Повик за избор на општина за развивање на локални политики и мерки за управување со отпад со вклучена родова перспектива

Заедницата на единиците на локалната самоуправа-ЗЕЛС е ангажирана на проектот на НАЛАС “ Вклучување на родовата перспектива во испораката на локални услуги низ земјите од Југоисточна Европа преку НАЛАС“ за изработка на студија на случај и алатки за учење како и избор на најдобри пракси во оваа област.

Согласно проектните активности е предвидено да се изработи Методологија за развивање на локални политики за управување со отпад со интегрирана родова перспектива. Согласно тоа треба да се идентификува општина коjа покажува посветеност и прогрес во спроведување на континуирани активности во родовата еднаквост, инклузивно владеење и одржливи еколошки практики. 

За таа цел го објавуваме овој Повик до општините кои ќе изразат интерес и ги исполнат наведените критериуми со што потврдуваат дека ја вклучуваат родовата перспектива во локалните политики и буџет, особено во областите каде што родот обично е недоволно застапен.

Општините кои ќе аплицираат треба да ги исполнат следниве критериуми:

1. Усвоена Европска Повелба за родова еднаквост или има отпочнато процес на усвојување

2. Општината да е дел од менторската програма на UN Women

3. Усвоена на совет Програма за еднакви можности на жените и мажите за 2025 година со интегрирани родови индикатори и алоциран буџет.

4. Практикува родова анализа на основа на родово разделени податоци во креирање на локални политики

5. Активна Комисија за еднакви можности на жените и мажите (најмалку две седници годишно).

6. Да имаат актуелен Локален Еколошки Акциски План

7. Спроведено најмалку 3 родово одговорни мерки од изминатата година од Програмата за еднакви можности или било која друга Програма, а кои имале буџетски импликации и кои допринеле кон надминување на идентификуван родов јаз. 

Предност ќе има општината која има спроведено активност(и) или политики за управување со отпад со вклучена родова димензија, пр.

7.1 Кампања за управувањето со цврстиот отпад (селекција, рециклирање, депонирање на отпад, итн.) во која се земени во предвид потребите на жените и мажите, девојчињата и момчињата

7.2 Родова анализа за управувањето со отпад

7.3 Родов баланс во управувачките структури во ЈП

7.4 Мерка за циркуларна економија со интегриран родов аспект

8. Дополнителна предност е и ако има општината склучен договор за меѓуопштинска соработка во доменот на управување со отпад

9.     Подмирена чланарина кон ЗЕЛС, заклучно со 2024 година.

Општините кои ќе аплицираат на повикот ќе имаат обврска и да учествуваат на е-курсот на е-Академијата на НАЛАС на тема “Вовед во вклучувањето на родовите аспекти во политиките на локално ниво“.

Процес на селекција 

Приемот на апликации ќе го извршат лицата задолжени за имплементација на проектот во ЗЕЛС, a изборот на општина и проверка на исполнувањето на критериумите ќе го врши мешовита Комисија за селекција од ЗЕЛС и НАЛАС.

Мотивација

Избраната општина покрај зајакнување на капацитетите за вклучување на родовата еднаквост во политиките и услугите за управување со отпад ќе добие и финансиска поддршка за имплементирање на родова мерка во оваа област во вредност од 8.000 евра.

Потребна документација 

Заинтересираните општини во писмена форма ќе треба да достават писмо за интерес во кое ќе наведат дека горенаведените критериуми се применуваат во нивната општина, најдоцна до 14ти март 2025 година на email адреса: contact@zels.org.mk

Дополнителни прашања може да доставите до Ирена Николов на е-маил: irena.nikolov@zels.org.mk и 078/293 532.  

АНЕКС 1: Образец за пријавување за општините  за развивање на локални политики и мерки за управување со отпад со вклучена родова перспектива