ЗЕЛС организираше тестирање на кандидати за проверка на знаењата за стекнување на лиценца - ,,БФЦ СЕЕ евалуатор“

 ЗЕЛС како акредитиран Технички секретаријат за нашата земја за Програмата за сертификација на градови и на општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (БФЦ СЕЕ), на 15 септември, 2023 година, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот организираше тестирање на знаењата на кандидати за стекнување со лиценца за БФЦ СЕЕ евалуатор. Кандидатите го полагаа испитот по електорнски пат и имаа можност во период од 150 минути да одговараат на четири сета на прашања, или вкупно на 28 прашања. Тестовите беа  подготвени од страна на  Акредитациското тело на BFC SEE стандардот во согласност со четвртата едиција на Програмата. Право на полагање имаа само оние кандидати кои претходно ја проследиле дводневната обука што беше организирана во мај, оваа година, исто така, во ЗЕЛС тренинг центарот. Лиценцата на евалуаторот е временски поврзана со важноста на постојната едиција, односно се до воведување на нови промени  и нивно заокружување во нова едиција.

 Заинтересираните општини/градови од нашата земја и од регионот, кои досега не учествувале во Програмата на БФЦ СЕЕ, имаат се уште можност да се пријавата на јавниот повик што поставен на веб страната на ЗЕЛС https://zels.org.mk/newsd/5150  се до  исполнувањето на предвидената бројка од 50 градови и општини од сите земји учеснички во оваа Програма (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора).  Досега од нашата земја се пријавени општините : Валандово и Кочани.

 Улогата на евалуаторот  во процесот на сертификација на општината

Улогата на евалуаторот е од големо значење за општината или градот кандидат за стекнување на БФЦ СЕЕ сертификат. Задачата на евалуаторот  е да изврши проверка на квалитетот на податоците доставени од општината во прегледот на нумеричките показатели и доставените извори; потоа при самата дводневна евалуациска посета  на општината каде  низ дискусија со членовите на  определениот општински тим ќе  се дискутира за сите можности за подобрување на процесите и обезбедувањето на поквалитетни докази; во подготовката на прелиминарниот и на конечниот евалуациски извештај и потоа во постапката со верификациониот тим. Фокусот пред се е ставен на   спроведување на квалитетна процена на валидноста на доставените податоци, на нивниот интегритет, веродостојност и навременост. Низ соработка и поддршка на општинскиот тим треба да поттикне обезбедување на максимум квалитетни податоци и спроведени постапки од страна на локалната власт, што ќе и донесат сертификација, односно потврда дека ги исполнила  утврдените стандарди за да биде дел од  регионалното семејство на БФЦ СЕЕ сертифицирани општини и градови кои се пријателски насочени за поддршка и соработка со локалната стопанска заедница. Евалуаторите се должни постапката на сертификација да ја вршат непристрасно и објективно.

 Критериуми и методологија за стекнување на БФЦ сертификата на општината /градот

Во новата, четврта едиција на БФЦ СЕЕ стандарди  утврдени се 10 критериуми со 62 подкритериуми. Според утврдениот систем на оценување, општината мора да исполни најмалку над 50% од секој од десетте критериуми, а особено да ги исполни сите елиминациски критериуми. Всушност, пред да одлучи да влезе во ваков процес, општината задолжително спроведува самоевалуација за да утврди дали ги исполнува елиминациските критериуми. Во дел од елиминациските критериуми спаѓаат и следните: општината да именувала службеници или воспоставила организациска единица задолжена за локален економски развој (КЛЕР); да има важечка Стратегија за ЛЕР,  усвоена од Совет на ЕЛС и таа да е достапна на интернет страницата; да има формирано Економски совет, што  учествува во разгледување на прашања што се однесуваат на деловната заедница и да одржува состаноци најмалку три пати во годината, а предлозите што произлегуваат од состаноците да се земаат во предвид при донесувањето на релевантни одлуки на локално ниво;  општина  да има важечка просторно планска документација која овозможува издавање на градежни дозволи и други.

Во четвртата едиција новина се и двата последни критериума (9 и 10).  За деветтиот се добиваат максимум 15 %  бодови и е показател за ,,нумерички податоци“, односно дека општината е насочена кон собирање на податоци и спроведување на анализи врз кои ги темели своите планови и своето работење. За десеттиот критериум- „иновации и добри практики“ општината може да добие максимум 10 %  од вкупните бодови. Всушност со десеттиот критериум општината треба да ја докаже посветеноста кон: воспоставување на брзи и достапни услуги за своите граѓани, меѓу кои се електронските услуги; воспоставување или поттикнување на програми за обуки за start –up и мали претпријатија; воведување иновации во организациските капацитети на ЛЕР; применување на иновативни технолошки решенија што придонесуваат за заштита на животната средина и енергетска ефикасност и други иновации.

Програмата БФЦ СЕЕ овозможува општината да ги подобри услугите и информираноста на стопанствениците и потенцијалните инвеститори.

 Сертификацијата на градови и општини со поволно деловно опкружување (BFC SEE) е единствена програма за подобрување на квалитетот на услуги и информации што локалните самоуправи во Југоисточна Европа ги даваат на стопанственици и потенцијални инвеститори. Оваа Програма носи привилегии за сите кои успешно ќе го завршат процесот и ќе ги исполнат условите за да бидат носители на ова престижно признание, меѓу кои се: позиционирање на мапата на најповолни инвестициски дестинации во Југоисточна Европа; создавање на имиџ на модерна и агилна локална администрација посветена на обезбедување и креирање на квалитетни услуга за стопанствениците и за граѓаните; можности за учество во развојни проекти, студиски посети и регионални иницијативи;  размена на знаења со најуспешните градови и општини и  други.