Граѓанското учество како фактор за соодветно креирање на локални политики и буџет

Од 24 до 26 август, 2021 година преку ЗООМ платформата ЗЕЛС во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје организираа три еднодневни обуки на тема: Развој на општински политики во согласност со принципите на демократско управување. На обуките учествуваа претставници од општинската администрација кои работат на развој на документи за општински политики (стратегии, планови, програми, акти итн.). Во текот на обуката беа презентирани досегашните наоди од активностите и истражувањата на ЗЕЛС и Мисијата на ОБСЕ во Скопје поврзани со процесите на развој на локалните политики, со фокус на граѓанското учество како една од формите на демократско управување во општините. Беа презентирани наодите од спроведена анкета со општини, од ноември 2020 година, кои покажаа дека е потребно да се донесе стандардизиран акт за процесот на подготовка на општински документи и политики, потоа, дека е потребно општината да се фокусира сериозно на изработка на стратешки план за развој на општината со задолжителни номотехнички и стандардизирани технички правила за содржината и формата на елементите кои треба да бидат содржани во општинските документи, а не да се фокусира на изборната програма на градоначалникот. Од истражувањето произлезе и потребата од Подготовка на Водич за развој на локални политики кој ќе биде финализиран и дистрибуиран до сите општини до крајот на 2021 година, за што беа информирани учесниците на обуките.

Во однос на граѓанското учество при креирањето и спроведувањето на локалните политики беше презентиран наодот дека најчесто граѓаните се вклучуваат преку јавни консултации (дебати, форуми во заедницата, средби со граѓани), а поретко преку онлајн консултации и преку соработка на општината со здруженија на граѓани, а како иновативен пристап во собирање на мислења и предлози на граѓаните беше претставена е-алатката м-Заедница, која се спроведува од неколку општини. Вклученоста на граѓаните е речиси на исто ниво и во дефинирањето на распределбата на финансиските средства по различни приоритетни области, уште еден наод кој произлезе од минатогодишното истражување кое претходеше на овие последователни онлајн обуки.

Главен фокус на обуките беше претставување на клучните аспекти на процесот на развој на локални политики: дефинирање на локални приоритети, подготовка на документи за политики, нивно усвојување, спроведување, како и мониторинг и евалуација, а со фокус на граѓанското учество во сите овие процеси. За време на обуките беше овозможена поголема интеракција со учесниците за време на вежба каде имаа можност да споделат нивни искуства и научат повеќе околу можностите и активностите кои се применуваат при развој на политиките во сите фази на процесот: дефинирање на општински приоритети, подготовка на документи, усвојување, спроведување и мониторинг и евалуација.

Учесниците на обуката зборуваа за потребата од поголема и континуирана вклученост на советниците и Советот на општината при процесот на развој и усвојување на политики, градење на општински тимови и надворешни стручни лица во сите фази од процесот на политики, медиумска поддршка, размена на искуства со други општини но и користење на странски искуства, вмрежување со други домашни и странски колеги  и зголемен фокус на анализи за сите области и користење на тие податоци при развојот на општинските документи, планови и стратегии.

По обуката, ќе биде издаден и Водич за развој на локални политики, кој ќе биде доставен до сите општини и кој ќе има практична применета вредност во секојдневното работење на општините во процесите на подготовка на документи за локални политики.