Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините го разгледа Дополнувањето на информацијата на Министерството за финансии за унапредување на процесот на фискалната децентрализација

 


 

Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините, во која мнозинскиот број на членови се од локалната самоуправа, на 27 август, 2021 година, ја одржа 42 седница. Присутните ја усвоија Предлог – Уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации за јавните установи за социјална заштита - домови за стари лица, за 2022 година, за која беше констатирано дека нема измени, односно е идентична како и во претходната година. Од особена важност на оваа седница беше точката посветена на  разгледувањето на Дополнувањето на информацијата на Министерството за финансии за унапредување на процесот на фискалната децентрализација, што пред присутните ја образложи Ширет Елези, посебен советник на Министерот за финансии.

Претставничката од Министерството за финансии истакна дека во наредниот период Владата на РСМ ќе продолжи со политиките за развој на општините преку унапредување на фискалната децентрализација и на рамномерниот регионален развој со цел зајакнување на финансиските капацитети на општините, но воедно ќе воведе соодветни мерки со кои ќе се обезбеди зголемување на одговорноста и на транспарентноста во нивното работење. Предложено е  постепено зголемување на средствата што се одвојуваат за општините од данокот на додадена вредност (ДДВ)  од сегашните 4,5%, во 2022 да изнесуваат 5% од ДДВ, во 2023 -5,5% и во 2024 година- 6% од ДДВ. Исто така, се предлага и зголемување на зафаќањето од персоналниот данок на доход, од сегашните 3%, следната година да изнесува- 4%, во 2023 -5% и во 2024 -6%. Кај дотацијата од ДДВ за општините, предложени се соодветни критериуми на распределбата на овие средства, а предвидени се и  процентуални зафаќања во три фонда:  Основниот фонд ;  Фонд за перформанси ( како  награда за фискалната одговорност на општината)   и  Фонд за воедначување ( поволен за општините кои немаат доволно средства за  соодветно работење) .

Министерството за финансии предлага и решенија со кои би им се овозможило на општините да ги надминат предизвиците со доспеаните, а неплатени обврски, за кои беше посочено дека е потребен дополнителен дијалог со ЗЕЛС. Исто така, дадени се и предлози поврзани со исполнување на условите за прогласување на финансиска нестабилност (целата постапка од самиот момент на прогласување до делот на надминување на финансиската нестабилност). Во изнесените предлози на Министерството беше посочено и формирање на Агенција за локален и регионален развој, при што беше укажано дека ЗЕЛС и надлежните министерства дополнително би дискутирале за утврдувањето на законските решенија за нејзино формирање и работење.

 

Претставниците во Комисијата од локалната самоуправа со резерва во делот на понудените проценти од зафаќањето на средства од ДДВ и зафаќањето на средства од персоналниот данок.

Претседателот на Комисијата, Аце Коцевски, градоначалник на Општина Велес, посочи дека предложениот текст на Министерството за финансии начелно ги одразува барањата на ЗЕЛС, но со голема резерва во делот на понудените проценти од зафаќањето на средства од ДДВ и зафаќањето на средства од персоналниот данок. Коцевски и останатите членови  на Комисијата, претставници од локалната власт, повторно ја нагласија континуираната заложба на ЗЕЛС  тие да изнесуваат: 10% од ДДВ и 50% од персоналниот данок на доход. Беше посочено дека доколку општините добиваат поголем процент од персоналниот данок на доход, тие би биле и индиректни коректори во сузбивањето на сивата економија, што е исто така една од приоритетните заложби на централната власт. Одредено несогласување беше посочено и од предложениот процентуален сооднос на распределбата  на  основните 4.5% , преку трите критериуми, број на жители, површина на општината и број на населени места. Коцевски посочи дека е потребно да се направи сериозна симулација на дадените предлози, бидејќи може да се случи, на општините на кои најмногу им недостигаат средства и најмногу да изгубат со примена на новата формула. Воведувањето на Фондот за перформанси беше оценет како позитивно решение бидејќи би претставувал одредена сатисфакција за општините кои континуирано водат одговорна фискална политика и кои максимално ги собираат средствата од сопствените извори на финансирање, особено од данокот на имот. Беше посочено дека реформите треба да се водат во духот на почитување на Европската повелба за локална самоуправа,(особено член 9) каде се предлага префрлените средства на општините во најголем процент  да бидат ненаменски, со цел поголема слобода и одговорност на локалната власт за соодветно располагање со истите. Во таа насока до Министерството за финансии беше посочено да се преиспита и  намената на средствата со кои  се утврдува процентот на учеството  на општините во јавната потрошувачка, каде најголема ставка влечат платите на наставниците кои одат преку локалната власт.

Во делот на постапката поврзана за прогласување на финансиска нестабилност беше посочено да се размисли, наместо префрлањето на целата иницијатива на градоначалникот и на Советот на општината, Министерот за финансии да му предложи на градоначалникот да го извести Советот на општината за евентуалната несолвентност.  Членовите на Комисијата од локалната самоуправа, позитивно се изнесоа за предлогот  за формирање на Агенцијата за локален и регионален развој, особено како поддршка на помалите општини при обезбедувањето на средства  за реализација на поголеми капитални инвестиции поврзани со европски и други меѓународни проекти, но и за други намени.

Беше забележано дека е исполнет и предлогот на ЗЕЛС за вклучување на претставник од Министерството за култура во Комисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините со што  вкупниот број на ова тело би изнесувал 11 члена. На седницата од МЛС беше изнесен предлог во Комисијата да има и член од Министерството за обрана, со оглед на сериозната состојба со финансирањето на територијалните противпожарни единици. Повторно беше изнесен и предлогот, што и во изминатиот период го нагласуваа  претставниците на локалната самоуправа, членовите во Комисијата што доаѓаат од соодветните министерства да се најмалку од редот на државни советници или секретари на министерството, со цел поголема оперативност на ова тело во донесувањето на ставови и одлуки.

Седницата заврши со предлог, Дополнувањето на информацијата на Министерството за финансии за унапредување на процесот на фискалната децентрализација да се достави на мислење до сите општини. Исто така, беше предложено да се свика тематска седница на Управниот одбор на ЗЕЛС на која ќе се дискутира за Дополнувањето, како и да се одржи состанок со Министерот за финансии со цел пред 15 септември, 2021 година ЗЕЛС да достави прецизно утврдени ставови до централната власт во однос на предложените реформи во процесот на фискалната децентрализација.