифицирање на општините ќе се одвива електронски, преку БФЦ СЕЕ системот, каде општината треба да ги ,,закачува“ потребните документи и докази. При тоа административниот тим што ќе го утврди општината како одговорен за спроведување на процесот ќе добива континуирана поддршка од евалуатор, со кого ќе соработува и ќе се консултира за сите критериуми и или непознати ситуации. По завршениот процес, оценката ја врши регионален верификационен тим што ја проверува документацијата, транспарентноста на потребните податоци изнесени на општинската веб страна, а врши и практична проверка во самата општина и со локалната бизнис заедница. Времетраењето на сертификатот е три години. Низ целиот период општината ќе биде поддржувања од стручни верификатори кои ќе вршат мониторинг и надзор на запазување на БФЦ СЕЕ стандардите. После овој период, општината може да започне нова фаза на ресертификација.
ЗЕЛС, како член на Партнерството за конкурентен регион (CORE partnership) и во соработка со Германската развојна соработка што ја спроведува ГИЗ, го спроведува овој Јавен повик упатен до лидерите на локалните самоуправи за подобрување на работата и ефикасноста на локалната администрација со следење на критериумите за сертификација на BFC SEE, и со тоа да го заслужат епитетот Општина по мерка на бизнисот.
.jpg)
.jpg)
.jpg)
