Град Скопје доби 60 нови контејнери за одлагање на стаклената амбалажа

 -„Денес потпишавме договор за примопредавање на 60 нови контејнери за депонирање на отпад од стаклено пакување, што Град Скопје ги доби како донација во рамките на учеството во регионалниот проект „Управување со стаклена амбалажа на Западен Балкан". Всушност само од овој Проект, градот Скопје обезбеди вкупно 122 контејнера за стакло, имајќи ги во предвид и 62-та контејнера кои ги распоредивме пред неколку месеци. Со тоа, Град Скопје стана еден од шесте единици на локална самоуправа во нашата земја, опфатени со овој Проект и еден од 14-те градови и општини од трите земји учеснички: Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Чувствувам голема одговорност, но истовремено и благодарност до ГИЗ, ЗЕЛС и ПАКОМАК, кои се имплементатори на проектните активности за нашата земја, за укажаната доверба.“

Ова го истакна Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, при свеченото потпишување на договорот што беше организирано на 16 март, 2021 година, во Станицата за селектирање на отпад - Карпош. Тој ги повика граѓаните да се вклучат масовно и сита стаклена амбалажа од своите домови, да ја фрлаат само во овие специјализирани контејнери. Шилегов рече дека градот во континуитет ја надополнува инфраструктурата на контејнери за селекција на отпад и тоа не само за стакло туку и за хартија и за пластични шишиња и така ќе продолжи и во иднина.

 
Договорот го потпиша и директорот на ЈП Комунална Хигиена Скопје, Абдусамед Шабани како и донаторот - Германското друштво за интернационална соработка преку Отворен Регионален Фонд за Југоисточна Европа – Модернизација на општински услуги ( ГИЗ ОРФ ММС). Директорот Шабани посочи дека комуналното претпријатие како нов сопственик на овие контејнерите ќе се грижи за нивно одржување и ќе ги реализира сите потребни активности за исполнување на резултатите од Проектот и ги повика граѓаните но, и угостителите, стаклената амбалажа да ја ставаат во овие зелени контејнери. Шабани нагласи дека со тоа ќе се обезбеди почиста животна средина за сите.
Пред присутните се обрати и директорката на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, која информираше дека во Проектот во нашата земја се вклучени шест единици на локална власт. Во Илинден, Штип, Гевгелија и Битола веќе се распоредени донираните контејнери, денес се предаваат на Град Скопје а, во четврток во Тетово. Таа нагласи дека подршката од населението е многу важна за реализација на целиот проект бидејќи со воспоставената инфраструктура на контејнери е потребно да се зголеми собраната количина на стакло за 20 % . Перишиќ посочи дека за да се распадне стаклото, потребни му се повеќе од 5.000 години, а со рециклирање се придонесува и за заштеда на вода и на електрична енергија.
 
 
Претставничката од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) Александра Караевска-Димовска истакна дека главна цел на Проектот е воспоставување на економски вредносен синџир на рециклирање стакло во регионот. Во таа насока се реализираат низа активности, меѓу кои: поставување на соодветна инфраструктура на контејнери за одложување на стаклото во пилот-општините; зголемување на собраните количини на стакло за 20% и развивање на три бизнис модели за општините (урбан, рурален и ХОРЕКА ) што во следниот период ќе послужат како урнек за успешно управување со отпад од стакло. Таа нагласи дека Проектот опфаќа и кампања за едукација на населението за важноста од селектирање на стаклото.
Претставникот од ПАКОМАК, Ико Брдароски изрази благодарност до ГИЗ за укажаната доверба и вклучувањето во Проектот, како компанија која обезбедува дел од контејнерите и која се грижи околу инфраструктурната поставеност како и за собирањето и следењето на целиот процес на депонираните количини на стаклена амбалажа.
Проектот „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан“ е финансиран од Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) и компанијата ПАКОМАК (Македонија), во рамки на програмата за соработка со бизнис секторот DeveloPPP.de.