Излезе од печат Гласило на ЗЕЛС за септември

 

 

ЗЕЛС реализираше повеќе активности во текот на месец септември и за дел од нив можете да се информирате во ова издание на Гласило на ЗЕЛС.  Кон крајот на септември, ЗЕЛС достави барање до претседателот на  Собранието на РСМ и до сите координатори на пратеничките групи при разгледувањето на ребалансот на Буџетот на државата да се заложат за обезбедување на доволно средства за финансирање на противпожарната заштита, која преку територијалните противпожарни единици е во надлежност на единиците на локалната самоуправа. Особено, да се обезбедат потребните средства за покачувањето на платите на пожарникарите од 10 %, што е изоставено во оваа наменска дотација. По тој повод, претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, оствари средба и со министерот за финансии на РСМ, кој гарантираше дека ќе бидат обезбедени 60 милиони денари за покачување на платите на пожарникарите. На средбата, присутните беа информирани дека со измените во Законот за буџети, од 1 јануари 2024 година, општините ќе одлучуваат самостојно при вработувањето на нови лица во сите децентрализирани надлежности .

Поврзани со финансирањето на општините се и темите на состаноците на  Комисијата за следење на развојот на системот на финансирање на единиците на локалната самоуправа. На почетокот на септември  беа разгледани предлог-уредбите за блок дотациите за детските градинки, за старските домови и за културата. Дел од коментарите одеа во насока дека на општините треба да им се даде поголема самостојност во управувањето со средствата од блок дотациите, како и дека не смее да се дозволи Владата да ги усвојува методологиите за блок дотациите, без претходна согласност од Комисијата .

ЗЕЛС, како акредитиран Технички секретаријат за нашата земја за Програмата за сертификација на градови и на општини со поволно деловно опкружување во Југоисточна Европа (БФЦ СЕЕ), во септември, во просториите на ЗЕЛС тренинг центарот организираше тестирање на знаењата на кандидати за стекнување со лиценца за БФЦ СЕЕ евалуатор. Заинтересираните општини/градови од нашата земја и од регионот, кои досега не учествувале во Програмата на БФЦ СЕЕ, сè уште имаат можност да се пријавата на јавниот повик што поставен на веб-страницата на ЗЕЛС https://zels.org.mk/newsd/5150 .

Околу 30 претставници од шест пилот-општини од Пелагонискиот Регион и од Југозападниот Регион, вклучени во проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ каде што ЗЕЛС е еден од партнерите, учествуваа на работилница за подготвување на изработка на Локален акциски план за управување со отпад. Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети ‒ Фаза 2“ беше спроведена работилница за општинските советници кои се членови на Тематската работна група за јавни дејности. „Инвестиции во зелена инфраструктура“ беше главната тема на јавниот настан на Форумот за граѓанско општество на Берлинскиот процес за „Клима и зелена агенда“, што во септември се одржа во Скопје. Во рамките на поттемата „Доброто владеење во животната средина“, претставникот од ЗЕЛС нагласи дека ако седумдесет проценти од активностите предвидени во европското законодавство за животна средина и зелена енергија треба да бидат имплементирани на локално ниво, тоа треба да значи и обезбедување на соодветни финансиски средства и подготвена општинска администрација, како и одлична заемна соработка меѓу локалната и централната власт при усогласување на потребите и можностите за успешна реализација.

 

Гласило 09.2023