Средба на претставници од ЗЕЛС со министерот за транспорт

Врз основа на Заклучок донесен од страна на Управниот одбор на својота последна, 27-ма седница, овој орган на ЗЕЛС формираше делегација која требаше да ги отвори прашањата поврзани со донесување на унифициран Правилник за стандарди и нормативи за поставување на урбана опрема од аспект на зголемени стандарди на заштита и спасување. Оваа делегација одржа состанок со Министерот за транспорт г. Николоски и претставници на неговиот кабинет. Покрај прашањето поврзано со нормативното уредување и проблемите поврзани со поставувањето на урбаната опрема, на состанокот се разг овараше и за постапувањето со дивоградбите, прашањето за овозможување на термини за одржување на испити за стекнување со лиценци за управување со градежно неизградено земјиште и друго. Делегацијата на ЗЕЛС беше составена од Висар Ганиу, Максим Димитриевски, Кирил Пецаков, Сашко Митoвски и Горан Герасимовски.

Градоначалниците, претставници на ЗЕЛС и Министерот отворија дискусија по сите прашања, при што беше Заклучено следното:

1. Во однос на прашањето поврзано со поставување и надзор над урбаната опрема, Министерот во начело го прифати барањето на ЗЕЛС утврдено како став на Управниот одбор, преку измена на Законот за градење да се утврди дека стандардите и нормативите за поставување на урбана опрема се пропишуваат со Правилник, при што ЗЕЛС треба да достави свој предлог на разгледување во Министерството за да може да се започне постапка на изменување и дополнување на соодветниот Закон. Работната група да продолжи со својата работа и да изготви Нацрт – Правилник, тој да биде изготвен во консултација со сите општини, со истиот да бидат заштитените подрачја за кои е надлежно Министерството (со оглед дека истите подлежат на регулација врз основа на други прописи) а во меѓувреме општините да не ја запрат работата на угостителите со издавање на решенија за поставување на урбана опрема кои би биле со рок од 30 дена со право на нивно обновување. Со новиот правилник да се даде рок на угостителите кои веќе имаат поставено урбана опрема да се усогласат со истиот рок. 

2. Во однос на прашањето за легализација на објектите, заради изнаоѓање на можност да се легализираат објекти кои се нелегално изградени по 2011 г. но со утврдување на повеќекратен надомест, со прецизно утврдена постапка на докажување на периодот на изградба преку вештачење и категориите на објекти кои би биле опфатени, беше заклучено дека ова прашање треба да го отвори ЗЕЛС во рамките на својата организација за да изгради воедначен став, па во ист или во прошитен состав да се одржи нова средаба со министерот во текот на месец мај. 

3. Во однос на темата поврзана со организирање на испит за стекнување со овластување за располагање со градежно земјиште, беше заклучено дека е воспоставена координација со Министерството за дигитализација, дека инсталацијата на опремата е веќе завршена и дека во моментот се изработуваат подзаконските акти, со што се очекува дека за краток период ќе се надмине и ова прашања. Беше изразено верување дека полагањето на службениците од локалната самоуправа ќе има приоритет.