Во Скопје се одржа третиот состанок на Заедницата на пракса за делиберативна демократија во Југоисточна Европа

Заедницата за пракса за советодавна (делиберативна) демократија во Југоисточна Европа, на 24 април, 2025 година, го одржа третиот состанок во Скопје. ЗЕЛС и трите општини од нашата земја: Аеродром, Македонски Брод и Центар се дел од ова тело, заедно со вкупно осумнаесетте локални самоуправи и седумте здруженија на локални власти од земјите од Западен Балкан. Заедницата за пракса за советодавна демократија е формирана минатата година, како дел од регионалниот проект „Промовирање на делиберативна демократија и иновативно учество на граѓаните во Југоисточна Европа“ што е имплементиран од Центарот за повеќестепено управување при Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, во партнерство со НАЛАС, со финансиска поддршка на Германија. ЗЕЛС ја има  улогата на координатор на Проектот,  за општините во нашата земја. Оваа иницијатива е во согласност со Принципите за демократија од Рејкјавик, препораката на Советот на Европа за делиберативна демократија и препораката на Конгресот на локални и регионални власти за употреба на дискусиони методи во европските општини. 

Главна цел на Заедницата за пракса за советодавна (делиберативна) демократија е да се промовираат граѓанските дискусии и да се разменуваат иновативните пристапи за зајакнување на претставничката демократија и спроведувањето на подобри локални политики. Исто така, цел е и да се зајакнат капацитетите на општините од Југоисточна Европа, со посебен фокус на локалните власти од: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, да го унапредат разбирањето на специфичните елементи и чекори за организирање на граѓански собранија (особено во фазата на имплементација) и да ја разберат  улогата на невладините организации во организацијата на овие граѓански собранија. 

Во таа насока беше реализиран и овој трет состанок во Скопје, каде беше презентирано и искуството на Град Скопје, во организирањето и функционирањето на „климатското граѓанско собрание“. Градоначалничката, Данела Арсовска, која воедно е и делегат на ЗЕЛС, во Конгресот на локални и регионални власти при Совет на Европа,  го објасни целиот процес на организирање и мобилизирање на ова тело и говореше за предизвиците, но и за придобивките за граѓаните и за Градот од  него. На состанокот присуствуваше и Габриела Илиевска, претседателка на Совет на Општина Битола, која, исто така, е  делегат на ЗЕЛС во Конгресот.  Џими Мелони,  делегат во Конгресот на локални и регионални власти при Совет на Европа од Ирска, пред присутните беа изнесени искуствата на локалните власти од неговата земја. На состанокот присутните беа информирани и за подготовките за одржување на информативните сесии, што во месец мај, во нашата земја, ќе ги следат претставници од општинските совети, градоначалниците и претставници од општинската администрација од општини : Аердором, Македонски Брод и  Центар, членки на Заедницата за пракса за советодавна (делиберативна) демократија во Југоисточна Европа. На сесиите ќе се говори за начинот на формирање на делиберативните собранија, областите  на нивното дејствува и придобивките. Овие активности ги реализираат претставниците од трите општини, со поддршка на ЗЕЛС и проектот, кој ќе ги стави на располагање четворицата обучувачи за Северна Македонија.