Презентиран предлогот на МОН за нов систем на финансирање преку блок дотации за основно и средно образование

 


Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините на 3 август, 2021 година преку софтверска платформа за онлајн комуникации ја одржа четириесет и првата седница. Членовите на Комисијата, во која мнозинскиот дел се  претставници од единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) ги разгледаа и дадоа позитивно мислење на текстовите на предлог – уредбите за методологиите за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за основното и за средното образование по општини за 2022 година, а,позитивно мислење дадоа и на текстот на Предлог – Уредбата за методологијата за утврдување на критериуми за распределба на блок дотации за јавните детски установи за деца – детски градинки и центрите за ран детски развој во состав на јавните детски градинки по општини за 2022 година. Бидејќи станува збор за непроменети текстови на уредбите од претходната година, присутните не развија особена дискусија по овие точки, особено што на оваа седница точка на дневен ред беше и претставувањето на предлогот на нов систем на финансирање преку блок дотации за основно и средно образовани што го подготвило Министерството за образование и наука (МОН). Во таа насока, пред присутните на седницата се обрати и министерката за образование и наука, Мила Царовска како и претставник од кабинетот на министерот за финансии Фатмир Бесими. 

Министерката Царовска, посочи дека врз основа на поголем број анализи што ги реализирало МОН, а особено водејќи се по препораките дадени во Ревизорскиот извештај за успешност – ефективност на мерките и активностите во функција на реализација на пренесените надлежности кои се финансираат со средства од блок дотации, развиен е нов предлог модел на финансирање на надлежностите на општините во образованието, преку блок дотации за основно и средно образовани. Анализите покажале дека досега за образованието не се одвојувани доволно финансиски средства и дека околу 85% од блок дотациите во основно образование  се трошат за плати и надоместоци за наставниот кадар. Новиот модел се темели на стандард по ученик, што се утврдува за прв пат  и  исто така содржи развојна компонента, а обезбеден и петгодишен период на прилагодување на општините, Во овој петгодишен период општините треба да преземат активности за оптимизација на трошоците со реалните потреби за обезбедување на квалитетно образование,  во согласност со стандардните трошоци. Како примери беа посочени, мал број деца наспроти голем број на наставници; полупразни училишни објекти; голем број на училишни правни субјекти  и друго. Министерката посочи дека предложениот модел можеби не е идеален но, дека ќе обезбеди транспарентна распределба на средствата. Овој предлог –модел во следните месеци ќе биде ставен на разгледување и дебатирање со општините, но и со сите останати релевантни субјекти.

Претставникот од кабинетот на министерот за финансии Фатмир Бесими, истакна дека новите реформи се добредојдени, особено што долг период не се направени промени во делот на распределбата на средствата од блок дотациите и истите се во насока на процесот на  преземање на покрупни чекори во делот на обезбедување на поголема финансиска стабилност на локалната власт, односно унапредување на фискалната децентрализација. 

Претставничката од Министерството за образование го образложи основниот концептот на новата  предлог –формула за распределба на средствата за основно образование, што ќе се темели на Основна компонента; Варијабилна компонента; Прилагодувачка компонента и Развојна компонента .

Основната компонента ја опфаќа основната сума по ученик во основното образование и ги содржи трошоците за: плати и придонеси, комунални услуги, греење, материјали и ситен инвентар, поправки и тековно одржување, договорни услуги, здрава ужинка за секој ученик, како и други расходи. Годишен трошок за основно образование по ученик (2017 година) во Р.С.Македонија е 790 евра. Во Европската Унија е 6,625 евра ;Германија -7.655евра, Хрватска-3.496 евра и Бугарија-2.673 евра. Беше посочено дека се предвидува и нов трошок - трошокот за стручно усовршување, кој се воведува во пресметката на основната сума. Овој трошок станува значаен и со воведување на новата концепција бидејќи со неа предвидено е континуирано усовршување на наставниот кадар. Трошокот се пресметува како 1% од вкупен годишен трошок за плати и надоместоци за наставници. Како нов трошок се појавува и трошокот за здрава ужинка кој е  пресметан врз основа на анализата изработена за потребите на МОН која предвидува ужинка од 40 денари по ученик на ден. Согласно поделбата на училиштата по различни структури: населено место, степенот на развиеност и учеството на ученици кои одат во подрачните единици, се категоризираат 12 видови на училишта за кои се пресметани коефициенти (односно фактори) како стандард за пресметка на основната сума по ученик.

Варијабилна компонента обезбедува финансирање на трошоци за одреден број ученици, во зависност од бројот на ученици по општина/училиште за следните видови трошоци: Превоз на ученици; Учебници за ученици од I – III одделение; Трошоците за учениците со посебни образовни потреби; Технички помагала за учениците од IV – IX одделение кои се дел од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигитални учебници; Надоместок за ученици кои следат настава на јазик кој го зборуваат помалите етнички заедници.

Делот на Износот на блок дотацијата која ќе го добие една општина нема да се разликува во апсолутен износ за повеќе или помалку од 10% од блок дотацијата која општината ја добила во претходната година. Ваквото прилагодување ќе овозможи постепено приспособување на општините кон стандардите кои ќе бидат воведени со новата формула за финансирање на основното образование. Дополнително, прилагодувањето ќе овозможи и поддршка во спроведувањето на оптимизацијата на училишната мрежа. Проекциите покажуваат дека во просек, при употреба на прагот од ±10% од блок дотацијата добиена во претходната година, потребен ќе биде период од 5 години за приспособување на општините/училиштата на стандардите и ќе овозможи простор за постепено спроведување и финансирање на оптимизација на училишната мрежа.

И Развојна компонента треба да обезбеди поддршка за развој на основното образование во општината што ќе се мери според однапред предвидени перформанси. Оваа компонента може да изнесува најмногу 1% од вкупно доделената дотација. Секоја општина ќе има можност да добие соодветна сума на средства во зависност од постигнувањата на училиштата кои се наоѓаат на нејзината територија. Развојната компонента се планира да се воведе од 2023 година, со оглед дека ќе биде пресметувана врз основа на мерење на перформанси од две последователни учебни години (2021 и 2022). За целосно спроведување на оваа компонента потребно е развивање на методологија за оценување на перформансите, но и соодветни дигитални алатки за прибирање на податоците.

Пред присутните беше презентиран и предлог –моделот за средно образование, при што беше посочено дека најголем предизвик за следниот период е утврдување на финансирањето на средното стручно образование.

Присутните дадоа целосна поддршка на реформските зафати на МОН во делот на утврдување на нови формули за распределба на блок дотациите во образованието,  при што беше укажано дебатата да се развие што поскоро, имајќи го во предвид креирањето на Буџетот на државата, но и претстојните локални избори. Претседателот на Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините,  Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес укажа дека е потребно  МОН да ги земе во предвид и предизвиците со кои во изминатиот период се соочуваа општините околу бесплатниот превоз на учениците. Коцевски посочи и на потребата за разрешување на предизвиците со финансирањето на  ученичките домови, а укажа и на потребата од рационалноста при давањето на дозволи за градба на нови објекти за училишта или градинки. На седницата Комисијата упати укажување до  Министерството за труд и социјална политика, после едногодишната примена на новата формула  за блок дотации за градинките, применета од минатата година, да направи анализа на состојбите, со цел утврдување на нејзиното позитивно или негативно влијание во насока на утврдување на евентуална промена и на оваа формула. Исто така, Комисијата заклучи дека дава поддршка за утврдување на нов модел на финансирање преку блок дотации за основно и средно образование и дека е потребно истиот да биде презентиран и дискутиран на седница на Управниот одбор на ЗЕЛС.