ЗЕЛС организираше обука за финансиските работници од општините за користење на ЕСПЕО

„Постапки и алатки за внесување на податоци во електронскиот систем за пријавување  и евиденција на обврски (ЕСПЕО)“ беше насловот на темата на обуката наменета за вработените во одделенијата за финансии во општините - членови на Мрежата за финансиски работници при ЗЕЛС, што се одржа на 17 мај, 2023 година,во административната зграда на ЗЕЛС. Обуката ја организираше ЗЕЛС, во соработка со Министерството за финансии, а по барање на поголем број општини, со цел  надминување на сите предизвици со кои се соочуваат финансиските работници при пополнувањето на податоците во овој електронски систем. Беа реализирани две сесии, од кои на првата присуствуваа претставници од општините од : Скопскиот, Полошкиот, Североисточниот и Југозападниот плански регион, а втората група ја сочинуваа претставници од:  Источен, Југоиточен, Вардарски и Пелагониски плански регион.

Електронскиот систем за пријавување и евиденција на обврски (ЕСПЕО) овозможува прибирање, евиденција и објавување на пријавените податоци од страна на субјектите за преземените, а недоспеани и доспеани, а неплатени обврски на субјектите. Согласно Законот за пријавување и евиденција на обврски, субјекти што се обврзани да ги пријават обврските се: органите на државната власт,   единиците на локалната самоуправа, установите и институции кои вршат дејности од областа на културата, образованието, здравството, детската, социјалната заштита, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, основани од државата или од единиците на локална самоуправа; јавните претпријатија, трговските друштва во сопственост на државата и други правни лица чиј основач е државата или единиците на локалната самоуправа.

Како што посочија претставниците од Министерството за финансии постоењето на овој систем е граѓаните да имаат увид  во  работењето на институциите, односно во трошењето на нивните пари. Во таа насока Министерството за финансии, на  квартална основа објавува збирни извештаи заради информирање на пошироката јавност, за поголема транспарентност и јакнење на одговорноста при располагање со јавни средства. Присутните беа запознаени дека на веб страната на Министерството за финансии www.peo.finance.gov.mk постои Упатство за користење на системот, како и дваесет минутно видео, со кое корисникот прегледно се води, чекор по чекор за начинот на внесување на документите и сите опции што ги нуди системот. Посебно беше посочено задолжителното внесување на ,,адресните податоци“ како и доставување на нови податоци при секоја промена на корисникот или на неговата електронска адреса. Дел од присутните посочија дека користат приватни електронски адреси, а не службени и предложија тоа да биде законска обврска, особено што во пракса се јавуваат предизвици кога општината врши промена на овластеното лице. Присутните беа заинтересирани како да постапат кога при внесувањето на даночниот број, не се појавува името на коминтентот, или излегува некое друго име од она кои тие го имаат. Претставниците од МФ нагласија дека ова е особено важно и треба веднаш да достават барање/известување до нив, преку електронска пошта, во кое ќе ги напишат најосновните податоци за да може да се интервенира во Централен регистар и да се внесат објективни информации во системот. Присутните беа информирани дека мора да се внесе се она што во тековниот месец е стигнато во институцијата, и оние кои не се платени во делот на доспеани и недоспеани, а кога има општината повеќе годишни месечни рати, истите се внесуваат за тековната и за следните две години до висина од обврската за тој период, но не вкупната сума.  Општината треба да креира месечната обврска и кога таа изнесува нула. Присутните беа запознаени и со начинот како да ги сочуваат своите извештаи и како потоа да ги побараат и копираат доколку имаат таква потреба. Беше нагласено дека пријавувањето на обврските се врши на месечна основа преку овој систем (ЕСПЕО), најдоцна до десеттиот ден во месецот, за податоците од претходниот месец. При тоа беше препорачано овластените лица да не го чекаат крајниот термин,туку тоа да го направат барем во првите пет дена,  за да имаат време да ги проверат внесените податоци. Исто така, беше нагласено дека за точноста на  внесените податоци содговорни се  овластените лица од општината. Присутните беа предупредени дека со новите законски измени избришана е досегашната можност за- ,,една опомена“, што значеше дека доколку институцијата не внела податоци само за еден месец во годината, не подлежи на  казна. Напротив казни  добиле и оние кои само еден месец не ја реализирале оваа обврска.

На крајот од обуката претставниците од  Министерството за финансии нагласија дека се секогаш отворени за поддршка и взаемна соработка со општините и ги замолија присутните да ги информираат и институциите што ги основала општината за овој вид на обврска.