ЗЕЛС ја поддржа акцијата за расчистување на отпад – ,,Генералка викенд“
-„Чистата животна средина не е само слика – таа е предуслов за здравје, достоинствен живот и одговорно општество. Ако сакаме почисти улици, поубави паркови, поздрава иднина – мораме сите да бидеме дел од решението. Ваквите настани се важни, но уште поважно е оваа енергија да се пренесе во секојдневието, во секојдневната работа на институциите и во навиките на сите граѓани. Нека ,,Генералка Викенд, 2025 година“ биде потсетник – дека кога ќе се здружиме, можеме да направиме вистински, опипливи промени“. Ова го истакна претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на настанот со кој официјално започна најголемата годишна акција за чистење на отпад во земјава- „Генералка викенд“ , што оваа година се одржува по петти пат. ЗЕЛС дава силна поддршка на активностите за заштита на животната средина и ,,нулта отпад“, и со организаторот и основач на ,,Генералка Викенд“ - ,,Мен енд Маунтен“ има склучено и Меморандум за взаемна соработка. Поддржувачи на оваа акција се и Црвен крст на РСМ и МЖСПП. Идејата на ,,Генералка викенд “ е да се покрене еко свеста на граѓаните и со здружени сили да се издигне важноста за почиста животна средина.

На Скопскиот Аквадукт, на кој започна акцијата присуствуваа повеќе од 200 граѓани – волонтери, а поддршка дадоа и претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска; вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити; министерката за образование и наука, Весна Јаневска; потпретседателот на ЗЕЛС, Висар Ганиу и Амбасадорот на Австрија, Н.Е. Мартин Памер. Потпретседателот на ЗЕЛС, кој е градоначалник на Општина Чаир, на чија територија се наоѓа археолошки локалитет, Скопскиот Аквадуктот, значајно историско и културно обележје во нашата земја, посочи дека општините имаат големи предизвици околу управувањето со отпадот. При тоа Ганиу нагласи дека токму поддршката од граѓаните за вакви заеднички активности како и подигањето на колективната свест, отпадот да се селектира и да се фрла на соодветни места наменети за тоа, доведуваат до заштита на животната средина и подобро здравје на сите.
Тридневните активности ќе се реализираат на околу 500 локации со учество на над 200.000 волонтери
На годинешната ,,Генералка Викенд,“ околу 20.000 волонтери ќе го чистат отпадот на повеќе од 500 локации во сите општини низ земјава, вклучувајќи и национални паркови. Во акцијата се вклучени над 600 организации, институции и компании, еколошки, граѓански, спортски здруженија, пензионерски организации, јавни институции, локални и урбани заедници, градинки, училишта, факултети... За прв пат оваа година со поддршка на Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, ,,Генералка викенд “ ќе биде вклучена и во едукативниот проект „Еко час“. На 9 мај, 2025 година учениците со своите наставници ќе ги чистат училиштата, а на 10 мај со своите семејства ќе помагаат во отстранување на отпадот од домовите и од просторот околу нивните живеалишта, додека на 11 мај, ќе ги чистат парковите и пикник местата во нивното опкружување. При тоа учениците добија задача да ги документираат активностите, преку фотографии, што ќе ги презентираат во понеделник, на првиот училиштен час. Од започнувањето на оваа еколошка акција за собирање на отпад, поточно во изминатите четири години, собрани се еден милион килограми отпад и биле исчистени повеќе од 1000 локации, со учество на над 44.000 волонтери.
Во ноември, по петти пат ќе се реализира и акцијата за пошумување - „Сончева гора“
Секоја година по завршувањето на еко- акцијата „Генералка викенд“, врз основа на воспоставен десетгодишен меморандум за соработка меѓу „Мен енд Маунтен“ и Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми, се организира втор дел од акцијата, во месец ноември, наречен- ,,Сончева Гора“, што подразбира пошумување на државно земјиште. На секои 10 килограми собран отпад се посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Во изминативе години беа засадени над 120.000 садници на различни локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.


